1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Технологии за поправка на светот

Луис Лиза
11 октомври 2018

Да се спаси живот, да им се помогне на парализираните и да се стори нешто против загревањето на Земјата - за овие проекти една рабинска организација во Париз им додели награди на три технолошки стартап фирми.

CER-Preis
Добитниците на наградите со главниот рабин од Москва. Од лево: Клаудиу Леверенц, Маоз Бен-Ари, Пинчас Голдшмит, Ури Габаз, Тјери Ламиду, Бен-Цион БобровскиФотографија: Eli Itkin/CER

„Дали вашата технологија го подобрува светот?“ – ова е мотото на наградата која Коференцијата на европски рабини (ЦЕР) еднаш годишно им ја доделува на интернет претприемачи. Ова е клучно прашање, смета Мунир Махџуби, државниот секретар на Франција за дигитални комуникации, кој во вторникот вечерта го одржа воведниот говор на церемонијата на доделувањето на наградите што годинава се одржува во Париз.

„Секако дека се работи за тоа да се оствари профит и да се привлечат што повеќе клиенти да го купат вашиот производ“, рече тој. „Но дигиталните технологии исто така треба да помогнат да се подобри грижата за луѓето и да се осигура поодржливо производство.“

Рабинската конференција ЦЕР во основа се занимава со теми како што е дијалог меѓу религиите или борба против антисемитизам и радикализација. Со нивната „Награда за интернет претприемачи“ тие одликуваат стартапи кои своите нови технологии ги базираат на еврејскиот принцип „тикун олам“ што во превод од хебрејски е „поправка на светот". Ваков потенцијал беше препознаен кај тројцата победници на натпреварот кои добија по 26.000 долари за првонаградениот и по 18.000 долари за второ и трето место.

Кутија за спасување живот

Една малечка кутија на израелскиот стартап Кардиоскејл, која може да спаси многу животи, го доби првото место. Таа се користи речиси исто како апарат за мерење притисок и мери пет различни вредности: притисок, пулс, бројот на вдишувања и издишувања во минута, како и нивото на јаглерод диоксид и кислород во крвта.

Апаратот на израелскиот стартап Кардиоскејл ја доби првата наградаФотографија: Cardioscale

„Со алгоритмот што го развивме можеме да предвидиме дали некој во брзо време ќе западне во сосотојба на шок“, објаснува основачот на компанијата Маоз Бен-Ари. Со ова, на пример, може да се избегне ендоген механизам, со кој може одредени вредности, како на пример притисокот, да се избалансираат во одреден период и, на пример, при терористички напад да се спречи внатрешно крварење. Инаку, вистинската состојба на пациентот се шокажува кратко пред колапс, но тогаш најчесто е веќе предоцна.

Идејата пред речиси десет години ја добиле лекарот Ури Габај, таткото на сопругата на Бен-Ари и електроинженерот Бен Цион Бобровски. Во 2012 година двајцата сакале да се откажат од проектот, бидејќи не можеле да го комерцијализираат. Бен Ари ги спречил во тоа. Бизнисменот кој пред десет години препродавал дијаманти, заедно со нив основал стартап и потпишал договор со израелската армија. Тој во своите дваесетти години бил генерал во елитната единица. Оттогаш Бен-Ари е лицето на компанијата и воопшто не жали за промената на професијата.

„Неверојатно тешко е да се спроведе овој проект. Човек постојано мора да ги убедува луѓето во нашата идеја и да се обидеме да добиеме нови пари за него“, објаснува тој. „Но, можноста да се спасат човечки животи е поголем мотив и од парите и сѐ останато. Затоа вреди човек да стане наутро и да работи."

Тројцата основачи досега инвестирале околу еден милион долари во компанијата и се надеваат дека по две години ќе излезат од негативното салдо.

Нова технологија за инвалидски колички

Не се работи за спасување човечки животи, но паметните очила на минхенскиот стартап Мунево, кој ја освои втората награда, можат многу да го подобрат животот. Со нив луѓето кои се доживотно парализирани може да управуваат со инвалиските колички само со мрдање на главата.

„Сега тоа го прават со притисок од брадата на џојстик, но тоа често е непријатно, а во крајна линија не е естетски," објаснува Клаудиу Леверенц, коосновач на компанијата. „Нашите очила го препознаваат движењето на главата – на пример, кога се движи наназад количката почнува да се движи. Покрај тоа може преку мени во очилата да се нивелира и седиштето, а и да се слика."

Паметните очила на минхенскиот стартап Мунево ја освоија втората наградаФотографија: Munevo GmbH

Леверенц и тројца коосновачи ја основале компанијата Мунево годинава. Идејата пак датира уште од 2014 година, од еден студиски проект. „Тогаш сакав да бидам консултант за ИТ-компании", вели овој економски информатичар. „Но кога го откривме овој проект, со кој се покажува колку малку технолошки се поврзани инвалидите во колички, си рековме, мора нешто да направиме за нив."

Додека студирале постојано среќавале парализирани луѓе, и биле воодушевени од нивната виталност. Во меѓувреме тие собрале над 600.000 илјади евра од организации, државни грантови и приватни донации. Овој производ е одобрен во Европа. Наскоро треба една жена во инвалидска количка во Аугсбург да ги добие првите вакви очила финансирани од здравствениот фонд. Во иднина со овие очила ќе може да се користи и компјутер, телефон, како и да се контролираат одредени работи во домот, како палење и гаснење на светло или греење.

Производство на електрична енергија онаму каде што се употребува

Струјата за домашна употреба наскоро ќе може да ја произведува таканаречениот „Зелен пакет" (Green Pack) на компанијата Инерџис, која ја освои третата награда. Малата машина е поврзана со ветерник со соларен панел и произведува струја доволна за едно четиричлено европско домаќинство.

Компанијата од јужниот француски град Лимогес, му е во срцето на основачот Тјери Ламиду. „Мора да сториме нешто против загревањето на Земјината топка и да се креираат извори на обновливи енергии. Во спротивно ќе крахираме“, вели тој.

Таканаречениот „Зелен пакет" (Green Pack) на компанијата Инерџис ја освои третата наградаФотографија: Inergys

Апаратчето е мало, околу пет метри, поради што може да се постави на места на кои не може да се постави конвенционална турбина на ветер. Преку комбинацијата на соларна и енергија од ветер тие се надополнуваат. „Навечер нема сонце, но на пример, често има ветер", објаснува Ламиду.

Инерџис веќе има шест клиенти, меѓу кои и големи концерни како Енергирисен Енџи (поранешното ГДФ Суец) како и телекомуникацискиот провајдер Оринџ. Се очекува да добијат уште 30 нови клиенти. Досега Ламиду собрал околу 1.7 милионои евра. Но, потребни му се уште отприлика два милиона: „Ги намаливме производствените трошоци на една третина, но мораме уште еднаш да ги преполовиме.“ Само така компанијата ќе може за две до три години да стане рентабилна.

Уште повеќе добри дела поттикнати од наградата

За наградата годинава се натпреваруваа околу 500 претприемачи. Пред пет години, кога за првпат беше доделена, имаше само 50. „Многу е добро тоа што се повеќе луѓе се пријавуваат“, вели Пинчас Голдшмит, претседател на ЦЕР и врховен рабин на Москва. „Наградата често им помага на нашите победници да се промовираат и да направат уште повеќе добри дела."

Тоа ќе го сторат и годинешите победници. Кардиоскејл со парите ќе финансира мерна опрема за лекари на брза помош во Франција и Израел. Мунево со премијата ќе донира повеќе десетици очила за парализирани деца во болница во Ерусалим. Инерџис пак, ќе донира „Грин пак" апарати во село во земја во развој. Оваа компанија во моментов бара невладина организација која може да им помогне во изборот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми