Тешкото Сиртаки
15 јуни 2017Најголемиот пресврт во отварањето на играта со Грција сепак се сведува на домашна замена на диоптриите во набљудувањето на настанот. Очекувано и разбирливо, новата Влада впрегна сили за посетата на Димитров да ја претстави како епохален „Никсон ја отвори Кина” дипломатски продор, иако самата средба освен обилна медиумска поддршка, не понуди ништо квалитетно што досега го немавме видено низ средбите Груевски – Папандреу, или пак посетите на Арифи, Бесими, Ахмети во Атина. Исто така очекувано, но не сосема разбирливо, опозицијата остана достојна на нивните соперници во едвај затскриено ликување за секоја спрепка од Грција или Брисел, на која самите паѓаа во депресија додека беа на власт.
Далеку од пресврт, но непотребно наметнување хистерија
Мислам, зависно од расположението, во оваа епизода на спорот за името секако ќе најдеме доволно аргументи за надеж дека нештата се поместуваат од мртва точка, паралелно со подеднакво уверливи аргументи за спротивното. Но доколку ги симнеме медиумските диоптрии на партиите и погледнеме со сопствени очи, ќе заклучиме дека стартот на процесот е интересен, добредојден, но далеку од тоа дека нуди нешто суштински ново за да се нарече пресврт. Ниту пак дека изнесените ставови се аргумент во полза на хистеријата која ВМРО сака да ја наметне во јавноста, играјќи на картата на заборавност на рајата за нејзиниот капитален удел во комплицирањето на спорот.
Она што ја одбележа оваа етапа на односите помеѓу нашиот јужен сосед и нејзиниот северен комшија, се случи на нејзиниот сам почеток содржан во изјавата на Хојт Ји дека „Никос Коѕиас подаде рака на пријателство до другата страна во Македонија”. Иако би сакале да веруваме дека ние сме тие кои ја имаме отворено портата за разговори со Атина, очигледно дека Вашингтон има поинаков агол на просудување – и секако поизворни информации за мериторноста во покренувањето на нештата од мртва точка. Како и да е, став-изјава од која може да се заклучи дека иницијативата е покрената од САД, дека улогата на конструктивен пристап ѝ е подарена на Атина, додека пак ние треба да бидеме задоволни со рољата на одговорен реципиент. Сосема мали и деликатни финеси на висока дипломатија, низ кои се оцртувааат улогите според меѓународниот (непишан) протоколарен сениоритет, мултилатерален стратешки приоритет и ефективен менаџмент на процесот на преговори. Нашето прифаќање на таквиот редослед испишан од меѓународната заедница е мала, но симболички битна демонстрација за прифаќање на компромисот како неминовна реалност во разрешување на спорот.
Сиртакито се враќа на Пелопонезот, но Тешкото допрва ќе се вие кај нас
Што не може да се каже и за малку дипломатски несреќно срочената аргументација на Димитров за убедување на домаќините преку упатување предупредувања „дали Грцијa сака стабилна, пријателска земја во соседството”. Изјава чиј тон ѝ доликува на една САД или ЕУ, но е нетактично и неприкладно еден претставник на земја кандидат да ја доведува во прашање соседската и регионална улога на (било која) активна членка на НАТО, а посредно и на самата Северноатлантска алијанса и нејзината претпоставена поддршка кон стабилноста на регионот. Секако дека во иднина таквите аргументи ќе бидат поуверливи и поефективни доколку наместо патетични трик-сентимент прашања, истите бидат спакувани во фини мали уважувања за улогата на Грција во справувањето со безбедносните предизвици и врзани со убави панделки на допринос кон економскиот развој во регионот. Ниедна пристојна, суетна политика и дипломатија која држи до себе не се гади од комплименти. Поготово доколку се лажни.
И уште повеќе доколку соговорникот е во многу покомотна позиција за преговори во кои влегуваме со едвај одржливо мнозинство, силна и бесна опозиција и куп проблеми врзани во синџир на взаемно негативно влијание врз секоја пора на општеството и државата. Држењето надеж во огромен дипломатски притисок врз Грција е секако очекувано и добредојдено, но притоа не треба да се заборави дека тоа за службена Атина и не е некоја новост или изненадување. Напротив, драматичната десетгодишна криза низ која има поминато секако ја има измачено, но воедно и оцврстено за соочување со предизвици. Дотолку повеќе што, според изјавата на еврокомесарот Московиси, Грција треба да биде наградена за усвоените тешки реформи, по кои наскоро таа може да биде нормална земја членка на еврозоната и се врати на пазарот на капиталот во 2018 година. Вократко, Сиртакито се враќа на Пелопонезот, но Тешкото допрва ќе се вие кај нас.
Благонадежна извесност за Грција, која за нас е сѐуште релативно далечна реалност, како во економијата, така и во политиката. Поради што е разбирливо што нашите претставници – во недостаток на други убедливи аргументи – ја форсираат картата на стабилност и членство во НАТО како инцентив за прогледување низ прсти. Не спорејќи ја валидноста на таа логика, сепак треба да се укаже дека не е новина во пристапот, па затоа е и причина за нејзино внимателно дозирање чие префорсирано користење може да прерасне во лош изговор по навика, а со тоа и нова реприза на стабилократија во власта. Да се потсетиме дека на почетокот на своето кралување, Груевски беше славен како технократ-менаџер, за дебаклот во Букурешт и кавгата ДУИ-ДПА да му откријат на светот евтини изговори и популизам. Сето тоа може да наликува на минато свршено време, но односите во НАТО (помеѓу САД, Германија, Канада, Турција) како и растечката тензија ДУИ-Беса можат сосема лесно да ја вратат историјата како пародија, но и груевизмот како prêt-a-porter руво за Заев. А прелесното верување дека гром не удира два пати на исто место и дека Зоки наш не е таков маж е првиот аларм за предострожна узбуна.
Дилема околу редоследот
Тоа не е единствената причина за внимателно набљудување на потезите влечени од наша страна. Доколку ние не сакаме да дебатираме за тоа, на службена Атина секако ѝ нема избегнато од внимание дистрибуцијата на првите билатерални чекори на меѓународна сцена од страна на владата на Заев. Делегирањето на Димитров во Атина е секако чекор за поздравување, но шефот на дипломатија е сепак во служба на премиерот, кој својата чедност и наклон сепак ќе ја подари кон Софија. Иако и сениоритетот и тежината на споровите налага неговата прва посета да биде во Атина. Што отвара дилема за принципите според кои Заев се има решено на таков редослед. Индикативно е и тоа што во своите бројни настапи во Атина, Димитров направи голема усилба за промовирање на името „Никола”, но не направи преголем напор за „пренесување пораки” од Зоран, барем кон јавноста во Грција. Во склоп на тоа е и евидентното зајакнување на кабинетот на Заев со експерти од меѓународна политика, што го зајакнува сомнежот дали и новот премиер ќе преферира двобрзинска влада по моделот на Груевски. При што внатрешниот круг (кабинет плус заменици премиери) ќе биде во сервис на славата и успехот на премиерот, додека пак екстерниот круг ќе биде во функција на забава за народ и „Педра за бесење”.
Во некои претходни прилики потсетив дека резултатот на спорот за името во добра мерка ќе биде определен од нашата способност за менување на пристапот кон него како спор диктиран од тактички партиски интерпретации и негов третман како стратешки продукт. Токму онака како што Грција се однесува како него – како можност, не како пречка. Колку и да е негативна по нас, целосната транспарентност на службена Атина ја става во покомотна позиција пред нејзината јавност и граѓани. Што не може да се каже за нас и нашата одомаќена политичка логика на досадна и од сите други прочитана итроманштина во замаглување на сопствените позиции. Конфузните, контрадикторни потези и веќе ендемската превртливост на Заев во пар со лицемерието на Груевски и ВМРО не само што ја збунуваат сопствената јавност, туку и ја слабеат нашата позиција пред меѓународната јавност како непринципиелна, превртлива и несериозна. Одбивањето на Димитров за вклучување Албанци во делегацијата го сведува на исто рамниште со „партиските посети” на неговиот коалиционен партнер ДУИ, но и упатува сигнал до меѓународната заедница дека зад маниристичката помпезност вирее наследениот вулгарен менталитет на претходната власт. Координираниот молк на политичката сцена за шпекулациите за префрлање стотици илјади бегалци во кампови на наша територија ја зајакнуваат атмосферата на сомничавост и параноја. Таквите – и редица други – примери на нетранспарентен однос на администрацијата кон сопствените граѓани е не само докажано и ефективно контрапродуктивно по нив самите, туку со давање предимство и форсирање на краткорочни партиски интереси ја саботираме долгорочната – историска! – можност за капитализирање од стартешката вредност на спорот во полза на државата.