1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тито, Шацимаркакис, Изетбеговиќ...

ФАЦ/ Шпигел/ Зоран Јордановски 10 април 2012

... во германскиот печат - три личности, три стории. Недокажани обвинувања против Тито. Угледот на Шацимаркакис - како на Грција, нарушен. Изетбеговиќ и босанскиот „лајт“ ислам.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Меѓу личностите што му дадоа белег на 20 век, можеби најголемо поле за противречни интерпретации нуди во 1980 година починатиот југословенски водач Јосип Броз Тито. Од едни навредуван како хедонистички диктатор, од други обожуван како икона на едно идеализирано минато, револуционерот и државник дури во последниве години стана предмет на интензивно историографско занимавање“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во критиката за книгата „Тајна на векот“ од Перо Симиќ.

Потоа следува објаснување дека Симиќ со години исцрпно го истражувал животот и делото на Тито и сакал „да фрли критички поглед зад фасадата“ на Титовата самовласт, што ја нарекува „диктатура со сомотски ракавици“. Притоа за првпат добил увид и во „дотогаш некористените акти, како на советската тајна полиција во Москва. Таму сепак не ископал доказ за својата теза, дека Тито во Шпанската граѓанска војна, по налог на Советите, организирал ликвидирање на оние кои идеолошки застраниле“.

Мари-Жанин Калик, автор на критичкиот приказ за книгата, оценува дека Симиќ не можел да го документира ни „второто свое наводно откритие: дека Тито носи вина за убиствата на водечки југословенски партиски функционери во 1938 година во Советскиот Сојуз“. Како занимлив детал од книгата, во приказот е издвоено дека Тито уште во 1950 година се искажал за обединување на Германија, иако Југославија потоа, во 1957, ја призна Источна Германија (ГДР). „Многу толкувања и тврдења во книгата се тешко сфатливи или воопшто несфатливи. (...) За Тито како човек и личност, на чија харизма подлегнаа не само неговиот народ, туку и многубројни странски политичари, се дознава исто толку малку, колку и за мотивите, маневарските простори и историскиот контекст на неговите решенија. (...) На крајот на книгата е јасно: и покрај повеќегодишната потрага, авторот не најде објаснение за фономенот Тито“, се вели во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Изетбеговиќ е олицетворение на босанскиот ислам

Истиот весник на викендот објави белешка за босанскиот претседател Бакир Изетбеговиќ, „чест и радо виден гостин во Турција. Изетбеговиќ не скрива дека пример за углед му е Ердоган. (...) Ако Турција во споредба со други држави со мнозинско муслиманско население е пример за умерен ислам, тогаш Босна во религиозните прашања во иста мера е еден вид ’Турција лајт‘. Тешко дека некој е подобро олицетворение на тоа, отколку Бакир Изетбеговиќ“.

Во прилогот потоа е цитирана оцената на Изетбеговиќ: „’Босанскиот ислам од пред 500 години егзистира заедно со христијанството. Тоа не е радикален ислам. Тој ги толерира другите, не се наметнува‘. На босанските муслимани тоа им го донело прекорот од фанатиците дека не се ’вистински‘ муслимани. Изетбеговиќ, напротив, ги нарекува своите Босанци ’релативно добри муслимани‘. Таа категорија, која не може да се сретне во научната литература, сепак точно ги погодува нештата, што му е познато секому, кој патувал во Босна - тешко дека има град во босанската провинција, во кој треба предолго да се оди од џамија до кафеана“.

На крајот од текстот се вели дека Изетбеговиќ сака заедно со српскиот претседател Тадиќ да работи врз помирување на муслиманите и Србите, па како куриозитет се наведува „дека Изетбеговиќ е роден во 1956 токму на српскиот национален празник 28 јуни е исто толку случајно, колку и околноста дека претседателот на Србија Борис Тадиќ е роден во босанскиот главен град Сараево“.

Шацимаркакис - може ли да побегне од својата природа?

„По губењето на докторската титула, тој се обидува како посредник меѓу култури - и се надева на нов почеток“, констатира магазинот „Дер шпигел“ во долгата репортажа од едно патување на европратеникот од редовите на германските либерали Јоргос Шацимаркакис во Грција.

„Токму сега, во кризата, има многу недоразбирања меѓу Германците и Грците. Тука сака тој да помогне. Тој и не споменува дека таа мисија би можела да му помогне и нему самиот“. Шацимаркакис и Грција, се вели во написот, „токму споделуваат слична судбина. Кога земјата минатата година падна длабоко во криза, на Шацимаркакис му беше одземена докторската титула. Грција мамеше кај своите биланси за да може да се кити со еврото, тој неуредно работел врз својата дисертација за да може да се кити со титулата. По приказната со докторската титула, во основа, бил политички упропастен, вели тој. (...) И, никој досега не отвори за него некаков чадор за спас. (...) Сега добро би дошол некаков нов старт. Би морал да го притисне ресет-копчето, вели Шацимаркакис. Звучи чудесно, но може ли и да функционира? Едноставно назад на нула? Или на крајот сепак не може да се побегне од својата природа? (...)

’Доволно долго правев погрешни нешта. Но, сега е крај. Во иднина веќе нема фушерај‘. (...) Разменил, вели, мислења со експерти, советници за медиуми, професори, социјалпсихолози. Тој верува дека нашол пат, за себе, за Грција. Веќе нема фушерски работи. Нема трикови. Нов старт“.

Шацимаркакис планира нов старт и за Грција, па заедно со група истомисленици работи врз формирање нова партија која „ќе се врати на старите грчки вредности, на атинската демократија“, се пренесува во репортажата, која завршува вака:

„На крајот, во авионот, уште и прашањето, кој има подобри шанси да го притисне ресет-копчето: тој или Грција: ’Пуууу‘, вели Шацимаркакис. (...) По некое време вели: ’Мислам, јас‘.

Пуууу. Нема да биде лесно за Грција“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми