1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Титоизмот и филмскиот „црн бран“

З. Јордановски/тац/бц29 ноември 2017

Култура од Балканот во германските весници: „Берлинер Цајтунг“ пишува за „црниот бран“ во југословенскиот филм, со кој „беа демонтирани митовите на Титоизмот“. „Тагесцајтунг“ ја претставува културната сцена на Пловдив.

Фотографија: Cinema Komunisto

Ревијата на филмови од некогашна Југославија во киното Арсенал при Институтот за филмска и видео уметност во Берлин, што ќе трае до крајот на месецов, е повод за пригодниот напис во „Берлинер Цајтунг“.

Во него на почетокот е даден ваков опис: „Југославија беше една парадоксална, меѓу блоковите на Студената војна приклештена конструкција од држави. Западот ја гледаше како ’социјалистичка‘; за жителите на земјите кои беа под влијание на Кремљ таа беше толку недостижна, колку Америка, и полна со западни примамливости“. Титовата внатрешна и надворешна политика по раскинот со Сталин „се чинеше дека успешно води во светла иднина по прочуениот ’трет пат‘. Југословенската идеја ветуваше дека ќе ги поврзе предностите на капитализмот и социјализмот. Во претпријатијата во општествена сопственост имаше наизглед утописко самоуправување (...) и постојано растечки бруто домашен производ: полни регали, автомобили и патувања на одмор за секого! Згора на ова и една речиси безгранична слобода на мислењето“.

Сепак, во написот како најважен момент е издвоен хармоничниот соживот на различните етникуми во тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија. „Кога по смртта на Тито (1980) почна да се рони јужнословенската империја и на крајот се распадна како кула од карти и потона во насилни ексцеси, изненадувањето беше големо. Притоа сето тоа беше одамна скицирано. Титоизмот во големи делови се базираше врз митови. Уште кон средината на шеесеттите години, навидум златната ера на Југославија, многумина уметници, првенствено филмски, консеквентно укажуваа на пукнатините во системот. Под заедничкиот поим ’црн бран‘ настанаа дела, чија голема естетска и содржинска смелост до денес импресионира“.

Во прилогот потоа се спомнува режисерот Александар Петровиќ и неговиот триптихон „Три“. „Од Тито предводеното херојско самоослободување од германските окупатори претставуваше централен елемент во југословенското ’нејшн билдинг‘ (создавање нација - н.з.). Во филмот ’Три‘ меѓутоа веќе ништо не беше херојски. Војната се открива како валкан бизнис, кој ги задоволува ниските инстинкти и произведува губитници“. Понатаму се наведени и режисерите Карпо (Аќимовиќ - н.з.) Година и Желимир Жилник, кои „со нивните филмови испитуваа до каде можеше да оди ветената слобода“. За филмот „Здрави луѓе за разонода“ од 1971 се вели дека „го доведе до апсурд официјално пропагираниот повеќенационален идеал“.

Но, според „Берлинер Цајтунг“ „неспорно почесно место во пантеонот на бунтовното југословенско кино се’ уште зазема Душан Макавејев“. Весникот ја пренесува оценката за неговиот филм „В.Р. - Мистерии на организмот“, чиј кадар ја краси насловната страна на книгата „Филмот како субверзивна уметност“ од авторот Амос Фогел: „Тоа е тоа пресмело, со пренагласени чувства, чудесно дело на еден меѓународен револуционер од нов тип. Поента на филмот е дека идеите на крајот ќе победат над институциите“.

Пловдив - Културна престолнина на Европа во 2019

„тац. ди тагесцајтунг“ од Берлин за бугарскиот град Пловдив вели дека е место со долга историја и културна традиција. Во „вечното ривалство“ меѓу Софија и „од дамнина почитуваниот Пловдив“, вториот по големина однесе победа против главниот град на Бугарија во натпреварот за титулата Европска престолнина на културата.

ПловдивФотографија: Imago

„Пресудно секако беше насекаде видлививата слоевитост на историјата на градот долга илјадници години“, се констатира во текстот и се набројуваат антички стадион, остатоци од римски амфитеатар, средновековна џамија, раскошни куќи на претежно еврејско-ерменски трговски семејства од 19. век, кои и’ „даваат белег на сликата на градот исто како и комунистичките архитектонски пронајдоци. Многу од нив, омразени и проколнати како споменици на еден корумпиран систем, беа урнати, а она што остана, денес стои празно. Тоа нуди идеална површина за проекција на современите позиции на помладите бугарски уметници, кои се помалку фрустрирани од комунистичкиот режим отколку генерацијата на нивните родители, туку далеку повеќе се соочуваат со него испитувајќи го и сецирајќи го. (...) По крајот на комунистичката ера навистина му дојде крајот и на тој систем, но структурите (на тајната служба итн.) сепак и натаму функционираа. Се урна сонот за демократија и слобода на оние, кои веруваа во целосно нов почеток и сакаа е’ да остават зад себе. Се снаоѓаа некако. Депримирани, свртени кон минатото или цинични и особено рафинирани“.

Задржувајќи се на една актуелна ликовна изложба во Пловдив, со дела на „уметници, кои во 1990. беа млади, отпимисти и подготвени на се, кои гледаа свое место во еден глобализиран свет“, во текстот се вели: „Петнаесетина години подоцна, со стопанската криза и нејзините не само економски последици, пропаднаа најголемиот дел од нивните од самиот почеток можеби нереални (или надреалистички?) утопии. Од друга страна, токму е таа генерација уметници, која - приватни или генерално - може уметнички да ги пренесе митовите и феномените од политиката, стопанството, општеството, културата и етиката на оние години, и е доволно млада, а да иницира донекаде веродостојни алтернативни концепти. И не само во Пловдив“, пишува „тац. ди тагесцајтунг“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми