Тешка сообраќајна несреќа во Италија
29 јули 2013Најмалку 38 лица загинаа, а 9 се повредени синоќа во јужниот дел на Италија, кога автобус излетал од надвозник висок 30 метри. Несреќата се случила на автопатот А116 меѓу местата Монтефорте Ирпино и Авелино, во близината на Неапол. Поради несреќата, сообраќајот на автопатот Неапол-Бари неколку часа беше во прекин. Голем дел од патниците биле деца.
Претставник на локалната полиција соопшти дека засега не се познати причините поради кои возачот ја загубил контролата врз автобусот и тој излетал од надвозникот. Според италијанското национално радио, возачот загинал при несреќата. Агенциите ДПА и ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на анонимни полициски извори, јавија дека е можно да откажале сопирачките на автобусот. Италијанските медиуми во своите извештаи наведуваат дека најверојатно некои од 54-те патници испаднале од автобусот додека тој паѓал од надвозникот.
Според последиците, ова е најтешката сообраќајна несреќа во последните неколку години во Европа. Во март минатата година во Швајцарија во сообраќајна несреќа загинаа 28 лица, од нив 22 деца.