1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп–Бајден, кошмар со отворени очи

2 октомври 2020

Америка со првиот ТВ-дуел на претседателските кандидати како да доживеа страшен комшар, но наместо да се разбуди, изгледа како комшарот да продолжува со отворени очи. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Гледајќи ја хаотичната и депресивна прва дебата помеѓу Трамп и Бајден, човек не може да не се запраша дали бевме сведоци на најниската точка, на дното на американската политика, или пак ја видовме апотеозата на препотетноста и автократијата во САД, инкарнирани низ ликот и делото на Доналд Трамп.

За секој рационален набљудувач, анализата е јасна: од една страна имате здивен лудак, од другата една релативно нормална личност, иако отидена со годините и во мака да се доискаже или да демонстрира квалитети за функцијата претседател на САД. Од тој аспект настапот на Трамп можеби ги уплашил или вџашил мнозинството од гледачите, но Бајден направи премалку за тие стравови или тоа чувство на немир да ги намали.

Иако според сондажите Бајден испадна како победник од оваа дебата, јавноста и медиумите низ светот се согласни дека сведочевме на една неверојатна гротеска. За волја на вистината Бајден беше и подобар од тоа што можевме да го очекуваме. Делуваше поопуштен од Трамп, 40 годишното политичко искуство му помогна да делува прибран и да се фокусира на испраќање пораки за нормализација на американското општество. Пред се, Бајден успеваше да извлече насмевка од своето скаменето лице и да гледа директно во камерата додека им се обраќа на Американците. Со други зборови, Бајден подобро го употреби телевизиското средство од Трамп, човек кој нормално важи за експерт во таа материја.

Во тоа многу му помогна Трамп - кој покрај наметнувањето караница од самиот старт, бесконечни упаѓања во збор, навреди и прекинувања - делуваше збунето и нервозно, дури и несигурно, до степен никогаш да не се насмевне или да погледне директно во камерата.

Таа испрекинатост создаде предност за Бајден, кој инаку е познат дека оставен на својот монолог честопати не знае да ја доврши мислата, или пак да поентира со тезата која тргнал да ја изнесува. Синтезата од оваа анти-дебата ни кажува дека Трамп најверојатно почнал да ја чувствува нервозата и притисокот од рејтинзите кои го даваат позади Бајден. Вториот аспект кој дефинитивно влијаел на Трамп пред самата дебата произлегува од скандалот кој го објави Њујорк Тајмс, дека во последните 18 години, Трамп дури 11 пати не платил данок. Или дека во 2016-та и 2017-та година платил само 750 долари за целата година.

Повеќе на темата:

-Во иднина построги правила за ТВ-дуелите во САД

-Депримирачки хаос во првата дебата меѓу Трамп и Бајден

-ТВ-дуел на Трамп и Бајден: Вжештена размена на вербални удари

Ова кажува две работи кои Трамп сигурно веднаш ги препознал. Прво, дека не е богат и успешен како што со децении се прикажува во јавноста, и второ, дека Трамп е во суштина длабоко задолжен, според некои проценки, го чекаат преку 420 милиони долари долгови за наплата. Нервозата произлегува од фактот што со овие сознанија се руши еден од клучните митови и елементи на кои се држи неговиот кредибилитет на брилијантен бизнисмен. Тоа во политиката се преведува во следното прашање: како човекот кој е задолжен до гуша и е финансиски пропаднат, ќе ја извади Америка од рецесија? За потсетување, економијата беше единственото поле каде Трамп уживаше поголем кредибилитет и рејтинг од сите свои противници.

Дотука оди психологијата и однесувањето на кандидатите, тоа што е далеку пострашно е содржината од овој дебакл од дебата. На страна негирањето на даночната состојба, за која инаку е првиот претседател после Ричард Никсон кој си дозволил да ја крие од јавноста, Трамп кажа неколку работи кои не би му биле простени на ниту еден друг кандидат или американски претседател. 

Фотографија: Morry Gash/Reuters

„Stand back and stand by”

Да појдеме од тука. Моментот кога модераторот од Фокс Њуз, Крис Волас, го пресекува претседателот и го прашува дали ќе ги осуди белите супрематисти, порачувајќи им да престанат со насилството. Ова е клучниот момент од дебатата, врвот, кулминацијата, моментот на вистината! И веднаш следува и одговорот, кој е најниската точка, дното на оваа дебата и на американската демократија.

-      Секако, подготвен сум тоа го направам, ќе одговори Трамп.

-      Спремен сум да направам се што треба, сакам да видам мир.

-      Во ред, тогаш сторете го тоа господине, му порачува модераторот на Трамп кој делува како да се двоуми.

-      Кажи го, напрај го тоа, осуди ги Гордите момчиња, се вмешува Бајден.

Доналд Трамп го избегнува одговорот, не ги осудува белите расисти, туку само им порачува: „Повлечете се, но бидете подготвени“. Веднаш потоа како од топ додава: „Ќе ви кажам една работа, некој треба да направи нешто против Антифа и левицата затоа што ова не е проблем на десницата, ова е проблем на левицата“.

Бајден ќе му додаде дека Антифа е идеологија, а не организација, посрамотувајќи го претседателот.

Завладува една кратка, но траорна тишина, која ја издава сета вџашеност од кажаното или поточно, од некажаното.

Трамп наместо да ги осуди екстремно десничарските групи, некои од кои си дозволија и да убијат мирни демонстранти, одлучни да им намигне и фактички повторно да ги поддржи.

Впрочем, според реакциите на десничарските екстремисти на социјалните мрежи, пораката беше сфатена токму онака како и што беше кажана, како поддршка од Трамп.

Фотографија: Olivier Douliery/Reuters

Ако на ова го додадеме и фактот дека Трамп не ја негираше неговата изјава дека нема да го прифати евентуалниот пораз, дека ќе го проблематизира гласањето преку пошта, и дека ќе се обиде да ги развлече пост-изборните резултати, тогаш, можеме слободно да кажеме дека оваа закана сега и ја вооружи.

Најстарата либерална демократија во историјата, онаа кое едно време милуваше да се нарекува себеси „водачот на слободниот свет“ пропадна во една од најтажните фази на своето постоење.

Некажувањето на тие 4 клучни зборови - „Го осудувам белиот супрематизам“ – значи дека претседателот на САД нема никаква намера идеолошки, програмски, политички и морално, да ја осуди и стиши една од најголемите системски закани против правниот систем и владеењето на правото во Америка.

Други колумни од авторот:

-Бугарија како Големиот брат на Џорџ Орвел

-Бизнис-дипломатијата на Трамп отвара нови сценарија на Блискиот исток

-Науката и националното се судираат во трката за вакцина

После се ова, да се коментираат и наведуваат сите останати бљувотини, навреди и нискости искажани во оваа дебата, станува целосно бесмислено и бесполезно. Дали оваа дебата некому ќе донесе повеќе корист, дали ќе се сменат правилата и форматите на идните дебати, се станува бесмислено, кога тоа што ќе се каже и тоа што нема да биде кажано, станува подеднакво ужасно со Трамп.

Тоа што ни останува е накратко да го прокоментираме психолошкиот профил на Трамп, и на што се базира неговиот план за реизбор, бидејќи ваквото однесување и поведение, мора да има свое зошто, и мора да има своја рационална цел, колку и тоа да звучи контрадикторно.

Неговата внука, Мери Л. Трамп, психолог по професија, во книгата „Too Much and Never Enought“ или „Како моето семејство го создаде најопасниот човек на светот“, објаснува од каде потекнуваат комплексите кои денес го условуваат однесувањето на Трамп.

Адолесценцијата на Трамп, помината во една скржава и завидлива, во исто време и брутална фамилија, во сенката на циничен татко и запоставена мајка, развива кај него еден непредвидлив и неодговорен нарцисизам, каде за да се чувствува добро, мора самиот да се прогласи себеси за „најдобар и најголем“, и да го презира и потценува целиот останат свет.

Боб Вудворд кој со своите написи за Вотергејт ќе го предизвика импичментот на Никсон, во својата последна книга „Бес“, ни нуди еден сличен опис за Трамп, кој го изведува единствено од 18-те интервјуа со претседателот во последните седум месеци, пред и после пандемијата.

Според Вудворд, човекот е мегаломан без какви било политички или лични инхибиции кој смета дека заслужува неговиот лик да биде исклесан во Маунт Рашмор, покрај оние на Татковците – основачи, Вашингтон, Џеферсон, Линколн и Теодор Рузвелт.

Обраќајки му се на Вудворд Трамп ќе му каже: „Боб, сите идеи се мои. Сакаш да ја знаеш вистината? Се што правам како претседател е моја идеја“.

Основата и двигателот на неговото однесување и одлуки е непочитта и омаловажувањето на другиот. Па така, генералите за Трамп се: „група на пичкици“ (a bunch of pussies), или пак: „Американците не заслужуваат да го знаат тоа што го дознав уште од јануари месец дека Ковид -19 ќе предизвика многу мртви без адекватни мерки“.

Оттука, ништо од досегашното однесување на Трамп, кое навистина кулминираше со оваа бедна дебата не треба да не изненадува, на секој разумен човек тоа веќе му е јасно. Неговото однесување говори за психолошки профил на човек чиј двигател е бесот и духот на одмазда, кон сите оние кои, според него, или не го почитувале доволно, или делувале како да знаат и разбираат нешто повеќе.

Самиот факт дека Трамп не ја осуди екстремната десница, а во исто време се претставува како стожерот на Law and Order, на Законот и редот, говори за една двојна личност, која смета дека е во ред да се преставува како човек на страна на законот и поредокот, а во исто време да се заканува со кршење на законот и растурање на поредокот кој самиот треба да го штити, еднаш кога тоа лично или политички нема да му одговара.

Оттука, останува да го констатираме едноставниот план на Доналд Трамп за реизбор, нешто што го детерминира неговото безобразно, неодговорно и екстремистичко однесување.

Планот на Трамп се состои од две едноставни решенија. Едниот план е да успее повторно да победи добивајќи ги гласовите од целиот екстремистички електорат кој ќе успее да го мобилизира, фокусирајќи се на клучните држави. Во исто време ќе се надева дека демократскиот електорат, кој потенцијално е мнозински, но толку длабински поделен, што нивните најумерени и најекстремни гласачи нема да излезат на гласање.

Вториот план потекнува од хипотетичката претпоставка дека би загубил на изборите, во случај демократите, токму поради неговиот екстремизам, да успеат да ги мобилизираат сите свои фракции и да победат, при што Трамп не би го признал резултатот и би се пренасочил кон насилно освојување на власта.

Така да, неговиот екстремизам, радикализам, флертот и поддршката кон екстремната десница, можат рационално да се објаснат само како последица на овој вториот план, кој треба да послужи како вербална, но и материјална закана до неодлучните или разочараните, воопшто да не се замараат да излагаат на денот на гласање. Неговата цел е целиот изборен процес, каде веќе се забележани закани и притисоци врз гласачи (бидејќи во некои држави веќе се гласаше), да го базира на стратегија на насилство, нешто што може да се поистовети со неговата поддршка и билдање на насилството кое произлезе за време на протестите.

Дури и мирните протести, а особено и понасилните протести на афроамериканската популација, па дури и нападите врз полицијата, всушност стануваат функционални на климата на насилство која Трамп ја форсира, и за која тој е проблемот, додека во исто време се преставува како решение, односно како носител и гарант на редот и поредокот.

Делува болно и расипано, но така некако се развиваат нештата под Трамп.

При легитимниот исход на нерешено или тесна победа за демократите, Трамп ќе се обиде да не признае милиони гласови, ќе проба да ги поништи преку правни патишта или да ги оспори, надевајќи се дека можеби ќе стигне и до Врховниот суд каде веќе има свое судиско мнозинство, и додека се тоа трае, да ги разгори улици и да ги уплаши противниците.

Америка со дебатата како да доживеа страшен комшар, но наместо да се разбуди, делува како комшарот да продолжува со отворени очи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми