1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тие сакаат смрт, ние сакаме живот“

Биргит Свенсон/Б. Георгиевски12 август 2014

Борбените формации на Курдите во северен Ирак претрпеа нов пораз од џихадистите во градот Џалавли. Борците се повлекуваат, а со нив и репортерката на ДВ Биргит Свенсон, која ја придружуваше четата на курдската милиција.

Фотографија: AFP/Getty Images

„Таму се, од другата страна“, вели Фаисал Абдула, покажувајќи пред себе. Ми го додава двогледот. Но, и со него е тешко да се препознаат луѓето за кои говори мајорот во курдската милиција. Борците на „Даш“, арапско име за „Исламската држава“, носат бради, облечени се во црно, а понекогаш и во традиционална авганистанска носија.

Абдула командува со мала чета од околу 60 борци и токму се враќа од борбите кај браната во Мосул. Тој и неговите луѓе 15 дена се бореа против групите на „Исламската држава“, која шири страв и трепет во Ирак во последните месеци. Стариот борец е исцрпен и депресивен. Со недели се води битката за браната во Мосул. Час ја освојуваат едните, час ја контролираат другите. Браната е важен стратешки објект за калифатот, кој „Исламската држава“ сака да го воспостави во Ирак и Сирија. Водата им е неопходна.

Фотографија: Reuters

Битка за вода

Во Месопотамија во моментов се води битка за вода, исто толку жестока колку и за нафтата. Припадниците на „Исламската држава“, кои веќе имаат контрола над провинцијата Анбар северозападно од Багдад, а со тоа и над водите на Еуфрат, сега го сакаат и Тигар. Доколку тоа им појде од рака, водоснабдувањето на Ирак во целост ќе зависи од терористите. „Тие би одлучувале за суши и поплави, за животниот еликсир за 33 милиони луѓе. Ние тоа не можеме да го дозволиме“, вели мајорот.

На патот од Тилкеф до Дохук колони војска. Со долгите колони воени камиони и џипови со кои се превезува војската во планините на ирачкиот Курдистан се мешаат безбројни колони бегалци кои бегаат од терористите. Минатата недела започна вториот бран напади на џихадистите од Мосул кон Ербил, главниот град на автономната курдска област. Претходно, забрадените борци доаѓајќи од Сирија ги нападнаа Синџар, градот Јазида и се забарикадираа во битката за мосулската брана.

Нивна цел очигледно е целиот простор помеѓу границата со Сирија и курдските автономни области - тука треба да се виори знамето на калифатот. Бомбардираат христијански, јазидски, курдски села и градови и го бркаат населението, ги палат црквите и спомениците, ограбуваат куќи и дуќани. Стотици илјади цивили се во потрага по засолниште во Ербил, во Дохук или во планините на Курдистан.

Тоа не се луѓе

„Тоа не се луѓе“, вели мајорот Абдула. „Тие сакаат да умрат за џихад, а ние сакаме да преживееме“. Но, пешмергите (курдските воени формации, н.з.) се повлекуваат - резигнирани и понижени. Тилкеф, Башика, Хамданија, Бартила и христијанскиот Каракош, сите паднаа во рацете на „Исламската држава“. Терористичката организација се приближи на 40 километри до Ербил и 50 километри до Дохук. Регионалната влада на Курдистан соопшти дека загинале најмалку 150 борци, а повеќе од 500 се ранети. „Самите не можеме да се избориме со нив“, вели мајорот Абдула, седнува во својот џип и заминува дома да се наспие.

Фотографија: Reuters

Пешмерга е курдски израз за ирачко-курдските борци за слобода и значи „оние кои и гледаат на смртта во очи“. Нивните историски корени можат да се најдат во периодот на падот на Османлиската империја. За поголема автономија на нивниот регион, пешмергите се борат уште од 60-те години на минатиот век. Садам Хусеин возврати со отровен гас, депортации и масовни егзекуции. По влезот на американските и британските трупи, пешмергите вмаршираа во Мосул и Киркук. По падот на Садам Хусеин, Курдите повторно се повлекоа во корист на американските трупи. Во јуни годинава пешмергите ја искористија шансата и по бегството на ирачките трупи од „Исламската држава“ ги зазедоа регионите околу Киркук и северните делови на Мосул до сириската граница. Сега „Исламската држава“ ја презема контролата врз тие региони. Кога американскиот претседател Барак Обама најави воздушни напади и поддршка за населението, во неколку курдски градови дојде до спонтани прослави. Младите луѓе излегуваа на улиците и одржуваа демонстрации во поддршка на борците, пееја патриотски песни и носеа курдски знамиња. „Благодариме Обама“, „Напред пешмерга“ и „Надвор Арапи“, ечеше низ улиците.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми