Трамп го санкционира Северен тек 2
21 декември 2019![Trump ist gegen Nord Stream 2](https://static.dw.com/image/50560921_800.webp)
Американскиот претседател Доналд Трамп на церемонија во воздухопловната база Ендрус кај Вашингтон стави потпис на новиот буџет за одбрана, во кој се предвидени санкции против изградбата на гасоводот Северен тек 2. Претставничкиот дом и Сенатот претходно дадоа зелено светло за санкциите.Тие се насочени пред се’ против фирми кои учествуваат во изградбата на гасоводот на Балтичко Море, како и против сопствениците на фирмите. Предвидени се забрани за влез во САД и замрзнување на имотот во САД.
Германската влада ги осуди американските санкции. Тие погаѓаат германски и европски компании и претставуваат „мешање во нашите внатрешни работи“, изјави портпаролка на владата во Берлин. Санкциите се „особено несфатливи“ ако се земе предвид во четвртокот постигнатата согласност помеѓу Русија и Украина за транзит на гасот, се вели во Берлин.
Северен тек 2 веќе извесно време предизвикува проблеми во односите помеѓу Вашингтон и Берлин. Канцеларката Ангела Меркел неделава во Бундестагот изјави дека не гледа „друга можност освен водење разговори, но многу одлучувачки разговори дека не се согласуваме со санкции“.
Трамп ја обвинува Германија дека со Северен тек 2 ќе стане позависна од руски гас. Критики за проектот има и во делови од Европа. Се стравува првенствено од слабеење на алтернативните гасоводи и традиционалните транзитни земји. Застапниците за гасоводот, пак, аргументираат дека тој ќе ја зголеми енергетската сигурност во Европа и дека ќе придонесе за поповолни цени на енергијата.