Тешката наркоманија опаѓа, синтетичките дроги-хит
19 ноември 2010Околу четири милиони Европејци посегнуваат по дрога. Кокаинот веќе одамна не се смета за дрога во богатите општествени кругови. Канабисот, пак, и натаму останува најчесто илегално користена дрога. Растението од кое се добива најмногу се одгледува во Северна Африка, но последниве години се откриени голем број насади и во Европа, вели Волфганг Гец од Европски центар за следење на дрогите и зависностите од дроги:
„Не станува збор за индивидуални случаи во кои растението се одгледува во саксија дома. Се работи за насади од канабис во навистина голем број низ Западна Европа.“
Сепак, користењето на овие илегални супстанции не е зголемено. Во светски рамки, канабисот се` помалку се одгледува илегално, потврдуваат и од Обединетите нации во нивниот Извештај за борба против дрогата. Во Германија, младите луѓе губат интерес за хероин и канабис. Проблемот, сепак, не е искоренет, туку само е забавен неговиот итензитет. Упатените се загрижени поради се` почестата употреба на синтетичките мешавини. Голем број од нив дури и се продаваат на интернет како легална алтернатива за забранетите дроги. Волфганг Гец вели:
„Кога одат на журка, младите земаат мешавина од психоактивни супстанции. Најмногу зачудува што ваквата пракса за нив е веќе правило за добра забава. Во последно време, алкохолот и дрогата се` почесто се консумираат заедно.“
Екстазите станаа „дефиниција“ за добра забава
Експертите предупредуваат дека лани на пазарот се појавиле 24 нови вештачки супстанции кои младите ги примаат во замена за тешките дроги, а оваа година дури 31. Уште позагрижувачки е што екстазите се почесто се земаат во комбинација со други опасни материи. Мехтхилд Дикманс, ополномоштеник на германската влада за борба против дрогата појаснува:
„Екстазите се опасни бидејќи имаат подоцнежно влијание. Кога лицето зема една таблета, кај него не се јавува никакво чувство, па затоа ќе посегне по уште една. Ова доведува до опасни последици по здравјето.“
Како за Германија, така и за Европа важи: новите синтетички дроги наскоро би можеле да станат многу поголем проблем отколку кокаинот и хероинот. Нивното производство е евтино, а бројот на нивни корисници постојано расте. Обединетите нации укажаа дека мафијата веќе замеша прсти и во овој бизнис, поради што се потребни итни мерки.
Автор: Дорис Краних / Далибор Стајиќ
Редактор: Жана Ацеска