Трамп во Јапонија: царски пречек и политички разговори
27 мај 2019Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека е голема чест што се сретнува со царот Нарухито неполн месец по неговото востоличување. Заедно со сопругата Меланија, американскиот претседател се задржа околу 50 минути во царската палата во Токио. По свечената посета кај царот, Трамп одржа политички разговори со премиерот на Јапонија Шинзо Абе на кои главна тема беше безбедносната политика, во прв ред регионалната закана која произлегува од Северна Кореја.
Јапонскиот премиер изјави дека добил „целосна поддршка“ од американскиот претседател да се сретне со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун. „Чувствувам оти морам да се сретнам со Ким во четири очи без поставување какви било предуслови и дека е потребно искрено да размениме ставови... Трамп рече оти ќе ми даде целосна поддршка за тоа“, изјави Абе по состанокот со американскиот претседател во Токио.
Трамп, денеска порано, оцени оти САД и Северна Кореја имаат взаемно „големо почитување“, покрај застојот во преговорите за нуклеарната програма и за недамнешните проби на оружје во Северна Кореја.
„Многу добри работи ќе се случат во Северна Кореја... Поминавме долг пат“, рече Трамп на почетокот на разговорот со јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Трамп додаде дека е изградено добро почитување, „дури и големо почитување меѓу САД и Северна Кореја“.
Американскиот претседател се наоѓа во Токио и оваа посета е дел од дипломатската офанзива на јапонскиот премиер Абе за која аналитичарите велат оти засега ја спасила Јапонија од протекционистичките мерки на Трамп.