1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Теророт го ничкоса туризмот во Турција

Жан Данхонг/З.Ј.30 јуни 2016

Нападот на аеродромот во Истанбул со 41 загинати ја погоди в срце Турција. Уште пред овој терористички бројката на странски туристи бележеше негативен тренд, кој веројатно ќе влијае врз целокупната стопанска конјунктура.

Фотографија: Reuters/G. Tomasevic

Истанбул го сметаат за порта кон Турција. Тука не само што се среќаваат два континента, туку и две светски религии. Пред 1500 години таму еден римски император ја изгради најраскошната црква во христијанскиот свет. Претците на Турците 900 години подоцна го освоија Истанбул и Света Софија („Светата Мудрост“) ја претворија во џамија.

Во јануари годинава во терористички напад во близина на светилиштата беа убиени 12 германски туристи. Потоа во Турција нагло падна бројката на посетители од Германија – според германскиот Туристички сојуз, за цели 35 проценти. Пред тоа таа беше трета меѓу најомилените годишноодморски земји за Германците: лани ја посетија околу 5,6 милиони, со што Германците беа најмногубројни странски туристи во Турција.

Завчера, непосредно пред нападот на аеродромот во Истанбул, турското министерство за туризам ги објави податоците за бројката на странски гости што ја посетиле земјата во мај: вкупно 2,5 милиони, што е 34,7 проценти помалку од минатогодишното ниво. Приближно за толку опаднаа туристите од Германија, а Руси веќе речиси и нема – нивната бројка во споредба со ланскиот мај се намали за скоро 92 процента!

Неџип Ц. Багоглу, претставник на ГТА (Трговија и инвестиции на Германија)Фотографија: Studio Prokopy

Натамошна штета за туризмот

Со други зборови кажано, новиот терористички акт го погоди турскиот туризам во момент кога тој и без тоа беше во лоша состојба. „Може да се смета дека вчерашниот напад натамошно ќе го погоди и онака слабиот туристички бизнис“, вели Неџип Ц. Багоглу, претставник на ГТА (Трговија и инвестиции на Германија) во Истанбул. Ни германската туристичка бранша по нападот веќе не верува во скорешно динамизирање на бизнисот со Турција. Претставник на туристичкиот концерн Томас Кук оцени дека овој удар дополнително ќе ја погоди Турција, а во ТУИ, водечкото претпријатие на туристичкиот пазар во Германија, очекуваат преполовување на резервациите за летување таму.

Туризмот се вбројува меѓу најважните стопански гранки во Турција. Тој сочинува околу 10 проценти од вкупниот домашен бруто производ. Не се во прашање само посетителите што ги привлекува Истанбул, туку далеку повеќе се летувалци кои ја ценат Турција поради убавите плажи и ниските цени. Во време кога кризата во Европа беше на кулминација, Турција бележеше фантастични стапки на стопански пораст, оти конкурентот Грција беше оптоварен со несигурната политичка ситуација и скапото евро. Сега теророт повторно ја врти матицата на германските туристи од Турција кон Грција.

Негативни влијанија врз севкупната економија

Неџип Ц. Багоглу во разговорот за ДВ проценува дека нападите ќе имаат негативно влијание врз севкупната економија, но вели дека „треба да се сочека за да се видат размерите на тие негативни ефекти врз стопанскиот пораст“. Турската економија бележи јасен пораст – во првиот квартал годинава стапката изнесуваше 4,8 проценти во однос на истиот период лани. За целава 2016. година се прогнозира стапка на пораст помеѓу 3,5 и 4 проценти.

За индустриски земји како Германија тоа се забележителни бројки, но за земја во забрзан подем како Турција тоа е скромна стапка. Кога сегашниот претседател Реџеп Тајип Ердоган пред околу еднаипол деценија стана премиер, Турција беше блиску до двоцифрени стапки на стопански пораст.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми