1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Техничка влада - да, милитаризација на МВР - не!

30 декември 2019

Според Уставот спорен е предлогот за технички министер, но спорно е и мешањето на Баталјонот за специјални намени „Волци“ во политика и меѓупариски консултации.

Mazedonien Innenministerium Symbolbild
Фотографија: P. Stojanovski

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ полковникот Драган Ковачки да  биде технички министер за внатрешни работи, покрај спротивноста на тој предлог со членот 97 од Уставот, изнесе на површина и други слабости. Медиуми објавија дека поддршка на предлогот за Ковачки наводно дал и Баталјонот за специјални намени „Волци“ со писмо испратено до редакцијата на „Курир“. Писмото потпишано „од поранешни и сегашни членови на Баталјонот за специјални намени ‘Волци'", го отвори прашањето - како тоа едници на Армијата се инволвираат во политика и меѓупариски консултации?

Од Генералштабот (ГШ) на Армијата за ДВ изјавија дека не се уверени оти писмото е испратено од „Волците“, имајќи ги предвид уредбите кои го регулираат начинот на комуникација со јавноста. 

„Овластувањата, начинот и одговорностите за комуницирање со јавноста на припадниците на Армијата најпрецизно се регулирани со ‘Правило за односи со јавноста во Армијата'", велат од ГШ.

Фотографија: T. Janevski

Во тие правила кои се донесени на крајот од 2016 година, се уредени сите меѓусебни односи меѓу Армијата и медиумите за точно, објективно и навремено информирање на домашната и меѓународната јавност за активностите кои се извршуваат во Армијата. Во „Правилата" точно е прецизирано и кои лица имаат примарна одговорност за комуникација со медиумите. Овластување за директно комуницирање со медиумите има началникот на ГШ на АРМ, а со негово овластување таква можност има и портпарол на Армијата задолжен за директна комуникација со медиумите. Началникот на ГШ може да го овласти и кој било припадник на АРМ за комуникација или настап во медиумите за точно одредени активности, врз основа на претходно доставено барање од медиумите, а комуникацијата со медиумите се остварува по претходни консултации.

Преседани и „преседани“

Според ова, се друго што без овластување и консултации е презентирано за медиумите, се смета за манипулација со јавноста, како што за манипулација ги сметаат и страници на социјалните мрежи кои лажно се претставуваат како страници на одредени армиски единици.

Повеќе:

-Мицкоски ги стокми кандидатите, СДСМ ќе решава вечерва

-Избори на 12 април, техничка влада од 3 јануари, пописот се одложува

Запрашани за ваквато инволирање на армиски единици во политиката, од Кабинетот на претседателот на државата, кој е и врховен командант на Армијата, кусо одговараат: „Нашата Армија е една од ретките институции од независноста до денес, чија репутација меѓу граѓаните не е исполитизирана, а така треба и да остане“. 

Дали? Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во контекст на кадровскиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ потсетува токму на случаи, кога кадри на безбедносни институции беа посочени како инволвирани во настани од блиското минато.

„Агенцијата за разузнавање беше вклучена во тешките политички настани. И во ‘Диво насеље' (2015 година - н.з) и во немилите настани на 27 април 2017 година имаме прекомандувани кадри од АРМ во Агенцијата за разузнавање", потсетува Трајанов.

Вели дека кадарот кој го предложила ВМРО-ДПМНЕ можеби е добар за Генералштабот, но треба да се има предвид зошто Уставот не предвидува активно униформирано лице да биде на чело на МВР.

„Тоа е милитаризација на МВР и може да имаме проблеми во идната интеграција и на Армијата и на полицијата. Се повикуваат на некои преседани, но сепак никој од униформираната полицијата не станал министер во МВР", изјави Трајанов за „Локално“.

Се чека на нов предлог од ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ вчера соопшти дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на Уставот, и дека партијата треба да предложи друг кандидат за министер за внатрешни работи. 

„Уставот е јасен, согласно членот 97, лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција. Во членот 2 од Законот за полиција се прави јасна разлика помеѓу униформиран и неуниформиран припадник на полицијата, што значи дека униформираните вработени не можат да бидат избрани за министри, и тоа е исто и во двете министерства. Не може да се повикувате на право а да промовирате предлози спротивни на Уставот“, се вели во соопштението на СДСМ.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од партијата ја ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висина на задачата и на одговорноста што ја има со влезот во преодната Влада за наоѓање  прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот.

Од СДСМ потенцираат дека до трети јануари има доволно време да се постигне согласност. Премиерот Заев, како што самиот соопшти, Нова година ќе ја дочека во Германија, што значи дека евентуално нови консултации меѓу него и Мицкоски би требало да се реализираат денес.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми