1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терор: Новогодишната забава во Берлин во опасност?

Кај-Александер Шолц / Е.М. Фиданоска30 декември 2015

На новогодишната забава пред Бранденбуршката порта во Берлин доаѓаат стотици илјади луѓе. И годинава радоста во очекување на забавата на отворено е голема. Но, со радоста се меша и загриженоста поради можни напади.

Berlin, Neujahrsfeiern
Фотографија: Reuters

Во Германија за новогодишната ноќ годинава во сила се зајакнати безбедносни мерки. Тоа највидливо ќе биде во Берлин. Таму, каде што треба да се одржи најголемата забава во земјата. Меѓу Бранденбуршката порта и Столбот на победата со години стотици илјади луѓе ѝ посакуваат добредојде на новата година. Меѓутоа, оној кој годинава сака да биде на тоа место, ќе мора претходно добро да ги проучи безбедносните насоки на полицијата. Забранети се ранци, чанти, куфери или столчиња на расклопување, исто како и шишиња од стакло и муниција за огномет, мегафони или ласерски покажувачи.

Целиот простор околу оваа т.н. зона за забава е блокиран со денови. На влезовите ќе биде вршена контрола на лица. Ангажирани се околу 900 полицајци и 600 редари. Толку многу луѓе кои се грижат за редот и мирот досега немало.

Црвениот плоштад - затворен

Но, сепак - забавата ќе се одржи. Во Москва Црвениот плоштад останува затворен. Секој кој ќе се приближи до плоштадот, ќе биде вратен од страна на полицијата, го цитира агенцијата АФП шефот за безбедност во Москва, Алексеј Мајоров. Официјалното образложение гласи: на плоштадот се одржува концерт кој се пренесува од страна на државната телевизија „Канал еден“ и на кој присуствуваат само поканети гости. Но, дел од жителите на Москва сметаат дека ова е изговор. Затворањето на Црвениот плоштад е исто како „затворање на Тајмс Сквер во Њујорк“, оцени поранешниот пратеник Александер Клиукин за радио „Комерсант“.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Австриските медиуми непосредно по вториот ден на Божик јавија дека постои предупредување од тероризам за европските главни градови. Информацијата за тоа потекнувала од пријателска тајна служба. Според таа информација, потенцијални атентатори се веќе на пат за Европа. Полицијата во Виена потоа соопшти дека „на места каде ќе се собираат луѓе, во периодот меѓу Божик и Нова година, би можел да се случи атентат со експлозив, односно со пукање“. Информацијата укажува на „поголема од вообичаено познатата апстрактна закана“, па полициските власти во цела Европа „презеле зголемени полициски мерки“. Австриските власти, меѓутоа, досега не гледаат причина за откажување на планираните манифестации.

Од Брисел вчера дојде веста дека полицијата можеби во последна минута спречила напад, кој требало да се случи на новогодишната ноќ. Уапсени се две лица под обвинение дека планирале атентати на повеќе омилени места во Брисел за време на новогодишните прослави.

Од нападите во Париз безбедносните мерки во Германија се построги од вообичаено. На железничките станици, на пример, оттогаш патролираат полицајци со автоматско оружје. Што се однесува до предупредувањето од Виена, Министерството за внатрешни работи во Берлин не се изјаснува директно, туку „воопштено“. Портпарол на Министерството за Дојче веле изјави: „Со нашите партнери во Австрија тесно соработуваме. За деталите околу тамошните мерки не се изјаснуваме.“ Натаму се вели дека Германија, како и други европски држави, е во визирот на меѓународниот тероризам и дека и натаму мора да се смета со зголемена опасност. Безбедносните власти, во врска со ова, и натаму ќе ги проверуваат информациите кои ги добиваат и ќе ги прилагодуваат мерките за заштита на актуелната ситуација.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми