1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kosovo Grenze

21 октомври 2011

Европските политичари бараат поголема готовност за компромис во Белград и во Приштина. Експертите сметаат дека создавањето на т.н евро-регион би можел да биде решение за проблемите во северно Косово.

Барикадите на Србите се одбележје на северот на Косово последниве месециФотографија: picture alliance/dpa

Трупите на КФОР во Косово вчера ги отстранија спорните блокади кон границата со Србија. Акцијата следуваше откако во средата пропадна обидот локалните Срби самите да ги тргнат барикадите на патиштата кон двата спорни гранични премини Брњак и Јариње во северно Косово. Локалните српски политичари отфрлија отстранување на блокадите се’ додека на граничните премини се поставени косовските граничари и цариници.

Европолитичарите незадоволни од Белград и Приштина

Веќе три месеци српското малцинство се спротиставува да ги тргне барикадите на патиштата во северно Косово. Специјалниот ополномоштеник за Југоисточна Европа на германското министерство за надворешни работи грофот Николаус Ламбсдорф апелира до Приштина да покаже поголем ангажман. Владата мора да изнајде подносливи правила за сите страни, со кои ќе се управува овој регион.

Припадник на КФОР кај српската барикада во РудареФотографија: picture-alliance/dpa

„Секој знае дека таму уште живеат речиси само Срби и ниту еден косовски Албанец. Така погледнато тоа е посебен случај. Не е доволно да се каже, ова е дел на нашата територија, а останатото ќе се реши. Останатото не се решава веќе десет години“.

Ламбсдорф меѓутоа смета дека за изнаоѓање решение мора да придонесе и Белград. ЕУ јасно укажа дека ова е еден од условите за прифаќање на Србија како земја кандидат за членство во Унијата во декември, истакнува Ламбсдорф.

Јохана Дајмел, експерт за Косово од Друштвото за Југоисточна Европа во Минхен, пак, смета дека одговорните во Косово би морале да им пријдат на косовските Срби и тоа со конкретни интегративни чекори. До сега на пример е спорно кој да ги добива приходите од царината од северно Косово - централната власт или општините на северот.

Интегративен чекор на пример би бил „кога косовската влада би кажала дека царинските приходи, кои се остваруваат на северната граница, ќе одат директно во општините на северот. Тогаш тоа би бил сигнал дека тие не се слеваат во заедничкиот буџет, туку оти се вели: сакаме едноставно да се погрижиме за тоа и вие економски да застанете на нозе“.

Николаус Гроф Ламбсдорф од германското Министерство за надворешни работиФотографија: picture-alliance/dpa

Северно Косово како европски регион?

Повеќе невладини организации на Косово се залагаат за тоа северно Косово да добие статус на европски регион. Со тоа за овој дел од Косово би се нашло преодно решение, смета Бехлул Беќај од „Европското движење на Косово“, невладина организација која го прошири ова предлог-решение. Ова би морало да се оствари во соработка со европските институции. „Целта притоа е овој дел на Косово да има посебни односи со остатокот на Косово, со Србија и се разбира со ЕУ. Овој регион треба да добие статус на европски регион“, вели Беќај.

Белградскиот експерт за Косово, Душан Јањиќ исто така е за преодно решение за северно Косово. Тој смета дека во моментов не е реалистично да се бара конечно решение и тоа е неостварливо по мирен пат. Можно преодно решение, според Јањиќ, е т.н план Ахтисари плус, кој предвидува позасилена децентрализација, повеќе овластувања за северно Косово, дополнително финансирање на погодените општини и преоден период за подготвување на избори за народни пратеници во Косово.

„Мислам дека планот Ахтисари плус нема да ги задоволи сите страни. За тоа е потребна дополнителна опција која ја надополнува децентрализацијата и заштитата на српското малцинство“, вели Јањиќ.

Српскиот експерт за Косово, Душан ЈањиќФотографија: Zulfija Jakupi

Овој модифициран план соодветствува на еден вид евро-регион.

„Овој регион би бил организиран како унија од општини и би имал право на прекугранична соработка со општините од Црна Гора, Србија и северна Албанија. За спроведување меѓутоа е потребна согласност од ЕУ и финансирање преку средства од проекти за соработка во овој европски регион“, вели Јањиќ.

Преку регионалното поврзување и соработката, која е поврзана со тоа, Јањиќ верува дека економијата во овој регион ќе се развива побрзо и оти ќе биде сузбиена сивата економија. Таа предизвикува особено големи грижи во областите на снабдување со електрична енергија и со прехранбени производи, со кои многу се тргува на црно. Основањето на евро-регион би имало надрегионално влијание. Токму во областа на производството и снабдувањето со електрична енергија од ова би можеле да профитираат недоволно снабдените делови од териториите на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

Автор: Верица Спасовска, Беким Шеху / Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми