1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористот Невзат и Државникот Никола

3 мај 2018

Гробниот молк на западната дипломатија за Сашо Мијалков може да биде проширено со премолчено прифаќање на Груевски како нужно-злобен државник од Водно. Во име на стабилноста и евроинтеграциите - сѐ е можно!  

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Очекувано и пригодно помина неделата во одбележување на епопејата на носителите на шаренашката споменица низ евоцирање спомени од реформската Сутјеска и Неретва наречена 27 Април. Со исклучок на неколку нови информации, бескрајниот низ дебати, интервјуа и сведоштва не понудија ништо ново што би било надвор од строго контролирана политичко медиумска матрица на славење на мачеништво и кудење на противниците. Можеме да спориме, да негодуваме, но сепак таквиот пристап може да се оцени како нормален пристап на секоја политичка гарнитура заинтересирана да извлече максимум полза од насилничката глупавост на опонентите. Она што не може да се прифати како нормалност е отсутноста на влечење сериозни поуки како превенција од повторување на слични инциденти во иднина. Токму таа отсустност на поучност останува како алармантно предупредување дека не е прашање дали повторно ќе се случи 27 Април, туку местото, времето и мотивот за негова реприза.

Предупредувањето за хрониките на идните курцшлуси на политичката сцена беше пригодно испорачана од самото срце на темницата, како порака од Груевски дадена на маргините на „Памјат 27 Април 2018“ и упатена до нас (виа Заев) дека „пак ќе дојдат избори”. Со оглед на тоа што моите мисли и анализи за ликот и појавата на Груевски ги имам искажано додека беше на власт, немам намера фрустрирано да се придружувам кон сезонскиот спорт на плукање по него. Впрочем, тој и онака во оваа прилика е само повод за да потсетам на заборавениот аспект на санкционирање на политичката одговорност за 27 април и редица други крвави априлијади низ тридецениската независност.

Американската црна листа

Своевиден куриозитет е што среде сета помама за казнување на одговорните за Април 27, фокусот е ексклузивно акцентиран врз затворските санкции за извршителите на злата и евентуалните законски санкции кон мозоците во позадина на линчерајот. Но, крајно интересно е што во тековната дебата никој не најде за сходно да укаже на политичката димензија на одговорност како „self-evident” придружен елемент на биномот право и правда. Таквата заборавност не може да се толкува како почетничка заборавност, туку како смислено забошотување со одредена цел од страна на оние кои знаат многу подобро од јас и вас за што всушност станува збор. А станува збор за редица нешта – од етничките односи, до одност кон парите во политиката и сѐ до конкретните последици во форма на наведеното потсетување од страна на Груевски.

На етнички план, приказната е релативно едноставна. Како вовед во елаборацијата, вреди да се потсетиме дека и ден-денес на Американската Црна Листа стои (меѓу ред други) името на Невзат Халили, како прв Претседател на ПДП и идеолог на Илирида. И покрај тоа што токму г. Халили е еден од „виновниците” за отворањето на портите на Македонија за влез на американските сили под сини шлемови во раните 90-ти. Во неговата – политички атентатирана - кариера ќе остане запишано дека бил единствениот храбар лик подготвен да си го истакне името како прв демократски водач на албанска политичка партија во Македонија. По крајот на кариерата, неговата политичка хоризонтала ќе тече надолу, завршувајќи како митско име злоупотребувано од сурија политичко чајџилнички кибицери. За да заврши – без никогаш јасно дадено конкретно образложение – како едно од албанските имиња на Американската Црна Листа како обвинет за подривање на Рамковниот договор. Рамо до рамо со Мендух Тачи во улога на жртвени јариња  - првиот како изговор за поштедувањето на зајашките „команданти”, вториот за поштедување на Арбен Џафери и неговата аура на „вонсериски интелектуалец” и советник на Хашим Тачи. Сепак, дури и доколку на Тачи му ја прилепиме етикетата на „насилник во политиката” како изговор за наводната загроза на Охридскиот договор, каква е вината (ако воопшто ја има) на Невзат Халили за таков понижувачки и циничен третман од страна на американската дипломатија?

Симплифицирани одговори на комплицирани реалности

Одговорот на тоа прашање се состои во подеднакво збунувачката одбивност на Амбасадата и Дипломатијата на САД (но и на Евро-кратијата) за неволност и одбивање да учесниците во настаните од 27/04 ги почестат со впишување на нивните имиња во Црните Листи на неприфатливост како политичка санкција. Дури и доколку некои од директно вмешаните во насилството добијат затворски казни, неразбирливо е како никој од Кале не смета дека законските санкции треба да бидат превентнивно и поучно проследени и со политички санкции кон духовните и политичките мозоци во позадината – почнувајќи од Иванов, Груевски, Мијалков, Митко Чавков, Јанкуловска и.т. н. Надлежните дипломати од Вашингтон можат да бегаат од давање одговор за ваквите двојни стандарди, да глумат надменост дека „некои прашања не заслужуваат одговор”, но дилемата зошто Невзат, а не и Груевски, зошто Мендух, а не и Мијалков, зошто Хаџиреџа, а не и Чавков, останува да виси како прашалник над нивната крепост на Калето и потсмешлив извичник среде секој иден збор во држење лекции за демократија, право и политичка одговорност. 

Други колумни на авторот:

Природата на стаорците во новиот светски поредок

Teşekkürler Recep, Спасибо Влади́мир

За Албанците ова поведение на амеро-европската полит-дипломатија е интерпретирана потврда за двојните аршини од Кале. За Македонците повод за давање контрааргументи за амнестијата дадена на Али и Муса и слични. И двете страни со свои аргументи, и двете страни со симплифицирани одговори на сепак многу покомплицирани реалности. И двете страни заборавни за еден мал детал од историјатот на црни-листи кој разјаснува многу доколку потсетиме дека наведената Црна Листа не случајно е во надлежност на Американскиот Департмент за Финансии (приближно толкување на US Department of the Treasury), а не на Стејт Департментот, Пентагон или Националниот совет за безбедност како, нели, логични испостави надлежни за воено-политичка безбедност или надворешни работи. Тој мал детал е доволен за потсетување дека Невзат Халили нема никаква позначајна имотно-финансиска благосостојба (напротив, за жал!) која би била загрозена од Црната Листа. Додека пак богатствата на Мендух се лоцирани низ сокаците на Тетово и без банкарска сметка отаде океанот. Би сакал да бидам демантиран, но површното гледање на албанските имиња од Црната Листа не дава причина за верување дека кој било од нив има некаква позначајна врска со финансии или имоти отаде Атлантикот или низ Европа. Што се однесува до Али Ахмети, Муса Џафери, можам само да кажам – не знам, замолете ги внуците да ги прашаат Американците.

Реанимација на политички ликови

Токму тоа прашање добива уште повеќе на битност во случајот на првенците на ВМРО-ДПМНЕ вклучени во насилства низ Македонија, со посебен осврт на Собраниските настани. Дали причината за нивно невклучување во Црни Листи е мотивирано од нивните чести дружења низ Америки со видни тајкуни, политичари, конгресмени и банкари? Дали имањето банкарски сметки и имоти низ САД се мотивот за нивно поштедување од ставање на срамни столбови? Дали, и дали повторно, Невзат е на листа поради тоа што е Албанец, или пак е сиромашен Албанец за поткусурување, за разлика од богатите Ѓорѓии, Сашовци, Груевци, Чавковци, Ахметовци, Џаферовци? Повторно, не знам, замолете ги внуците да ги потпрашаат Американците. Бидејќи денес тие секако ќе ја отфрлат со индигнација таквата неконструктивна замисла на авторот.

Но сепак треба да се прашуваат. Периодично, но упорно. За наше добро. Бидејќи, нашето наивно прифаќање на благопријатни non-denial denial деманти, паралелно со куриозната (и логична) неволност на реформаторите од СДУИ да бараат разјаснување, остава простор за Груевски да испраќа пораки за новите избори кои ќе дојдат. Таквата слобода на Груевски не е демонстрација на неговата храброст и мажевност, туку свест дека е амнестиран од политичка одговорност од страна на меѓународната заедница. Верувањето дека тој е политички мртовец е наивност пар екселанс, заснована врз неговата моментална релативна непопуларност. Оние, пак, кои веруваат дека популарноста е решавачки фактор во реанимација на политички ликови, треба да се потсетат на курватурата низ која претходникот на Никола Груевски во ВМРО-ДПМНЕ ја има поминато од љубимец на Олбрајт, до омразен „фан на Бин Ладен” и на крај до кроткото стоење како учениче додека Филип Рикер го тапкаше по рамо пред американсската резиденција на Водно.  

Парите го вртат светот, а со него и политиката. А доколку имате голем проблем со меѓународната – тоа значи дека ви требаат уште повеќе пари. Што значи, Груевски всушност и нема некој голем проблем за да си обезбеди враќање на врвот на политичката сцена, во прегратките на меѓународната, во скутот на Али Ахмети, рамо до рамо со Ѓорѓе Иванов и останатите пишман-русофили. Неговото враќање само ќе биде забрзано со неспособноста (читај: спречувањето) на Мицковски да ја воздигне ВМРО-ДПМНЕ до рамниште на закана по Заев како превентива од сегашното засилено забегување на СДСМ по теркот на претходниците. Гробниот молк на западната дипломатија за улогата и факторот Сашо Мијалков може само да биде проширено и надградено со премолчено прифаќање на Груевски во улога на нужно-злобен државник од Водно. Во име на стабилноста и евроинтеграциите – и сѐ е можно!  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми