1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка судбина не нелегалните сезонски работници во Грција

Г. Кене/ З.Јордановски21 септември 2014

И покрај кризата, работодавачите во Грција не бараат сезонски работници меѓу невработените Грци, туку ги наоѓаат кај најефтината работна сила - илегалните доселеници кои работат во екстремно нехумани услови.

Фотографија: DW

Луѓето од Бангладеш се дојдени илегално во Грција. Ако имаат среќа, некој земјоделец ќе ги собере од улица за да работат в поле. На полуостровот Пелопонес е пет часот и триесет минути наутро. Доселениците чекаат за работа.

„Добиваме две евра на час. Но, често пати ни плаќаат помалку, а ако се пожалиме, стопанот ни вели дека можеме и да си одиме, оти има доволно како нас“.

Покрај нив во темницата проаѓа камионче полно со надничари. Потоа се приближува еден пикап. Но, кога возачот ја виде камерата, вднаш сврти, оти вработувањето илегалци всушност е забрането.

Разочарани, луѓето си одат. Денеска ќе нема работа за нив.

Возиме надвор, в поле, каде би требало да се ангажирани доселениците. Сезоната на јагодите помина, сега се собираат компири.

Многу бргу станува јасно дека сме овде непожелни, оти со илегални надничари се заработуваат многу пари. Еден од земјоделците не навредува и ни се заканува. Со напори го задржуваат да не ни ја уништи камерата.

Крај на јули годинава: во судот во пристанишниот град Патра се води кривичен процес, кој на грчката јавност на драстичен начин и’ ја предочи експлоатацијата на илегалните доселеници. Минатата година надзорник пукал со пушка во повеќе од 20-мина работници на плантажа кои се пожалиле дека половина година не добиле плата. Некои уште имаат сачми во телото.

„Овие луѓе на речиси 200 од нас ни должат вкупно 150 илјади евра. Си ги сакаме парите и бараме правда. Во лето работиме во оранжерии на температури и до 60 степени“, вели Литон Кан, сезонски работник.

На крајот само надзорникот беше осуден за обид за убиство. Неговиот стопан беше ослободен.

Само во местото Неа Анолада на Пелопонес се доселија стотици илегалци. Возови одамна веќе не застануваат овде, поради кризата и тука многумина Грци останаа без работа. Но, напорната полска работа им е препуштена на мигрантите од Азија. На крајот од селото навечер тие импровизираат неколку тезги на кои се продаваат нивните вообичаени прехранбени средства и ракавици за работа. Дури и нив мигрантите мораат самите да ги купуваат. Овие луѓе ни се потребни, тие би требало да останат, ни довикува грчки пензионер од својата градина.

Треба да останат во вакви логори од шатори надвор од селото. Овие пластични фолии се домови за речиси сто мажи. Дулак од Бангладеш ни го покажува логорот. Тој веќе пет години живее илегално во Грција.

На плантажите не им даваат никакво јадење. Тие мораат сами да се снаоѓаат. Но, и тоа уште е подобро, отколку таму од каде доаѓаат.

„Не можеме да се вратиме назад во Бангладеш, оти таму немаме ни за јадење, ниту работа. Овде барем имаме доволно за да преживееме“.

#big#

Илегалците од Неа Анолада полагаат надежи во лекарот Набил Морад, кој е новоизбран градоначалник на окружниот град Лехена. Морад е по потекло од Сирија - прв градоначалник во Грција со мигрантско потекло. Тој 25 години живее во Грција, угледен граѓанин на градот е и примерно интегриран. Неговите избирачи велат дека е тој поинаков од сезонските работници од Бангладеш. Добри странци, лоши странци? Градоначалникот се противи:

„Ќе се погрижам за тие луѓе. Меѓу првите службени активности ќе биде да отворам советувалиште за мигрантите во Градското собрание. Очекувам и поддршка од амбасадата на Бангладеш. Во оваа канцеларија тие ќе можат да ги изнесат своите поплаки и проблеми, сакаме да им понудиме и курс за учење на јазикот. Мора да бидат подобрени нивните животни услови“, вели Морад.

Но, ни во иднина во ова градско собрание не ќе може да се добијат легални документи. Нив може да ги издаде само владата, а и во Грција е на сила забрана за доселување. Дулак и неговите пријатели се разочарани од Грците, за кои одработија толку многу тешки работи.

„Главен проблем е што немаме легални документи. Поради тоа постојано полицијата не притвора. А селаните сметаат дека не треба да ни плаќаат. Затоа што сме илегалци, мораме овде да живееме без струја и вода.“, вели Дулак.

Така доселениците засега и натаму на нивите остануваат изложени на самоволието на нивните стопани.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми