1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тоа беше моја грешка

17 декември 2008

11 дена од почетокот на големите безредија во Грција, премиерот Костас Караманлис вели дека погрешно ги проценил димензиите на проблемите, што ја мачат неговата земја. Коментар на оваа тема подготви весникот Тагесшпигел.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Тоа беше мој грешка“, рече грчкиот премиер Караманлис, во вчерашното обраќање до нацијата. Тој се заколна дека ќе се бори против корупцијата која ја разјадува земјата. Караманлис порача дека сега ќе се обиде преку дијалог со младите да се справи со проблемите во образовниот систем и неперспективноста.


Во коментарот на германскиот весник Тагесшигел за обраќањето на Караманлис читаме:

Грчкиот премиер изрази покајување. Во услови на мизерни резултати во анкетите на јавното мислење и огромно губење на довербата кај населението, Костас Караманлис говореше за „грешки“ и „пропусти“.

Премиерот изрази разбирање за грижите на младите, кои со денови со мирни демонстрации во Атина и другите градови протестираат против неправилностите во образовниот систем и се’ помалите шанси за вработување. Неговата влада ќе побара дијалог со младите, пред се’ за образовната политика, вети 52-годишниот татко на две деца.

Во анкетите на јавното мислење, опозициските социјалисти со месеци имаат предност од повеќе од пет проценти пред конзервативната Нова демократија на Караманлис. Меѓутоа, не би било праведно за Караманлис доколку неговата самокритика се толкува единствено како реакција на лошите резултати во анкетите на популарноста. На шефот на владата во Атина, кој е на функција од март 2004 година, може да му се префрли и за тоа дека дури сега ги препозна грешките и пропустите, што се очигледни веќе подолго време, пишува коментаторот на Тагесшпигел и продолжува:

Доколку Караманлис, на почетокот на неговиот мандат, започнеше да ја спроведува реформата на образовниот систем, што продуцира се’ повеќе невработени лица, и доколку порешително се справуваше со корупцијата, можеби немаше да дојде до големите безредија во земјата. Доколку во годините на силен економски раст, Караманлис ги редуцираше структурните недостатоци и ги намалеше долговите наместо да вработи десетици илјади луѓе во државната администрација и доколку порано ги запреше загубите во милијарди евра на пропаднатите државни претпријатија, можеби Грција денес би била подобро заштитена од надоаѓачката глобална рецесија.

Што би било, кога би било... Тоа е стара песна. Колебливецот Караманлис кој избегнува конфликти реагира премногу нерешително и предоцна. Сега во депресивна состојба не се наоѓа само неговата влада, туку и целата земја влегува во опасен вител на кризи и скандали. Во меѓувреме, во анкетите, седум од десет испитаници велат дека се незадоволни со кризниот менаџмент на владата.

„Јас самиот ги потценив скандалите од изминатите години. Тоа беше моја грешка“, вели сега Караманлис и покажува разбирање за тоа дека граѓаните се „навредени“.

Меѓутоа признанието на Караманлис дека се кае очигледно не остави особен впечаток кај учениците и студентите во земјата. Околу 600 училишта и универзитети во цела Грција веќе се завземени од страна на демонстрантите, заклучува весникот Тагесшпигел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми