1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки и неизвесни денови за Македонија

Катерина Блажевска15 март 2015

Груевски не прифаќа преодна влада, а владејачкото мнозинство ќе го зацврсти со уште еден коалициски партнер - ДПА. Мендух Тачи ја потврди информацијата.

Фотографија: MIA

Тешки и неизвесни денови и‘ претстојат на Македонија. Ваков е заклучокот на дел аналитичари по денешните две паралелни политички активности. Првиот - објавената десетта „бомба" на опозицискиот СДСМ, според кој, биле менувани детални урбанистички планови за две локации, заради лични имоти на премиерот купени за „џабалак", а во вредност над 5 милиони евра.

Вториот - масовната трибина на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, преку која партијата промовираше монолитност и единство, а премиерот упати неколку пораки, меѓу кои главната е дека не прифаќа формирање преодна влада и дека се‘ ќе заврши со правна постапка согласно со законот.

Размена на реакции

Двете партии веднаш се огласија со реакции кон својот политички опонент. ВМРО ДПМНЕ го повтори ставот дека Заев продолжува да го спроведува своето сценарио со монтирани и креирани снимки.

„Знаејќи дека нема што да објави, Заев самиот коментира, самиот прави воведи, самиот прави нечесни конструкции и истите тие монтирани снимки ги става во манипулативен контекст. Заев и СДСМ самите веќе го делегитимираа своето сценарио за креирање на нестабилност, за лажење на јавноста и за насилно преземање на власта. Самиот Заев призна дека соработувал со странска служба, самиот призна дека купувал компјутери и автомобили на главниот осомничен Зоран Верушевски. Неговите соучесници самите го признаа делото, а самата партија СДСМ призна дека ги монтира и ги сецка разговорите кои ги објавува. Ете затоа никој повеќе, па дури и членовите на СДСМ, не му веруваат на Заев“, соопшти владејачката партија по објавувањето на десеттата опозициска „бомба“.

Заминувањето на власта на Никола Груевски е неизбежно, одговорија социјалдемократите по денешната партиска трибина на ВМРО -ДПМНЕ.

„Груевски и неговите соработници не можат да се спасат од одговорност за обелоденетите злодела што и‘ ги правеле на државата. Правото на граѓаните да го дадат својот глас на фер и демократски избори е неприкосновено и СДСМ тие услови ќе ги овозможи. Очајот на Никола Груевски се виде во лицата на принудно донесените граѓани, на кои се читаше досада и пораката 'или си присутен или утре не си на работа'. Груевски девет години ги предавал интересите на граѓаните за лично богатење во илјадници метри квадратни, за пари и моќ. Ни оваа вистина тој денеска не ја демантираше. За да претстави дека текот на процесите во државата зависи од него и за да си ја спаси сопствената кожа, испрати порака дека е подготвен и на продлабочување на политичката криза. Но неговиот збор повеќе нема вредност. Готово е“, потенцира СДСМ.

Груевски на денешниот собир во „Борис Трајковски“ - ВМРО ДПМНЕ оценува дека никој не му верува на ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

Веднаш стигна и контрареакција

„Огромниот број на македонски граѓани кои дојдоа денес во СРЦ ‘Борис Трајковски‘ испратија јасна порака. Денес и на најголемите поддржувачи на СДСМ им е јасно дека нивното раководство ја носи партијата во пропаст. СДСМ ќе биде запаметена како партија којашто е подготвена и на штета на сопствената држава да шурува со странски центри“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Во заднината на овој став, останаа неодговорени прашањата на колку од „поддржувачите“ на владејачката партија кои се вработени во администрацијата, им било наложено задолжително да присуствуваат на трибината. Медиумите веќе објавија серија мејлови и смс-пораки кои сведочат за тоа.

Решен да оди „до крај"

На провладините телевизии веќе продефилираа експерти блиски до Владата, со оценки дека „масовниот собир јасно зборува за поддршката што ја имаат премиерот и Владата", дека „трибината на ВМРО-ДПМНЕ целосно ја делигитимира опозицијата и нејзините обвинувања", дека „бомбите на СДСМ 'не палат' кај граѓаните", дека „народот ги цени само делата и реформите, а не 'бомбите' подметнати од оние кои не и‘ мислат добро на Македонија"... Дел од аналитичарите не сакаат јавно да говорат за состојбите, со образложение дека „нема што повеќе да кажат од она што на сите им е јасно - дека следат тешки и неизвесни денови за Македонија“.

Аналитичарот Алајдин Демири вели дека одбивањето на Груевски да прифати формирање на преодна влада, смена на јавниот обвинетел, на раководството на МРТВ и на негова екипа министри, укажува дека „тој е подготвен на се".

Залудни се обидите за демонстрирање монолитност, вели КекеновскиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Подготвен да оди до крај во својата замисла, па и по цена на Македонија и нејзините граѓани. Ако евентуално СДСМ се реши на протести и улична демократија, тој е подготвен да употреби и гумени куршуми, чие користење неодамна беше регулирано со закон. Со оглед дека ниту едно од укажувањата на СДСМ за изборни манипулации и други криминали не допираат до неговата свест и совест, тоа покажува дека премиерот ќе стори се‘ за да остане на власт. Одликите на големите диктатори, каков што беше и Милошевиќ, тој ги демонстрираше и на партиската трибина“, вели Демири.

Според него, состојбите може да ги сменат одредени случувања во ВМРО-ДПМНЕ.

„Потребно е будење на свеста и промени, во стилот на она што го порачуваат Никола Димитров, Владимир Лазаревиќ, Јове Кекеновски... Само во таков случај има шанса за демократски промени. Во спротивно, ќе остане само сликата за граѓани мобилизирани за присуство на трибината и за граѓани, кои по се‘ изгледа, се 'нужно зло' што само треба да му служат на 'големиот бос'“, вели Демири.

СДСМ: Зборот на Груевски веќе нема вредностФотографија: Petr Stojanovski

Јове Кекеновски од Форумот на слободоумни патриоти, кој се залага за процес на „дегруевизација" на неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, вели дека се залудни обидите на Груевски да промовира масовна поддршка и монолитност.

„Бројката на присутни, колку и да е таа, 15.000 или 50.000, не значи ништо, ако некој сака врз таа основа да прибира политички поени. Велам дека не значи ништо, бидејќи на сите им е познат начинот на кој присутните се присилени да присуствуваат на трибината, со цел да се промовира хипермонолитност и единство. Сето тоа е лажна слика. По сите оние аудио-снимки и скандали, она што требаше Груевски да го направи е - да си замине! Во политичкото дејствување постојат морални стандарди и принципи кои треба да се испочитуваат. А дали аудио-снимките се 'креирани', треба да кажат надлежните институции, а не Груевски“, вели Кекеновски.

И ДПА во Владата

За фактот дека Груевски е решен да „оди до крај", сведочат и информациите за неговите намери да го прошири и зацврсти вледејачкото мнозинство со уште еден коалициски партнер во власта - ДПА. Лидерот на партијата, Мендух Тачи, денеска потврди дека разговарал со премиерот на темата - ДПА да биде дел од владата.

„Се‘ уште не се дефинирани министерските места и директорските позиции во државните институции кои нам ќе ни припаднат“, изјави Тачи.

Тачи потврди дека разговарал со премиерот за влез во владатаФотографија: MIA

Во ДУИ не ја коментираат можната „принова" во власта, а воздржани се и на темата „преодна влада".

„До овој момент, ова прашање не е отворено ниту третирано на ниеден начин помеѓу коалициските партнери. Ние сме доследни на ставот дека сме против дискутирање за формата на политичката разврска на кризата, како на пример за техничка влада, без да се создадат услови за почеток на вистински политички дијалог, со меѓународно посредување, каде би можело да се разговара отворено за сите прашања“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми