Американскиот претседател Трамп секојдневно зема хидроксихлорокин, иако ефикасноста на овој лек против маларија се’ уште не е докажана во борбата против коронавирусот.
Реклама
Американскиот претседател Доналд Трамп го зема лекот против маларија, хидроксихлорокин, како профилакса против коронавирусот. Според Трамп, тој лекот го зема „отприлика недела и половина“, затоа што смета дека „тој е добар“.
„Слушнав многу приказни околу тоа“, изјави американскиот претседател во Белата куќа. На прашањето во врска со научните сознанија околу ползата од ваква профилакса, тој одговори дека добил многу повици и многу лекари и медицински сестри го земале исто така превентивно. Трамп, според сопствените зборови, земањето на лекот го утврдил со лекар во Белата куќа.
Божји дар?
Американскиот претседател во март и април постојано се залагаше за хидроксихлорокинот како терапија за пациентите кои се разболени од Ковид-19. Лекот е „божји дар“, велеше тој тогаш. На крајот на април Американската агенција за лекови ФДА издаде предупредување и соопшти дека нема докази оти лекот е ефикасен против Ковид-19, како и дека тој го зголемува ризикот од опасни пореметувања на срцевиот ритам.
Трамп објасни дека зема и цинк за да го зајакне имунолошкиот систем. Тој повтори дека тестот за коронавирус што му е направен, бил негативен. Остана нејасно дали претседателот го зема хидроксихлорокинот како профилакса против инфекција со коронавирусот или во надеж дека со него симптомите на Ковид-19 би биле поблаги.
Хидроксихлорокинот во САД се употребува и за третман на автоимуната болест лупус и на артритисот. Во моментов во тек се повеќе студии кои ја истражуваат евентуалната полза од лекот за третман на Ковид-19.
Националниот здравствен институт во САД минатата недела укажа на една клиничка студија со околу 2000 лица. Таа би требало да разјасни дали земањето хидроксихлорокин заедно со антибиотикот азитромицин во раниот стадиум на болеста би можело да придонесе за намалување на времето минато во болница и на бројот на смртни случаи.
Пет совети за подобро физичко и ментално здравје во корона-кризата
Вакцина нема, лек исто така. Експертите, во моментов, не се сигурни ни дека оние кои оздравеле од Ковид-19 се целосно заштитени од нова инфекција. Затоа е препорачливо јакнење на личниот имунитет среде пандемијата.
Фотографија: Fotolia
Здрава исхрана
Докажано е дека здравата исхрана го намалува ризикот од хронични болести како што се проблемите со циркулацијата, дијабетисот или со дебелината. Исто така, со здрава исхрана се намалува и ризикот од депресија и од анксиозност. СЗО потсетува - но тоа важи и без пандемија - дека треба да се остават алкохолот, цигарите и сите останати дроги
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Heinz
Добар сон
Додека спиеме, телото вредно работи: келиите се обновуваат, се отстрануваат отровите, се зацврстува помнењето. Како што покажаа истражувањата, недостатокот на сон влијае не само на физичката состојба, туку и на психичката. Недостатокот на сон нѐ прави поподложни на хронични болести. На поголемот број луѓе им се доволни 6 до 9 часа сон, но важно е да се спие во одреден ритам.
Фотографија: Colourbox
Движење и вежбање
Движењето го исполнува телото со „хормоните на среќа“. Тоа овозможува подобро спиење, ги намалува стресот и стравовите, го зајакнува помнењето. Движење и спорт, па макар и дома - најмалку 30 минути дневно. Тренерите велат дека не важно како ќе ги поделите тие минимални 30 минути - можеби по 10 минути наутро, напладне и навечер? Кога можете излезете на свеж воздух.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. pedersen
Одржување на контактите
Пријателите во овој период на социјална изолација поради коронавирусот се поважни од кога било. Социјалните мрежи се докажано добри за здравјето. Бидејќи излегувањата и собирите сега не се можни, речиси сѐ се одвива на интернет. Но, подобро така отколку никако.
Изолацијата можеби е шанса да се заборави на светот и на надворешните вести. Размислите, што сакате веќе подолго да направите но никако не стигнувате? Нешто во градината, да испробате нов рецепт, да научите да плетете, да прочитате некоја книга која веќе подолго ве гледа обвинувачки од полицата? Сега е идеално време за тоа.