1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Тест-центри за коронавирус на германските аеродроми

Лиза Хенел
28 јули 2020

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан планира да воведе задолжително тестирање за туристите кои се враќаат од ризични подрачја, меѓу кои е и Северна Македонија. Како функцинираат мобилните тест-центри?

Deutschland | Gesundheitsminister Spahn |  Corona-Testpflicht für Rückkehrer aus Risikogebieten
Фотографија: Getty Images/T. Lohnes

Виктор и неговата сопруга Маргарита чекале еден час за да бидат тестирани. Тие, заедно со 13-годишната ќерка, тукушто слетале на аеродромот Келн-Бон. Биле во посета на својата фамилија во Украина. Сега сакаат да бидат сигурни дека не се заразиле со коронавирус, исто како и десетици други тоа пладне. Во редицата пред мобилниот тест-центар, бел транспортер на хуманитарната организација „Јоханитер", стојат околу 40 луѓе. Многумина со себе носат големи куфери, деца се исполегнати на ливадата и на сонце чекаат да стигнат на ред за тестирање.

Сезона е на летни одмори, некои летувалци се враќаат дома. Постои големо стравување дека со себе ќе донесат коронавирус, посебно што во некои центри за одмор како австрискиот Сент Волфганг, Шпанија или Западен Балкан настанаа кластери на коронавирус. Тоа во Германија го наметна прашањето: како да се постапува со луѓето кои се враќаат од одмор?  Уште се свежи сеќавањата на австриското зимско одморалиште Ишгл, од каде пролетоска короновирусот се прошири низ цела Европа.

Виктор и Маргарита чекаат да направат корона-тест во мобилниот центар за тестирањеФотографија: DW/L. Hänel

Одговорните во Германија сакаат да спречат тоа да се повтори. Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан најави воведување задолжително тестирање за оние кои се враќаат од ризични земји. Тестовите треба да бидат бесплатни. Минатата недела германската држава и покраините договорија туристите кои се враќаат од корона-ризични области да имаат можност да се тестираат на аеродром. Покрај Келн-Бон, тест-центри веќе постојат на аеродромите во Франкфурт, Диселдорф, Дортмунд, Минстер/Оснабрик, Лајпциг/Хале, Нирнберг и Минхен. Наскоро ќе им се придружи и Берлин.

„Досега веруваме во зборот на патниците"

Овој ден со тест-центарот на аеродромот Келн-Бон раководи Нилс Кирнер. 40-годишникот носи воочлива црвена јакна со лого на „Јоханитер". Постојано му се обраќаат луѓе, иако некои претходно не патувале. Еден постар човек прашува дали може да биде тестиран иако не летал. Тој има температура и доаѓа од регионот. „Можете, но треба сами да платите", вели Кирнер. Пред човекот да застане во редицата, Кирнер го замолува добро да ја намести маската, која му се лизнала и ја покрива само устата.

Од викендот, тогаш само доброволни, тестовите на аеродромот Келн-Бон за патниците кои се враќаат од корона-ризични подрачја се бесплатни. Претходно чинеа 90 евра по лице.

Оној кој сака да биде тестиран, иако претходно не патувал или доаѓа од област која е класифицирана како корона-ризично подрачје, и натаму мора сам да го плати тестот. „Откако тестовите станаа делумно бесплатни, доаѓаат многу повеќе луѓе", вели Кирнер. Нивниот дневен број зависи од бројот на слетани авиони. „На викендот во една ноќ слетаа шест авиони, моравме да обезбедиме дополнителен персонал", вели Кирнер. Повремено, како во таа фрекветна ноќ, помагаат доброволци. Патниците кои се враќаат не мораа да покажат билет. „Досега им веруваме на збор на луѓето."

Повеќе на темата:

Германија воведува обврзувачки корона-тестови за ризичните земји

Бесплатни корона-тестови на германските аеродроми

Од С.Македонија во Германија: гратис корона-тест на аеродром

Германија: Барања тестовите за корона да се плаќаат од свој џеб

Врз база на научната експертиза на Институтот Роберт Кох, во светот како корона-ризични подрачја се категоризирани околу 130 држави.Тоа ги засега на пример Турција, Израел или САД. Само мал број европски држави како Луксембург, Северна Македонија, БиХ, Косово, Србија и Украина се исто така вклучени во групата на корона-ризични земји. Италија не спаѓа во нив. Уте Менке мора својот тест сама да го плати. 52-годишната жена со својот син била пет дена на патување низ северна Италија. Се вратиле претходната вечер, а бидејќи во семејството има ризичен случај, Менке решила со синот да се тестираат во мобилниот центар на аеродорот Келн-Бон. „Бабата моментно е во болница. За да може син ми повторно да ја посетува, сакаме да се тестираме."

„Годишноодморците од Ишгл ќе беа најдобрите муштерии"

Процедурата за тестирање за патниците кои се враќаат од одмор на аеродоромот Келн-Бон почнува кај шатор пред мобилниот тест-центар. Таму соработниците на „Јоханитер" прво земаат лични податоци, телефонски броеви. Самиот тест тие го вршат облечени во целосна заштитна опрема во внатрешниот дел од мобилниот центар. Не се сите патници стигнати со авион. Во редицата стојат некои кои патувале со автомобил и чуле за мобилниот тест-центар, па решиле да бидат тестирани.

Резултатите од тестот патниците ги добиваат најрано 24 часа преку посебна апликација. Доколку некој се заразил, но уште не е инфектозен, ќе помине низ „ситото", зашто тестот би бил позитивен дури по неколку дена. Сепак, вели Кирнер, тест-центарот може да помогне во спречување на ширењето на коронавирус. „Одморалците од Ишгл ќе беа нашите најдобри муштерии, зашто имале бројни контакти со заболени и биле изложени на висока концентрација на вирусот."

Задолжителното тестирање за патниците кои се враќаат во земјата веројатно ќе стапи во сила идната недела. Критика доаѓа од Сојузното здружение на лекари во јавната здравствена служба. Претседателката Уте Тајхерт предупредува дека еднократните тестови може да водат кон погрешна безгрижност. За со сигурност да се утврди дали некој носи вирус, потребно е второ тестирање по пет дена, изјави Тајхерт за весниците од медиумската група Функе. Фондацијата за правата на пациентите го поздравува овој предлог. Потпирање исклучиво на разумот и совеста на патниците очигледно не е доволно, истакнува раководителот Еуген Бруш.

Задолжителен двонеделен карантин за туристите кои се враќаат од ризични области веќе е на сила, освен ако не покажат негативен корона-тест. За да избегнат карантин, многу луѓе на аеродромот Келн-Бон трпеливо чекаат во редицата за тетсирање. Зашто, некои работодавачи не одобруваат карантин или ги тераат луѓето на неплатен годишен одмор. Виктор, кој тукушто се вратил од Украина, е авиомеханичар на аеродромот Келн-Бон. Неговиот работодавач го замолил веднаш да се тестира. Зашто, како што вели, често лета во авионите за транспорт на болни лица, па поради тоа мора да биде здрав. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми