Тешка железничка несреќа во Анкара
13 декември 2018Гувернерот на провинцијата Анкара, Васип Сахин објави дека во тешката несреќа која се случила во близина на станицата Марсиндиз околу 6:30 минути по локално време загинале најмалку седум луѓе, а повредени се 43. Според гувернерот, експресниот воз кој сообраќал на линијата Анкара-Коња излетал од шините, бидејќи се судрил со локомотива, која се движела на истите шини. Потоа делови од возот, како што покажуваат фотографиите од местото на несреќата, удриле во надвозник.
Фотографиите покажуваат и дека надвозникот, чија конструкција очигледно била од метал, се урнал врз два вагона на експресниот воз.
Колку брзо се движел возот, засега не е познато. Властите не можеа да одговорат ниту на прашањето зошто во исто време било возможно два воза да се движат по исти шини. Според државната новинска агенција Анадолу, обвинителот во Анкара отворил истрага за несреќата.
Железничките несреќи не се невообичаени во Турција. Најмалку 24 лица загинаа во тешка несреќа во северозападна Турција во јули откако воз со 362 патници излета од шините. Повеќе од 300 луѓе беа повредени.. Според извештаите на медиумите, Турција планира да ја модернизира својата брза железничка мрежа и се надева дека за таа цел ќе пристигнат инвестиции од Германија.