Тензии околу ЦЕТА - ЕУ и Канада повторно разговараат
22 октомври 2016„Не можеме да се откажеме на последните метри“, напиша изутринава на Твитер претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, известувајќи дека ја поканил на разговори во Брисел канадската министерка за трговија Кристија Фриланд. Таа пак, при пристигнувањето во ЕП, изјави дека „топката сега е на полето на Европа“. „Се надеваме дека е можно да се најде решние“, рече Фриланд.
По разговорите со канадската министерка, Шулц разговараше и со премиерот на белгискиот регион Валонија, Пол Мањет. Валонија во моментов го блокира планираниот договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада - ЦЕТА. По средбата Шулц рече дека е оптимист оти ќе се најде решение, а Мањет констатираше дека е потребно уште малку време.
Валонскиот регионален парламент пред една недела со значително мнозинство гласаше против ЦЕТА. Тоа значи дека Белгија, и покрај тоа што регионот Фландрија рече „да“ за договорот, не може да даде зелено светло за ЦЕТА. Со оглед на тоа што во ЕУ е потребна едногласност, целиот договор сега е под мраз.
Вчера, на самитот на ЕУ во Брисел, учесниците со доза на неверување следеа како малиот регион Валонија со околу 3,6 милиони жители го блокира договорот, кој треба да важи за околу 500 милиони Европејци. Валонија бара широки гаранции за заштита на своите селани и сигурност дека нема да дојде до претерано влијание на меѓународните концерни.
Валонскиот премиер Мањет тврди дека во преговорите веќе е постигнат „значаен напредок“, но сепак бара уште малку време за да се постигне согласност. Вчера канадската министерка Фриланд ги прекина преговорите со Валонија. „За мене, за Канада, е очигледно дека ЕУ во моментов не е во состојба за склучување меѓународен договор“, рече таа, додавајќи дека е „многу разочарана“.