1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поуките од трагедијата во Тетово

Тони Поповски
11 септември 2021

Лекцијата мора да се научи, без оглед што се учи на најлош можен начин, преку соочување со трагедија. Одиме по потежок пат до отпорна независност на Републиката, пишува Тони Поповски.

Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Не ретко патот до отпорна независност е поплочен со трауми и трагедии. Денот на кој одбележавме три декади независност на Републиката заврши како трагичен ден. Тагуваме по загинатите во пожарот во Тетово и сочувствуваме со нивните најблиски. 

Независноста ја јакне индивидуалната и колективна самодоверба како чувство. Настани како пожарот во Тетово ја подриваат самодовербата, но и довербата во институциите и државата. 

Поминавме низ големи искушенија и ја сочувавме Републиката како самостојна, унитарна и суверена држава. Овој факт наспроти низа негативни и недобронамерни прогнози, треба да нѐ охрабри и натера да гледаме напред со поголема самодоверба и оптимизам, наспроти дефетизмот кој е се понагласено присутен. За жал, катастрофални настани како Тетовскиот само го продлабочуваат дефетизмот. Ако воопшто нешто добро може да се изроди од оваа страшна трагедија, е да се извлече поука и да се преземат силни мерки, вакви настани да не се повторат. 

Градење на отпорно опкружување 

И кога ни е најтешко, и кога сме максимално иритирани, најумно е да ја насочиме целокупната енергија и креативност кон зголемување на степенот на отпорност на нашето опкружување, ефективно штитејќи го населението, критичната инфраструктура во која се вбројувааат и болниците, како и другите материјални добра во приватна или државна сопственост. Заканите произлегуваат од природни настани, од човечка небрежност, но не се ретки ниту теророристичките закани. Во моментот кога ја составувам колумната, не ми е познат главниот причинител на трагедијата во Тетово. 

Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Било да се работи за јавниот или приватниот сектор, објектите во кои се престојува и работните процеси во нив, мора да ги исполнуваат сите стандарди на безбедност. Ризиците треба да се адресираат пред да настане несреќа и овој пристап треба бескомпромисно да се спроведува и неговото спроведување редовно да се инспектира. Лекцијата мора да се научи, без оглед што се учи на најлош можен начин, преку соочување со трагедија.  

Прва можност тоа да се стори е итно да се заштити клиничкиот центар во Тетово од катастрофален поплавен бран. Симулациите кои се направени во рамки на процесот на подготовка на Планот за управување со ризици во горниот дел од базенот на реката Вардар, го издвојуваат клиничкиот центар во Тетово како првостепено загрозена критична инфраструктура и следствено како приоритет за адресирање преку инвестиција во зголемување на физичката отпорност.  

Учење од туѓи искуства наместо по потежок пат, од наши трагедии 

Пред нецели три месеци, градот Лондон одбележа четири години од трагичниот пожар во станбената кула Гринфел, во населбата Северен Кенсингтон (западен Лондон). Пожарот одзема 72 животи, од кои само две лица починаа во болница, а другите ги загубија животите на самото место на настанот. Имаше 70 повредени од над 300 евакуирани лица. Пожарот започнал поради дефект на фрижидер-замрзнувач на четвртиот кат и бргу се проширил на целиот објект најмногу поради обложувањето на фасадата на објектот со материјал кој е недоволно отпорен на пожар, но и поради техничкото решение со воздушен јаз меѓу фасадните и структурните елементи на објектот. Пожарот горел цели 60 часа пред конечно да биде изгаснат од страна на над 250 ангажирани пожарникари и 70 противпожарни возила. 

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

01:10

This browser does not support the video element.

Првиот извештај од истрагата бил објавен после 27 месеци, во октомври 2019 година, потврдувајќи ги сомневањата дека надворешноста на зградата не била изградена во согласност со прописите и дека токму тој аспект е централната причина зошто се проширил пожарот. Во извештајот е нотирано и дека Лондонската противпожарна служба задоцнила со повик до жителите да се евакуираат. Веднаш по настанот, сите функционери на округот Кенсингтон во чија надлежност било управувањето со објектот во кој имало социјални станови, поднеле оставки. Поднесувањето на обвинителните акти поврзани со оваа трагедија треба да се случи до крајот на годината. 

Непосредно по лондонската трагедија, била направена инспекција на сите објекти за колективно домување кои имаат ризични фасадни решенија и континуирано во изминативе четири години се вршат градежни зафати со цел да се елиминираат сите ризици за повторување на ваков настан. Преземени се и низа активности за подобрување на процедурите и законските решенија и стандарди за градба и одвивање на работни процеси во нив. 

Пожелно е настанот да не се злоупотребува 

Треба да се побара одговорност, но мора и одговорно да се однесуваме. Тука сме најнеотпорни. Сакаме шпекулации и неретко ги генерираме, нанесувајќи дополнителни штети.

Настанот не смее да се злоупотреби во насока на затегнување на меѓуетничките односи ниту пак за популистички обвинувања, особено во предизборие. Пожелно е целокупната енергија и напори да се вложат во помагање на семејствата на загинатите и на градот Тетово, но и поширокиот Полошки Регион, со цел да се надмине оваа траума. Притоа, сите ние, без оглед на етничката и партиска припадност, треба да се заложиме за итно воспоставување на неопходните системи и механизми кои превенираат вакви настани да се случат во иднина.  

Откако ќе се случат вакви трагедии, редовна глобална практика е да се преиспитаат и зајакнат најрелевантните стандарди, пред сето останато, постоечките стандарди за градба и инсталации во градби, вклучувајќи ги и противпожарните стандарди, проширено и со одвивање на работните процеси во објектите. На сето ова се надоврзува и потребата од ефективно обезбедување на критичната инфраструктура и јавни објекти, во кои престојува населението. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми