1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензичен Божик во Црна Гора

БГ /АФП
7 јануари 2020

Православните верници во Црна Гора во одвоени табори го прославуваат големиот христијански празник. Законот за верски слободи предизвика поделби во земјата и ги наруши односите со соседна Србија.

Montenegro Proteste gegen umstrittenes Kirchengesetz in Podgoria
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Vujovic

Две ривалски групи верници се собраа во Цетиње на бадниковата прослава. Одделени само 100 метри едни од други, мирот меѓу припадниците на Српската и на Црногорската православна црква го одржуваа полициски сили.
Судирот меѓу двете верски заедници се засили откако во декември парламентот го донесе контроверзниот закон за верски слободи. Со него се бара секоја верска заедница да достави докази за поседување на недвижен имот пред 1918 година кога Црна Гора стана дел од Кралството Југославија.

Владата го брани законот како мерка со која ѝ се враќа имот на државата кој законски ѝ припаѓа. Српската православна црква обвинува дека државата сака да ѝ украде стотици цркви и манастири на вредно земјиште. Го обвинува и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ дека го користи законот за да ги засили позициите на Црногорската црква, која беше возобновена во 1990-те. 

Од усвојувањето на законот илјадници луѓе учествуваат на вечерни протестни маршеви во повеќе градови во земјата и бараат негово повлекување. И самото гласање на законот во парламентот предизвика инциденти. 
„Принудени сме да се бориме за зачувување на нашите светости на улиците“, вели Иван Ивановиќ, 41-годишен учител.

Свештеници на СПЦ на протести во ПодгорицаФотографија: picture-alliance/AA/M. Vujovic

На протестите им се приклучија и српскиот амбасадор во Црна Гора, како и лидерите на просрпските опозициски партии.

Поглаварот на Црногорската црква Михаило оцени дека „по 50 години Црна Гора конечно добива закон за верски слободи, кој е во склад со европските стандарди“. 

Дел аналитичари оценуваат дека црковниот проблем е некој вид прокси војна меѓу Ѓукановиќ и просрпската опозиција, која чувствува приврзаност кон Белград.

Критичарите го обвинуваат Белград дека преку Црквата се обидува да влијае врз внатрешната политика во Црна Гора.
„Откако Црна Гора стекна независност, СПЦ стана најмоќна опозиција на државата и на нејзината ориентација“, вели Веско Гарчевиќ, професор на Универзитетот во Бостон, САД и поранешен амбасадор во НАТО. 

За разлика од црногорската влада која последниве години е отворено прозападна, Србија се обидува да одржува блиски односи со својот православен брат Русија.

Околу една третина од 620-те илјади граѓани на Црна Гора се идентификуваат како Срби. Српскиот претседател Александар Вучиќ првично најави дека Бадник ќе го мине со локални Срби на северот на Црна Гора, но подоцна се предомисли. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми