Тимошенко ја бара правдата во Стразбур
28 август 2012Денеска (28.08.2012) во Судот за човекови права во Стразбур започна процесот за случајот на украинската екс-премиерка Јулија Тимошенко. 51-годишната политичарка во октомври минатата година беше осудена на седум години затвор и оштета од 137 милиони евра, поради злоупотреба на службената положба. Таа според судиите потпишала договор со Русија за испорака на гас со кој ја оштетила државата.
Тимошенко тврди дека процесот против неа е политички мотивиран. И во меѓународната јавност се крена голем бран на критика против судскиот процес и украинскиот претседател Виктор Јанукович. Адвокатот на Тимошенко е оптимист во однос на одлуката на Судот во Стразбур. Тој очекува позитивна одлука до крајот на септември:
„Тогаш ќе имаме црно на бело дека Тимошенко илегално е во затвор“, изјави тој.
Во меѓувреме в среда за жалбата на Тимошенко ќе решава Врховниот суд на Украина. Државното обвинителство на поранешната советска република бара потврда на казната. Одбраната, напротив, се надева на ревизија на пресудата. Тимошенко во мај поради болест беше преместена во болница.
Во Украина повторно има тешки обвинувања на сметка на поранешната премиерка. Нејзе и‘ се заканува друга кривична казна поради соучество, односно помош при убиство. Таа наводно пред 16 години дала налог за убиство на деловен ривал. Тимошенко обвинувањата ги отфрли како „апсурдни“ и политички мотивирани. Друг процес во врска со затајување данок беше одложен веќе деветти пат поради здравствената состојба на Тимошенко.