Кеноша се претвори во жариште на протестите против расизмот и полициско насилство, а претседателот Трамп ја искористи посетата на градот за да се презентира како заштитник на законот и редот.
Реклама
Наспроти сите молби, американскиот претседател Доналд Трамп го посети градот Кеноша, кој е потресуван од делумно насилни протести по полициските истрели врз еден Афроамериканец. Придружуван од масивно обезбедување, Трамп сакаше лично да создаде слика за уништувањата настанати при протестите. Градоначалникот на Кеноша, исто како и гувернерот на американската сојузна држава Висконсин каде се наоѓа градот, се изјаснија против посета на претседателот. Тие предупредија дека неговото присуство може дополнително да ги подгрее тензиите во градот. И двајцата не присуствуваа на настапот на Доналд Трамп.
Кеноша е потресуван од „антиполициски и антиамерикански безредија", истакна Трамп. „Насилниот џган уништил или оштетил најмалку 25 продавници, запалил јавни објекти и фрлал камења врз полицајците, тоа не е никаков мирен протест, туку внатрешен тероризам", изјави Трамп.
Милиони за безбедност и обнова
На кривичните власти во Кеноша Трамп им вети дополнителен еден милион долари федерални средства. На целата држава Висконсин ќе ѝ бидат ставени на располагње 42 милиони долари заради обебедување на јавната сигурност, додека за обновата на оштетените објекти во Кеноша се предвидени четири милиони долари.
„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“
02:11
Во својот говор Трамп не се осврна воопшто ниту на полициските истрели врз Афроамериканецот Џејкоб Блејк, кои доведоа до протестите, ни на смртта на две лица на маргините на една демонстрација. Еден бел полицаец на 23 август истрела седум куршуми во грбот на Блејк пред очите на неговите деца и тешко го рани. Во вторникот минатата недела во Кеноша беа убиени двајца луѓе кои протестирале против расизмот. Осомничен за нивно убиство и уапсен е белец тинејџер. 17-годишникот претходно се приклучил на самоназначена граѓанска одбрана, која како што тврдат од нејзините редови, имала за цел да ги штити продавниците од ограбувачите. Претседателот Трамп во понеделникот одби да го осуди односот на момчето. Тој дури сугерираше дека тоа дејствувало во самоодбрана. Критичарите го обвинуваат Доналд Трамп за целно распламтување на тензиите во земјата, за во изборната кампања да може да се инсценира како гарант на законот и редот.
Протести против колонијализмот и расизмот
Антирасистичките протести по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд го подгреаја конфликтот околу колонијализмот. Во Европа и САД се оштетуваат, уништуваат и отстрануваат споменици.
Во изминатите години имаше повеќе конфликти околу статуата на Едвард Колстон во Бристол. Сега демонстрантите го извадија споменикот од неговиот постамент и го фрлија во пристаништето. Колстон работел за Кралско-африканската компанија, која поробувала 5000 луѓе годишно. Подоцна влегол во историјата како филантроп поради неговите донации за училишта и болници.
Активисти го обвинуваат иницијаторот на извидничкото движење Роберт Баден-Пауел за расизам, хомофобија и восхитување со Адолф Хитлер. Неговата статуа се наоѓаше во Браунси, во јужна Англија. По уништувањето на првите споменици во текот на антирасистичките протести, локалната власт во знак на претпазливост самата ја отстрани статуата на Баден-Пауелс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Matthews
Леополд Втори и белгискиот колонијален режим
Во Белгија има многу статуи на кралот Леополд Втори. Монархот кој владеел со земјата од 1865 до 1909 година, во Конго создал брутален колонијален режим, кој важи за еден од најнасилните во историјата. Повеќе статуи на Леополд Втори беа испрскани со боја. Оваа, во предградието на Антверпен, Екерен, беше транспортирана во музејскиот магацин од страна на властите.
Фотографија: Reuters/ATV
Кристофер Колумбо – помеѓу почит и презир
И во САД се разгоре судир околу спомениците на контроверзни личности. Гневот на демонстрантите е насочен, меѓу другото, против Кристофер Колумбо. Оваа статуа на морепловецот во Бостон, остана без глава. Домородците во северна Америка го отфрлаат оддавањето чест на Колумбо, поради тоа што велат дека неговите експедиции овозможиле колонизација на континентот и геноцид на индигените народи.
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Контроверзно сеќавање: Статуа на Колумбо во Чиле
Колумбо за некои е една од најзначајните личности во светската историја, за многу луѓе во Латинска Америка, меѓутоа, неговото име се поврзува со почеток на ера на страдања. Од аспект на индигените народи, шпанскиот колонијализам е темно поглавје во нивната историја. И во Латинска Америка во минатото се уништувани и оштетувани статуи на Колумбо.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Boensch
Џеферсон Дејвис во визир на демонстрантите
Џеферсон Дејвис бил претседател на Конфедеративните држави на Америка и еден од водечките политичари во Граѓанската војна. Статуата на Дејвис сега е испрскана со боја и откорната. Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом во САД, пледира за отстранување на статуите на претставниците на Конфедеративните држави. Овие луѓе застапувале „свирепост и варварство“, изјави демократката Пелоси.
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla
Роберт Ли ја подели Америка
И оваа статуа на Роберт Ли, генерал на конфедеративната армија во американската граѓанска војна, би требало да биде отстранета. Во Ричмонд, во американската сојузна држава Вирџинија, споменикот ќе биде отстранет по налог на гувернерот Ралф Нортам. Многу Афроамериканци во статуите на политичарите и војниците од Конфедеративните држави на Америка гледаат симболи на угнетување и ропство.