1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп е „екстремно загрижен“ поради информациите на Викиликс

НД/ дв
9 март 2017

Белата куќа вети дека оние кои стојат зад протекувањето на доверливи информации ќе се соочат со сериозни последици. Извештаите сугерираат дека упадот е направен од надворешни соработници на ЦИА.

Symbolbild CIA
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Goldman

Белата куќа и ЦИА ја обвинија Викиликс за објавување на ризница од доверливи материјали на разузнавачките служби во кои се опишани детали од операциите за хакирање.

Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, вчера изјави дека претседателот Доналд Трамп е „екстремно загрижен“ за безбедносниот упад во ЦИА кој доведе до протекување на информациите. Тој додаде дека инцидентот треба да ги вознемири сите.

„Овој вид на протекување на информации ја поткопува нашата држава, нашата безбедност и нашата добробит“, изјави тој.

Во меѓувреме, ЦИА ја обвини Викиликс за загрозување на американските животи, додавајќи дека им помага на непријателите и дека ѝ штети на борбата против терористичките закани преку објавувањето на информации за алатките за хакирање кои ги користи разузнувачката служба“.

„Американската јавност треба да биде длабоко загрижена за било какво споделување на протечени информации од страна на Викиликс кое е дизајнирано да и наштети на способноста на разузнувачката заедница да ја заштити Америка од терористи и други непријатели“, изјави портпаролот на ЦИА, Хедер Фриц Хорниак. „Ваквите информации не само што ги ставаат во опасност вработените и разузнувачките операции, тие исто така ги вооружуваат нашите непријатели со алатки и информации со кои може да ни наштетат".

Широко распространета способност за шпиунирање

Во вторникот Викиликс објави околу 9.000 доверливи документи во кои детално се објаснува како ЦИА би можела да користи софистициран софтвер за да ги шпиунира Ајфон мобилните телефони на Епл како и  уредите кои користат Андроид оперативен систем и од нив да преземат текст и гласовни пораки пред тие да бидат енкриптирани.

Документите исто така откриваат дека ЦИА може да претвори телевизор во уред за прислушување, намерно да пренасочи популарни апликации за енкриптирање и да го контролира автомобилот на лицето кое е предмет на опсервација.

Најголемите технолошки брендови, вклучувајќи ги Епл, Гугл, Самсунг и Микрософт најавија дека ќе истражат како нивните продукти би можеле да бидат под влијание на ваквите мерки.

Се чека истрага

Иако ЦИА допрва треба да потврди дали протечените документи се автентични, медиумите во САД јавуваат дека ФБИ ќе отпочне заедничка истрага со ЦИА. Според информациите на медиумите, истрагата наводно ќе се фокусира на тоа како документите стигнале до Викиликс и треба да утврди дали сигурносниот пробив во ЦИА бил извршен одвнатре или однадвор.

Во меѓувреме, официјални лица од Конгресот на САД навестуваат дека американскиот Сенат и Комитетот за разузнување при долниот дом на Конгресот ќе отворат сопствена истрага.

Во Германија, портпаролот на федералното јавно обвинителство изјави дека „ќе започне истрага доколку се појават докази за конкретни криминални дела или специфични извршители“, откако објавените материјали открија дека ЦИА водела центар за хакирање во Германија од конзулатот на САД во Франкфурт.

Соработници стојат позади нападот

Новинската агенција Ројтерс, цитирајќи два анонимни извори, објави дека надворешни соработници на ЦИА најверојатно стојат зад безбедносниот упад и протекувањето на доверливите документи на Викиликс.

Едно официјално лице изјавило дека надворешните соработници веќе истражувале кои од нивните вработени имале пристап до протечените документи и дека вршат проверка на компјутерите и имејл серверите.

По објавувањето на документите, Викиликс ја обвини ЦИА дека изгубила контрола врз архива на документи за мерки за хакирање која веќе циркулирала „на неавторизиран начин помеѓу поранешни хакери и соработници на американската влада, еден од кои на Викиликс и предал дел од архивата“.

Според официјални лица, ограничувањата на федералниот буџет довел до зголемување на бројот на лицата кои имаат пристап до информации класифицирани со највисок степен на тајност. Покрај тоа, федералните агенции исто така се обидуваат да одржат чекор со напредувањето на технологијата, како на пример со „the internet of things" со што се поврзуваат домаќинските апарати со компјутерските мрежи, а исто така се соочуваат и со предизвикот да понудат плати со кои би можеле да се натпреваруваат со приватниот сектор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми