1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

"Торнадата" заминаа за Авганистан

2 април 2007

Шесте извидувачки авиони на германското воено воздухопловство денеска заминаа во најавената мисија за Авганистан.

Извидувачки авион од типот „торнадо„
Извидувачки авион од типот „торнадо„Фотографија: AP/PIZ Luftwaffe

“Торнадата“ со двочлени посади претпладнево полетаа од воената база Јагел, каде свечено ги испратија високи претставници на германската политика – меѓу нив и надлежниот министер Франц Јозеф Јунг.

“Драги војници, во наредните месеци ќе преземете задача од голема важност за способноста на ИСАФ силите, но и за натамошната обнова на Авганистан. Со вашиот ангажман ќе помогнете да има поголема јасностија околу ситуацијата на теренот, со што значително ќе се зголеми ефикасноста на ИСАФ силите во операциите за стабилизирање на земјата, како и нивната способност соодветно да реагираат на безбедносните предизвици!“

Со овие зборови германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг ги испрати претпладнево пилотите на шесте авиони од типот “торнадо“ предвидени за мисијата во Авганистан. Тој нагласи дека нивната задача ќе помогне во заштитата на сојузничките војници од НАТО мисијата, на цивилните помагачи кои го обновуваат Авганистан, па и на целото тамошно население. Извидувачките авиони на германското воено воздухопловство треба да ги откриваат попрецизно позициите на талибанските востаници и да им овозможат со тоа на ИСАФ силите да преземаат целни и прецизни операции. Шесте торнада не се опремени со борбена муниција, освен за самозаштита.

Министерот за одбрана Јунг посочи дека како и секоја мисија во кризни подрачја во странство и оваа е поврзана со ризици. Затоа тој им се заблагодари и на членовите на семејства на војниците кои заминуваат за Авганистан на нивната поддршка.

Целиот контингент опфаќа вкупно 200 војници, кои во поголемиот дел веќе се стационирани во германската база во авганистанскиот град Мазар и Шариф, на мирниот север на земјата. Тие во изминативе денови веќе беа префрлени заедно со неопходните 600 тони воен материјал. Денеска заминаа само шесте авиони, придружувани од уште четири кои по завршувањето на акцијата за префрлање ќе се вратат во татковината. Тие само служат за резерва и сигурност дека шесте предвидени извидувачки авиони навистина ќе стигнат на нивното одредиште во совршена техничка состојба.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми