Борбата за надмоќ околу модалитетите за излез на Велика Британија од ЕУ повторно е целосно распламтена. Барањата за втор референдум се сѐ погласни.
Реклама
Британската политика сѐ повеќе се заглавува во борбата околу модалитетите на напуштање на Европскта унија. Како тврдокорните застапници на Брегзит така и проевропските пратеници тврдат дека го знаат најдобриот пат за излез од Унијата.
Второ гласање за Брегзит како излез?
Во дискусијата сега се вклучи поранешниот британски премиер Тони Блер. Тој во втор референдум за Брегзит го гледа единствениот излез од заплетканата внатрешно-политичка ситуација. Сегашната политичка ситуација е „тотален хаос" и може да се реши само со втор референдум за излез на Велика Британија од ЕУ, рече Блер во интервју за новинската агенција Франс Прес.
Тој истакна дека сочувствува со конзервативната премиерка Тереза Меј. Таа е на функцијата во западната политика за која најмалку може да ѝ се завидува, рече Блер. Стратегијата на Меј да се стреми кон блиски врски со ЕУ по Брегзит е план кој никого не го задоволува. Покрај тоа, партнерите во преговорите во Брисел веројатно нема да го прифатат, рече Блер, кој ја предводеше британската влада од 1997 до 2007 година како лидер на левоориентираната Лабуристичка партија во Лондон.
Поранешната министерка за образование, Џастин Грининг, веќе предложи втор референдум за Брегзит во Долниот дом на британскиот парламент со цел да се излезе од заплетканата ситуација.
Збогум Британија, ние си заминуваме...
Британските компании многу пати предупредуваа за потенцијалните негативни последици по економијата од Брегзит. По референдумот за напуштање на ЕУ, некои компании размислуваат да ги релоцираат компаниските седишта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm
Водафон
Втората по големина компанија за мобилна телефонија во светот ја разгледува опцијата да го премести своето седиште надвор од Британија по Брегзит. Диселдорф би можел да биде една од опциите за новото седиште на компанијата. Водафон веќе е присутна во германскиот град каде вработува околу 5.000 луѓе, исто така, Германија е најголемиот пазар на компанијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Hayhow
Рајанер
Најголемата авиокомпанија за ефтини летови во Европа официјално е регистрирана во Ирска, но голем дел од нејзината флота е лоцирана во Британија. Но, тоа може наскоро да се смени – од Рајанер најавуваат дека своите летала повеќе нема да ги стационираат таму.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz
Изиџет
Втората по големина авиокомпанија за ефтини летови во Европа е базирана во Лондон, но, до кога? „За тоа ќе видиме“, изјави извршната директорка на компнанијата Керолин Мек Кол во телевизиско интервју. Изиџет е една од најпрофитабилните компании во Европа.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot
Вирџин
Ричард Бренсон е еден од најпознатите бизнис личности во Британија. За Брегзит тој изјави: „Британија е насочена кон економска катастрофа“. Неговиот конгломерат изгуби една третина од вредноста по референдумот во земјата. Бренсон ја повика владата да организира втор референдум.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas
ЏејПиМорган Чејс
Најголемата банка во САД вработува околу 16.000 луѓе во Лондон. Но, менаџментот сега разгледува повеќе можности да премести дел од операциите надвор од Британија. Извршниот директор на банката, Џејми Димон, пред референдумот изјави дека помеѓу 1.000 и 4.000 работни места може да бидат преместени надвор од Лондон доколку се случи Брегзит.
Фотографија: Getty Images/C.Gillon
Виза
Оваа компанија ќе нема голем избор освен да го намали бројот и обемот на активностите во Британија, што ќе доведе до кратење на стотици работни места. Според регулативата на ЕУ, компанијата мора да одржува центар за податоци во земја на ЕУ. Што практично ќе значи крај за податочниот центар на компанијата во Лондон.
Фотографија: Imago
Форд
Од Форд неколку пати изјавија дека Британија е „клучен пазар“ за компанијата во Европа. Фабриката на Форд во Дагенхам произведува делови и мотори за филијалите на компанијата во Германија. По одлуката за напуштање на ЕУ, од Форд изјавија дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки да остане конкурентна на пазарот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Јагуар Ленд Ровер
Сепак, сите компании не се песимисти. „Ние сме Британци и стоиме зад Британија“, изјави Едријан Халмарк, одговорен за стратегии во Јагуар Ленд Ровер. Нема промени во нашите бизнис планови, уверува Халмарк за периодот од следните две години во кои Британија со сигурност ќе остане дел од ЕУ.