Трамп го одложи објавувањето на чувствителни акти за Кенеди
ЕМФ / дв
27 октомври 2017
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела требаше да даде дозвола за отворање на сите тајни документи за убиството на Џон Кенеди. Сепак, под притисок на тајните служби, дел од документите не се објавени.
Реклама
И покрај најавите на претседателот на САД, Доналд Трамп, не се објавени сите тајни документи за убиството на американскиот претседател Џон Кенеди. Трамп буквално во последна минута потклекна под притисокот на тајните служби. Според наводи на владини претставници, ЦИА, ФБИ и други служби побарале дел од документите да не бидат објавени, а ако се планира објавување, претходно да бидат подложени на „уредување“.
Чувствителните документи, според наводи на Белата куќа, содржат информации за идентитетот и улогата на информантите. Се работи за десетици, а можеби и стотици илјади страници. Затоа Трамп на службите им даде рок од 6 месеци да ги прегледаат и обработат соодветните документи и да објаснат зошто одредени документи не смееле да бидат објавени.
Трамп обајснува дека немал друг избор, освен да прифати ваква постапка, но додаде дека издал наредба за конечно симнување на велот на тајната од документите. По истекот на рокот ќе биде објавено сѐ што е можно да се објави.
Трамп минатиот викенд најави комплетно објавување на тајните документи за Кенеди. Уште во 1992 година Конгресот донесе закон за објавување на речиси сите од околу 5 милиони акти за смртта на Кенеди. Дел од нив имаше рок на тајност од 25 години, кој истече на 26 октомври.
Кенеди беше убиен во Далас, на 22 ноември 1963 година. За убиството беше уапсен Ли Харви Освалд, кој два дена потоа беше убиен од страна на Џек Руби. Истрагите на Комисијата за убиството го донесоа заклучокот дека Освалд дејствувал сам.
Сепак, убиството со неколку истрели на 35. американски претседател до денес е причина за многу теории на заговор. Меѓу нив е и тезата дека наследникот на Кенеди, Линдон Џонсон наводно ги влечел конците за атентатот, притоа соработувајќи со ЦИА, како и теоријата дека во убиството е вмешана Куба. Фактот што дел од документите сега не смеат да бидат објавени, потхрани нови теории на заговор. Експертите, наспроти тоа, се уверени дека објавените документи не содржат којзнае какви откритија.
100 години од раѓањето на Џон Ф. Кенеди
Џон Ф. Кенеди на 29 мај 2017. ќе наполнеше 100 години. 35-тиот претседател на САД е убиен во Далас 1963 година, а кој стоел зад нападот сѐ уште не е разјаснето. Легендата за Кенеди живее.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Потомок од влијателен клан
Како син на богати родители, уживаше во привилегирана младост. Неговиот татко Џозеф П. Кенеди беше амбасадор на САД, меѓу останатото и во Лондон. Џон одеше во приватни училишта и студираше на реномираниот универзитет Харвард. Фотографијата го прикажува како офицер на американската морнарица во Панама во 1943 година.
35-ти претседател на Соединетите Американски Држави
По времето поминато во војска Кенеди се ангажираше во Демократската партија, беше пратеник во Претставничкиот дом и сенатор, а во 1960 година се кандидираше за претседател. На 20 јануари е инаугуруран за втор најмлад претседател во историјата на САД. Сѐ уште се памети неговиот прв говор: „Не прашувајте што може вашата земја да стори за вас, прашајте што вие можете да сторите за вашата земја.“
Фотографија: picture-alliance/Arnie Sachs - CNP
„Ich bin ein Berliner"
Од германски агол, најважен ден за време на претседателствувањето на Џон Ф. Кенеди беше 26 јуни 1963 година. Тој ден Кенеди во Западен Берлин одржа говор во кој ја кажа легендарната реченица: „Ich bin ein Berliner" (Јас сум Берлинец) и со тоа ја изрази солидарноста со жителите на Источен и Западен Берлин.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Најмоќниот човек на светот како „санибој“
Со младешкиот шарм брзо ги освои срцата на многу американски граѓани. Истовремено, неговиот мандат беше обележан со кризи и конфликти. Еден од нив беше и неуспешната инвазија во Заливот на свињите против комунистичкиот режим на Куба. Светот за влакно избегна нуклеарна војна во 1962 година. На Кенеди, меѓу останатото, треба да му се заблагодари, како што се смета, што сето тоа сепак добро помина.
Фотографија: Reuters
Гламурот на Џеки Кенеди
Со сопругот Џон Ф. Кенеди во Белата куќа пристигнаа и елеганција и гламур. Иако Џеки беше Прва дама на САД само 2 години, нејзиниот елегантен стил одбележа една цела генерација.
Фотографија: picture-alliance/ZUMA/KEYSTONE Pictures USA
Женкар
Џон Ф. Кенеди (десно) важеше за женкар кому се припишани неколку афери, како и контакти со „ескорт дами“. Најпознатата вонбрачна врска ја имаше, наводно, со Мерлин Монро. За Монро, тогаш познатата филмска икона и секс симбол, се зборуваше дека била во романтична врска и со неговиот брат Роберт (лево). Мерлин почина 1962 година под, сѐ уште, неразјаснети околности.
Фотографија: AP
Семеен човек
Фотографијата од 1962 година на која претседателот им апалудира на своите деца кои играат, стана позната ширум светот. Семејството Кенеди не беше секогаш така среќно. Братот на Џон Роберт, е убиен во еден атентат. Причините за смртта на другите членови на семејството Кенеди се тешки несреќи, дрога, авионски несреќи, самоубиство.
Фотографија: picture alliance/dpa
Атентатот
Далас, Тексас, 22 ноември 1963 година: Кенеди и неговата сопруга се возеа во кабриолет низ градот во рамки на предизборна кампања. Кенеди е убиен со повеќе куршуми. По атентатот целата земја беше во колективна жалост. Тој ден за многумина заврши сонот за младиот шармантен американски претседател кој тргна во мисија да го подобри светот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вечна мистерија
Два дена по убиството на Кенеди, осомничениот за атентатот Ли Харви Освалд (во средината) е убиен од страна на сопственикот на еден ноќен клуб (десно). Харви е уапсен неколку часа по атентатот. Околностите под кои се случил нападот останаа неразјаснети - на тоа во прилог му оди и фактот дека уште и денес се шират гласини и теории на заговор во врска со можните нарачатели на овој атентат.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Наследството на Кенеди
На сликата: погребот на ЏФК на 25 ноември 1963 година. Кенеди останува незаборавен. Како би течел неговиот мандат да не беше убиен по само 1.036 дена во Белата куќа? Како би се развивал светот? Можеби митот за Џон Кенеди и живее токму поради тоа, бидејќи одговори на тие прашања нема.