„Тим Македонија“ ги обиколува САД
10 ноември 2008Главна цел на посетата на САД на големата македонска делегација, составена од високи владини претставници и бизнисмени е да ја промовираат економската клима во земјата за привлекување на инвестиции во информатичката технологија.
Македонија-дестинација за ИТ-инвестиции?
Во фокусот на еднонеделниот престој на македонската делегација на САД е посетата на Силиконската долина, центарот на американската и на светската ИТ-технологија, каде што ќе се одржи Бизнис форумот „Македонија - земја на ИТ експерти”, на кој ќе бидат презентирани економските политики со посебен фокус на реформите за унапредување на информатичкото општество и образованието насочени кон подобрување на вкупната бизнис клима и привлекување реномирани американски инвеститори.
Меѓу главните презентери на форумот ќе биде и американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер.
Дали Груевски во САД ќе се сретне со Нимиц?
Владини претставници во Македонија не потврдуваат дали премиерот Груевски за време на посетата на САД ќе има средби во американскиот Стејт Департмент или во седиштето на ОН во Њујорк со посредникот во спорот за името, Метју Нимиц.
На почетокот од неделава меѓутоа со Нимиц, треба да се сретне грчкиот преговарач Адамантиос Василакис. Тој на медијаторот треба да му го пренесе официјалниот став на Атина за неговите најнови предлози за решавање на спорот.
Властите во Грција очекуваат подршка од новоизбраниот американски претседател Барак Обама. Тоа не зачудува со оглед дека грчкото лоби во САД отсекогаш било поблиско до Демократската партија на која и припаѓа Барак Обама, вели Атанас Кировски, новинар и добар познавач на грчко-македонските односи.
Топката е во дворот на премиерот
Владата во Скопје во меѓувреме бара нов преговарач , кој ќе го замени амбасадорот Никола Димитров, кој беше разрешен од функцијата од страна на претседателот на државата Бранко Црвенковски.
„Сега топката е во дворот на премиерот Груевски и тој треба да издејствува решение, што во себе ќе содржи компромис, со кој ќе биде сочувано и името и идентитетот на Македонија и Македонците“, оценува Ѓунер Исмаил, политички аналитичар од организацијата Форум-центар.
Албанскиот политички фактор во Македонија сеуште толерантно го прифаќа застојот во решавањето на спорот за името, потоа блокадата на приемот на земјата во НАТО и неповолниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
Новинарот и аналитичар, Мухамед Нијази истакнува дека и покрај тоа што за албанските партии , евро-атлантските интеграции се врвен приоритет, тој не верува дека политичките лидери на Албанците ќе извршат притисок врз своите македонски колеги да го омекнат ставот во однос на спорот за името со Грција.