Терористичката закана „непроменето висока“
4 јуни 2016Стравот истотака ќе биде присутен и кога на 10. јуни во Франција ќе биде означен почетокот на Европското фудбалско првенство. Стравот ќе игра улога и меѓу германските навивачи. Многумина од нив веројатно ќе имаат непријатно чувство кога ќе ја бодрат својата репрезентација при следењето на натпреварите на отворено пред Бранденбуршката порта или на други места. Сеќавањата на атентатите во Париз за време на натпреварот меѓу репрезентациите на Франција и Германија во минатиот ноември истотака нема да изостанат. А посебно не по последните апсења на три лица осомничени за тероризам во германските покраини Баден- Виртемберг, Бранденбург и Северна Рајна Вествалија.
Портпаролот на министерството за внатрешни работи, Јоханес Димрот актуелната состојба со терористичката опасност во Германија ја опиша како „непроменето висока“. Со поглед на ЕП во фудбал тој вели дека Германија на сојузно и на покраинско ниво „веќе одамна“ е во процес на изработка на безбедносен концепт. Тој не се однесува само на исламизмот, „туку и на хулиганството“. Од искуствата е познато дека фудбалските навивачи кои се подготвени на насилството радо ги користат големите настани како сцена за напади врз навивачите на други репрезентации или врз полициските служвбеници. Еден од најлошите напади се случи во 1998 година за време на Светското фудбалско превенство во Франција кога германските хулигани на францускиот жандарм Даниел Нивел му нанесоа повреди опасни по живот.
Безбедносен концепт за ЕП во фудбал
Јавната безбедност за време на следењето на натпревари од ЕП на отворено - т.н „паблик вјуинг“ е под надлежност на локалните сили за безбедност, вели портпаролот на министерството за внатрешни работи Димрот. Во заедничкиот Центар за одбрана од тероризам во Берлин надлежните безбедносни служби секојдневно разменуваат информации. Тие потекнуваат од полицијата, но и од Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, Сојузната канцеларија за миграција, германската разузнувачка служба -БНД и Државното обвинителство.
Шефот на Државното обвинителство Петер Франк раководи со истрагите за во четвртокот (02.06.2016) уапсените лица за кои постои основано сомнение дека се терористи на Исламската држава. Дополнителни официјални информации за апсењата и за плановите на уапсените лица досега нема. Портпаролот на министерството за внатрешни работи Димрот само упати на бројката на лица во Германија кои се сметаат за опасни за безбедноста. Според тие информации на властите им се познати точно 499 личности од исламскиот спектар за кои се смета дека имаат потенцијални терористички намери.
Диселдорф:„Јавниот живот не смее да замре“
И покрај апсењата во четвртокот сепак е прерано занова генерална проценка на состојбата со терористичката закана. Сириецот осомничен од страна на Државното обвинителство, според наводите на германските медиуми дошол во Германија како бегалец. Во врска со тоа портпаролот на министерството за внатрешни работи Димрот, вели дека безбедносните служби во иднина со „голема сериозност“ ќе ги ппроверуваат оние кои доаѓаат во Германија. Според него од почетокот на годинава сите кои доаѓаат како бегалци во Германија се регистрираат за време на преминувањето на границата. На почетокот на бегалската криза меѓутоа беше поинаку.
Претседателот на Германскиот синдикат на полицијата, Рајнер Вендт предупредува дека бегалците не смеат да бидат ставени под „генерално сомневање“. Тоа се луѓе кои пред сѐ бегаат од Исламска држава од Сирија. И се разбира дека ИД има стратешки интерес да го наруши расположението кон бегалците во Германија. И градоначалникот на Диселдорф Томас Гајзел повикува на смиреност. Населба во Диселдорф во која има многу кафулиња, според досегашната истрага, била планираната цел на осомничените терористи од ИД. „Јавниот живот не смее да замре“, предупреди Гајзел.