Трамп е за задушувачки зафат во исклучителни случаи
Кристијан Валц
13 јуни 2020
Полицајците понекогаш се среде „гадни борби“, па задушувачкиот зафат во такви случаи можеби би бил неопходен, изјави американскиот претседател Доналд Трамп. Тој додава и дека не го сака тој метод.
Реклама
Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека задушувачкиот зафат би можел да се користи од страна на полицијата, но само во исклучителни случаи. При борба на полицаец со осомничено лице понекогаш може да дојде до ситуација да се употреби ваков зафат, смета тој. „Што ќе направите тогаш? Ќе го пуштите и ќе речете: Ајде да почнеме од почеток, не смеам да употребам задушувачки зафат?“, рече Трамп во интервју за Фокс Њус. Доаѓа до ситуациии „еден на еден“, до „гадни борби“ и судири со „навистина лоши луѓе“, рече Трамп, додавајќи: „Тоа е тешка ситуација“.
Но, според американскиот претседател, во основа задушувачки зафат би требало да не се применува. „Не ги сакам задушувачките зафати“. Трамп сака на американските улици да види „сочувствителна, но силна“ полиција.
Смртта на црнецт Џорџ Флојд при брутална акција на полицијата предизвика дебата за полициското насилство и расизмот не само во САД, туку и во други земји во светот. Полицаец белец на крајот на мај го притискаше Флојд со колено на вратот речиси девет минути, иако уапсениот повеќепати се жалеше дека веќе нема воздух. Подоцна 46-годишниот Флојд почина. Полицаецот и тројцата негови колеги кои учествуваа во акцијата беа отпуштени од работа, уапсени и обвинети.
Опозициските демократи во САД како реакција на насилната смрт на Флојд побараа мерки против полициско насилство, но тоа наидува на одбивање од страна на републиканците на Трамп. Во меѓувреме околу тоа прашање се активираа градовите и сојузните држави. Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, вчера потпиша закон кој меѓу другото предвидува максимални затворски казни до 15 години за полицајци кои нанесуваат повреди или убиваат со задушувачки зафат. Освен тоа, во иднина би требало да бидат полесно достапни досиејата за дисциплински постапки и несовесно работење на припадници на полицијата.
Протести против колонијализмот и расизмот
Антирасистичките протести по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд го подгреаја конфликтот околу колонијализмот. Во Европа и САД се оштетуваат, уништуваат и отстрануваат споменици.
Во изминатите години имаше повеќе конфликти околу статуата на Едвард Колстон во Бристол. Сега демонстрантите го извадија споменикот од неговиот постамент и го фрлија во пристаништето. Колстон работел за Кралско-африканската компанија, која поробувала 5000 луѓе годишно. Подоцна влегол во историјата како филантроп поради неговите донации за училишта и болници.
Активисти го обвинуваат иницијаторот на извидничкото движење Роберт Баден-Пауел за расизам, хомофобија и восхитување со Адолф Хитлер. Неговата статуа се наоѓаше во Браунси, во јужна Англија. По уништувањето на првите споменици во текот на антирасистичките протести, локалната власт во знак на претпазливост самата ја отстрани статуата на Баден-Пауелс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Matthews
Леополд Втори и белгискиот колонијален режим
Во Белгија има многу статуи на кралот Леополд Втори. Монархот кој владеел со земјата од 1865 до 1909 година, во Конго создал брутален колонијален режим, кој важи за еден од најнасилните во историјата. Повеќе статуи на Леополд Втори беа испрскани со боја. Оваа, во предградието на Антверпен, Екерен, беше транспортирана во музејскиот магацин од страна на властите.
Фотографија: Reuters/ATV
Кристофер Колумбо – помеѓу почит и презир
И во САД се разгоре судир околу спомениците на контроверзни личности. Гневот на демонстрантите е насочен, меѓу другото, против Кристофер Колумбо. Оваа статуа на морепловецот во Бостон, остана без глава. Домородците во северна Америка го отфрлаат оддавањето чест на Колумбо, поради тоа што велат дека неговите експедиции овозможиле колонизација на континентот и геноцид на индигените народи.
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Контроверзно сеќавање: Статуа на Колумбо во Чиле
Колумбо за некои е една од најзначајните личности во светската историја, за многу луѓе во Латинска Америка, меѓутоа, неговото име се поврзува со почеток на ера на страдања. Од аспект на индигените народи, шпанскиот колонијализам е темно поглавје во нивната историја. И во Латинска Америка во минатото се уништувани и оштетувани статуи на Колумбо.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Boensch
Џеферсон Дејвис во визир на демонстрантите
Џеферсон Дејвис бил претседател на Конфедеративните држави на Америка и еден од водечките политичари во Граѓанската војна. Статуата на Дејвис сега е испрскана со боја и откорната. Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом во САД, пледира за отстранување на статуите на претставниците на Конфедеративните држави. Овие луѓе застапувале „свирепост и варварство“, изјави демократката Пелоси.
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla
Роберт Ли ја подели Америка
И оваа статуа на Роберт Ли, генерал на конфедеративната армија во американската граѓанска војна, би требало да биде отстранета. Во Ричмонд, во американската сојузна држава Вирџинија, споменикот ќе биде отстранет по налог на гувернерот Ралф Нортам. Многу Афроамериканци во статуите на политичарите и војниците од Конфедеративните држави на Америка гледаат симболи на угнетување и ропство.