1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков воздух дишат граѓаните по пожарот во Тетово?

ДТЗ
1 јуни 2022

Опасни и канцерогени материи гореа при големиот пожар во Тетово, алармираат екологистите од градот и пожарникарите коишто учествуваа во дводневната битка со огнената стихија.

Nord Mazedonien Großbrand in Tetovo
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Опасни и канцерогени материи гореа при големиот пожар во Тетово, кој попладнево е ставен конечно под контрола, алармираат екологистите од градот. И пожарникарите коишто учествуваа во дводневната битка со огнената стихија која што ја зафати фабриката за стиропор Профикс во Тетово, велат дека ги чувствуваат последиците од вдишувањето на чадот и загадениот воздух кој се надви над градот. Кашлање, солзење на очите, вртоглавици се само дел од симптомите кои што ги почувствувале и оние коишто учествуваа во гаснењето на огнот, но и граѓаните коишто и вчера и денеска беа изложени на тешката миризба која што се шири од опожарениот објект.  

Каков воздух дишат тетовци? 

Поради големиот пожар кој избувна во понеделникот претпладне (30.05) во фабриката на влезот во градот Тетово, квалитетот на воздухот е значително влошен. Од општина Тетово и СВР Тетово апелираа до граѓаните да не излегуваат без потреба од своите домови. Најпогодени се оние со белодробни васкуларни и срцеви заболувања, кои треба да останат дома и да ги следат известувањата за квалитетот на воздухот. Општина Тетово донесе одлука да се прекине наставата во тетовските основни и средни училишта, бидејќи воздухот е многу загаден од пожарот. Оние граѓани кои имаат потреба да бидат надвор, задолжително да носат заштитни маски по можност H95. Во домовите да се чуваат затворени прозорците и вратите, апелираа и од Центарот за управување со кризи. 

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека има сосема мало покачување на одредени параметри, но дека нема место за паника. Тие на социјалните мрежи почнаа редовно да објавуваат податоци од мониторинг станицата за квалитет на амбиенталниот воздух во Тетово, по пожарот во поранешната фабрика „Македонија табак“ во Тетово. 

Поради големиот пожар кој избувна во понеделникот претпладне (30.05) во фабриката на влезот во градот Тетово, квалитетот на воздухот е значително влошенФотографија: Arbnora Memeti/DW

Според овие податоци, концентрацијата на јаглерод моноксид вчера во 14 часот изнесувала 1.4964 милиграми на метар кубен, додека денеска во 6 часот изутрина се измерени двојно повеќе - 2.8536. PM10 честичките вчера напладне изнесувале 36.2 микрограми на метар кубен, а изутринава се измерени 69.87. Десетина граѓани и пожарникари веќе побарале помош поради последиците од вдишувањето на чадот. Лекарите советуваат доколку некој од граѓаните почувствува зашеметеност, поспаност, тешкотии во дишење и други проблеми, задолжително да се јави на лекар. 

Еколошка катастрофа

Но, екологистите се децидни дека на градот, кој и онака важи за еден од најзагадените во Европа, му се случи уште една еколошка катастрофа со несогледливи последици. „Иако властите ги убедуваа граѓаните дека се е во нормала и нема загадување, од друга страна граѓаните денеска се соочуваа со лошиот мирис кој има и штетни гасови, кои не можат да се мерат со мерната станица. За нас овој однос е крајно несериозен“, вели за ДВ екологистот Нгадњим Мехмети од Тетово.  

Eкологистите се децидни дека на градот, кој и онака важи за еден од најзагадените во Европа, му се случи уште една еколошка катастрофа со несогледливи последицФотографија: Arbnora Memeti/DW

Тој смета дека за да се санираат последиците е неопходно да се прогласи вонредна состојба во Тетово и да се мијат улиците со вода. „За жал во последните години локалните власти не му обезбедија на градот цистерна која ќе ги мие улиците, а ни оставија долг од 24 милиони евра. После ова сметаме дека во градот треба строго да се забрани секакво производство или складирање на каков било материјал кој од пожар може да предизвикува вакви катастрофални несреќи“, вели екологистот. 

-повеќе на темата:  Пожарот во Тетово го вклучи црвениот аларм: опасност од загаден воздух, апел до граѓаните да останат дома

Арианит Џафери од еколошкото здружение „Еко-герила“ од Тетово за ДВ објаснува дека самиот материјал кој што гореше, кај нас популарно наречен “стиропор' , е дефиниран во сите светски научни публикации како екстремно опасен емитер на повеќе опасни отпадни гасови и цврсти честички кога согорува во неконтролирани услови како што е пожар или хаварија. 

Според него, втора сериозна опасност е една од компонентите кои му ја дава онаа најкарактеристична особина да е хидрофобен. „Во развиениот свет и ЕУ, овие хемикалии за хидрофобност на материјалите се едни од најрегулираните и стандардизираните бидејќи станува збор за канцерогени, мутагени и супер токсични загадувачи. Наречени се PFAS а се користат и во други индустрии како текстилната и многу други. Овие хемикалии се всушност флуоринирани хидрокарбонски смоли со различни опасни компоненти во нивниот состав“, додава тој.  

Повеќемина од пожарникарите коишто изминативе два дена учествуваа во гаснењето на огнената стихија чувствуваат последици од вдишувањето на чадот.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Избегната поголема катастрофа 

Повеќемина од пожарникарите коишто изминативе два дена учествуваа во гаснењето на огнената стихија чувствуваат последици од вдишувањето на чадот. Стравувањето, кај нив било зголемено и поради опасноста огнот да се прошири на околните објекти каде што имало складирани боци со плин. „Избегната е огромна катастрофа, целиот простор беше како темпирана бомба. Бевме исплашени што се може да се случи ако навреме не се изгасне огнот“, вели командирот на Противпожарната бригада во Тетово, Авни Амети за ДВ. 

Тој вели дека дури попладнево огнот е сосема изгаснат и е расчистен теренот, но дека се уште е многу загаден воздухот во Тетово. „Гореше базичната материја за производство на стиропор која што е опасна и канцерогена. Но, моравме да го спречиме огнот да се прошири“, вели Амети, кој заедно со неговите колеги коишто беа и над 12 часа изложени на чадот се уште кашлаат и тешко дишат, чувствувајќи ги последиците од огнената стихија. 

Пожар во Тетово - Нема опасност од отровни гасови

00:44

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми