1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тешкото” на Никола врз вулкан

2 март 2017

Како што Груевски со лобирања против Бејли и другарувања со Курц и Орбан ја побива сопствената желба за ресуверенизација, и опозицијата со чекање фермани од Запад ја потврдува суровата вистина за недостаток на визија.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Гледано во ретроспекrива, од сите непознаници на животот во овој час на средновечна доба ми преостануваат три неразјаснети мистерии. Првата е дали сме сами во универзумот. Енигма за која се надевам дека во следните десетина години ќе биде одгатната. Втората е за смислата на животот, за која пак сум свесен дека ќе ја дознаеме пред да зајаваме низ вечни ловишта. За третата, не сум сосема убеден дека некогаш ќе ја одгатнеме: имено, што точно правел и со кого се дружел Слободан Милошевиќ додека бил банкар во Њујорк, пред да се симне на Косово поле? Да не кобам, но сенешто мислам дека додека не се разјасни оваа пра-современа мистерија на балканските националистички оргазми, прашањето ќе продолжи да ни се навраќа во мисли. Со секоја нова епизода на балкански смутови и магли во кои јуришно влегуваме и со влечење излегуваме. Без сомнение, тековната состојба е една од таквите премрежија во кои не знаеме дали сме пред утро или самрак, што се случува и каде е чарето, ако воопшто го има.

На ваше, претпоставено, изненадување, чинам дека најпрецизните елаборации за состојбата денес и овде доаѓаат од владиниот печат и пропагандната агентура на ВМРО-ДПМНЕ. Читањето на ингениозните бравури со кои се елаборираат "ефектите на пеперутки” со кои поскапувањето на текстилот за гаќи во Бангладеш се поврзува со Јужните токови низ Карбинци и Моноспитово се можеби смешни, слично како и описите за Агент Силверите низ нашите сокаци во служба на опозицијата, Албанците, НАТО, Американците или кој е веќе дежурниот виновник назначен за дневно бесење. Но сред сета таа урнебесијада има нешто што е сосема безрезервно логично и достојно да се прифати како валиден аргумент дека ете, странците се мешаат и ни коваат нешто, сенешто.

Странски служби

Имено, леснотијата на обвинувањата за странски служби упатувани кон опозицијата се на извесен начин засновани врз претходните искуства (и ставови) на истите тие денешни детективи во потрага по предавници. Кој друг освен тие самите апологети на некогашните "портокалови револуционери” селектирани од "клетиот запад” ќе препознаат дека во позадина на денешните "шарени револуционери” стојат истите фактори? Написите за некогашните падобранци во Хотел Панорама довезени со црни (странски) џипови, блокади на булевари и благонадежни црвени теписи низ западни метрополи се сепак не до толку избледени сведоштва за првичните колаборационистички гревови на денешните светци на патриотството од ВМРО-ДПМНЕ. Кои денеска на мачен начин дознаваат дека нема ручек без пари, ниту пак владеење без исполнување на дадените ветувања и превземени обврски. Тоа е мекотелието на патриотската тврдокорност чии лидери допрва разбираат дека нивниот пат кон власта не е формула измислена единствено и ексклузивно за нив, туку е принцип кон кој или ќе се повинуваат или самоуништат. Така да, верувајте во сѐ што владините кербери пишуваат за денешната опозиција. Бидејќи токму тие – како никој друг- од сопствено искуство знаат како на Балканите се доаѓа и опстојува на власт и затоа во подемот на опозицијата всушност ја препознаваат сопствената политичка генеза. 

Претендентите на пресвета идеолошка ексклузивност веќе ги оштрат перата за обвинувања за релативизација на одговорноста и ставање знак на равенка помеѓу сегашната политичка гангста-хунта и надобудните "дечки кои ветуваат”. Проверено килава работа се обидите да се докажува дека релативизацијата не се заснова врз (не)идеалистички проценки на актерите, колку врз согледувањето на системот кој ги произведува, експлоатира и на крај како ислужена роба- отфрла. Токму во склад со природата на нашата реалност, политика и земја во колонијална зависност. Дури и кога самите Левијатани не поттурнуваат кон надминување на сопствената колонијална поставеност, веќе отворено исполнувајќи ни ја желбата за "носење сопствени одлуки и одговорност”. Но како што Груевски со лобирања против Бејли и другарувања со Курц и Орбан ја побива сопствената горлива желба за ресуверенизација, во иста мерка и опозицијата со чекање фермани од Запад ја потврдува суровата вистина за ендемскиот недостаток на визија и храброст за кроење на сопствената судбина. Во тој затворен круг се крие парадоксот дека нашиот неуспех е происход на успехот на меѓународната заедница во наметнување на целосно колонијален менталитет на раб на атрофија на автентичната претставителност и отчетност.

Колонијална поставеност на општеството

Тековниот zeitnot е совршена илустрација на судирот помеѓу апсолутната колонијална поставеност на општеството која се отсликува врз трескавичната борба за административна превласт додека јавноста станува сѐ подистанцирана, анемична и интровертна. Таква и ќе остане сѐ додека не се разбере дека во колонијални држави административната функција е прокси дар од Левијатанот, но аурата на лидерство е прерогатив подарен од граѓаните или пак народот. И како што секогаш бива, а по пата-пата позицијата помеѓу Груевски и Заев и дебаклот на Али се докажува кај нас, кога целта е освојување на владината администрација, а не лидерска борба за демократија, состојбата завршува во анархија. Со оглед на сопствената улога во дискретни, но решавачки манипулации за обезбедување политичари според матрицата "послушност, предвидливост, покорност” одговорноста за сегашната закоченост во огромна мерка лежи врз самата меѓународна заедница. Поради што повиците на службен Брисел, Берлин и Вашингтон упатени кон овдешните политичари „да покажат лидерство” се не само урнебесно комични, но и темелно апсурдни. Кон кого точно се упатуваат таквите повици, кога токму недостатокот на лидерство е предусловот поради кој тие се одбрани, промовирани, подржани и на трон насадени?

Практичната илустрација на колонијалната зависност на овдешната политика е лесно изведлива. Почнувајќи од "портокаловиот” патриот Груевски и „шарениот” револуционер Заев како директни делегати на меѓународната (мината и идна) волја, пацифизираниот револвераш Али како употреблив Албанец во фифти-фифти колонијална зависност од странците и македонската елита, па се до новите сили како Беса како колонијални надежи на Турција или Села во марионетска зависност од Ахмети кој во него ја препознава сопствената конвертибилност од револуционерност во "конструктивност”. Сите со споделено педигре започнато со покорна снисходливост пред меѓународната – западна или источна, сеедно.

Детектирањето на состојбата и причините за неа е сепак полесниот дел од задачата, во споредба со начините за нејзино надминување. Нималку лесен предизвик, поради две причини. Првата поради современата западно импонирана политичка култура на исклучување на не-кариерни политичари и подемот на кариерни политичари "кои влегуваат во политика директно од факултет, лижат пликоа во канцеларии, стануваат специјални советници, за да во средина на триесетите години станат министри, без притоа да имаат барем малку допир со реалниот свет” (Лорд Алан Турнбул). Втората причина е длабоко посушествена и се однесува на лесно воспоставениот и тешко одвиклив приод на меѓународната заедница за обезбедување минимум стабилност и кооперативност возвратена со замижување пред криминалот и корупцијата на избраната елита. Спогодба која колку што испорачува трула стабилност, толку и ја гуши иднината на земјата и воедно ја обесмислува и занавек дискредитира улогата на меѓународната демократска заедница која во име на стабилноста всушност продуцира нестабилност. И тука нештата стануваат комплицирани и загрижувачки.

Волјата на народот

Понатамошното инсистирање на САД и ЕУ базирано врз принципот промена на политичките ликови без промена на самата политика ќе произведува нови и се пожестоки кризни циклуси. Вистина, оптимистите ќе потсетат дека вистинските лидери се раѓаат од кризи и животни премрежија. Она што е помалку оптимистички е веќе реалната опасност да таков лидер се појави од другата страна на барикадите и тоа токму во редовите на оние кои денеска протестираат "во име на народот” искористувајќи го вакумот создаден од кратковидите политики на меѓународната заедница и опозицијата. На сцената веќе се одвива тивок, но драматичен трансфер во кој прагматичниот приод на СДСМ кон ДУИ резултира во егзодус на идеалистичкиот (про-националистички) корпус кој во помал број се приклонува кон ВМРО-ДПМНЕ, но во поголема маса резигнирано бара ново тело. Од друга страна, тековната употреба на "волјата на народот” во овој час можеби е навистина спасоносна за Груевски, но повнимателните наслушувања на паролите на неговите "љубимији тврдокорни” ја импонира дилемата дали тоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ всушност има зајавнато тигар кој на крај цели да го проголта и него самиот? Колоритноста на демонстрантите на "црната револуција” и самите "професорско медиумски” идеолози на протестот секако ја наметнуваат паралелата со можна појава на овдешна верзија на "партијска чајанка” според популистичкиот пример во САД. Со таа разлика што екс-премиерот и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат принудени токму од нивните "спасители” да се определат дали се со Истокот или пак со Западот. Отпишување на Груевски од страна на Западот веќе ја има намалено неговата спогодбена цена на глобалниот пазар. Од друга страна, Москва на солзи никогаш не верувала, а уште помалку прифаќала лидери кои кон Русија намигнуваат, но во Америка лобираат. Тешко е да се поверува дека на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ им се провлекле изјавите во кои нивните „тврдокорни” следбеници отпрва срамежливо, а сега се погласно застапуваат ставови "ни Груевски ни Заев”, ниту пак не размислиле за изворот од кој се инспирирани таквите богохулија релативизаторски.

Пред неколку недели нагласив дека пролетта ќе им припаѓа на оние кои први ќе ги освојат улиците. Чинам дека таа чест годинава ја има преземено десницата, иако прераното танцување на ВМРО-ДПМНЕ врз гробот на СДСМ може да има лизгави последици по нив самите. Избирајќи го полесниот и утабан пат на инертна процедуралност, Западот досега ја пропушти кризата како шанса за преуредување на постоечкиот систем и напуштање на пристапот на менување политичари без промена на политиките. Се плашам дека истокот нема такви инхибиции.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми