Американскиот Сенат гласаше за продолжение на втората постапка за импичмент против поранешниот претседател Доналд Трамп. Мнозинството пратеници не се согласија со аргументацијата на бранителите на Трамп.
Реклама
Вториот процес за импичмент против Доналд Трамп е во согласност со Уставот, утврдија со гласање американските сенатори. Покрај 50-те демократи, „за“ гласаа и петмина републиканци. 44 републикански сенатори беа против.
При гласањето стануваше збор за тоа дали е можен процес против Трамп како поранешен американски претседател. Пред гласањето имаше четиричасовно сослушување, во текот на кое тужителите и бранителите на Трамп ги изложија своите аргументи.
Адвокатите на Трамп, како и голем број републикански сенатори, аргументираа дека постапката е противуставна и дека Сенатот може да суди само за актуелни, а не и за поранешни претседатели. Дејвид Шоен од тимот за одбрана на Трамп изјави дека приватни лица не можат да бидат симнати од функцијата и дека за тоа да се сфати е доволно само да се има здрав разум. Шоен ги обвини демократите дека почнале процес за „да го отстранат Трамп од политичката сцена“. Тоа, според него, е злоупотреба на процесот за импичмент за политички цели. Според Шоен, на Демократите не им до тоа да ја обединат земјата, како што сами нагласуваат: „Овој т.н. процес ќе ја распарчи земјата“, опомена тој.
Џејми Раскин, кој ја води противничката страна, онаа на тужителите, опомена дека нема „јануарски исклучок“, притоа алудирајќки на последниот месец од мандатот на Трамп. Претседателите мора да одговараат за она што го прават до последниот ден од мандатот, сметаат демократите. Тоа значи дека процес во Сенатот може да има дури откако ќе истече мандатот. Во спротивно, еден претседател би можел, на пример, да се обиде да се одржува насилно на власт откако ќе биде симнат од функција на избори, образложи Раскин. Тој додаде дека обвинението се потпира врз „чисти, цврсти факти“.
По одлуката во Сенатот дека процесот против Трамп е во согласност со Уставот, двете страни сега имаат по два дена да се зафатат со конкретните обвинувања на сметка на поранешниот претседател.
Демократите го обвинуваат Трамп дека на 6 јануари ги подбуцнал своите поддржувачи да упаднат во Капитолот. Доколку биде донесена пресуда против Трамп, тој би можел да биде исклучен од јавни функции во иднина. Меѓутоа, прогласувањето на Трамп за виновен е речиси исклучено, затоа што за тоа би било неопходно двотретинско мнозинство во Сенатот, во кој Демократите и Републиканците имаат по 50 сенатори. Тоа значи дека со ставовите на демократите би требало да се согласат дури 17 републикански сенатори.
Како течеше упадот на поддржувачите на Трамп во Капитол
Доналд Трамп, сѐуште актуелен претседател, долго ги подбуцнуваше своите најверни симпатизери. Последица: некои од нив на 6.01.2021 упаднаа во срцето на американската демократија.
Фотографија: Leah Millis/REUTERS
Создавање набој
Бројот на фанатични поддржувачи на Трмап пред Конгресот во САД растеше преку цел ден. Во почетокот, полицијата успеваше да одржува ред.
Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images
Први судири
Паралелно со заедничката седница на двата дома на Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом, на која требаше официјално да биде потврдена победата на Џо Бајден на претседателските избори, пред Капитол се собираа приврзеници на поразениот претседател Доналд Трамп. Дојде до први судири со полицајците кои требаше да го обезбедуваат Конгресот.
Фотографија: Stephanie Keith/REUTERS
Преслаб кордон
Сѐ поразјарената толпа сакаше да продре во Капитол. Полицајците се обидуваа да ги спречат. На некои агресивни поддржувачи на Трамп им успеа да влезат во зградата.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Упад во Капитол
Дел од демонстрантрантите успеаја да продрат длабоко во зградата, дури до вратите на Сенатот.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Одбрана на последниот бастион
Обезбедувањето се обидуваше да ги држи во „шах“ насилниците во влезната хала. Политичарите во Сенатот низ задна врата беа изведени на безбедно место.
Фотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance
Еден се проби
Во меѓувреме, еден од приврзениците на Трамп успешно се проби покрај полицајците и упадна во Сенатот. Од трибината за посетители тој скокна во пленарната сала.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Со пиштоли спремни за пукање
Истите слики се повторуваа во другите крила на Капитол. И Претставничкиот дом беше цел на натрапниците. Припадниците на обезбедувањето на Конгресот ги запираа - со вперени пиштоли.
Фотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance
Непријателско преземање?
Симпатизерите на Трамп навлегуваа сѐ подлабоко во зградата, сѐ до ходниците со канцелариите на Конгресот. Таму некои се распослаа на работните маси на пратениците.
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images
Надвор од контрола
Еден од натрапниците го „присвои“ и пултот за говор на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и со него се шеташе низ Капитол. Никој не го запре.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Во засолниште
Пленарните сали беа евакуирани. Некои побараа засолниште во галеријата на Претставничкиот дом. Репортерите сведочеа дека биле поделени гас-маски, како заштита од солзавец.
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance
Солзавец врз Конгресот
На силите на безбедноста не им остана ништо друго освен да ја растурат разулавената толпа, употребувајќи солзавец.
Фотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images
Засилувањето го оконча хаосот во Капитол
Полициските сили добија засилување, Националната гарда поита во помош, а градоначалничката на Вашингтон воведе полициски час до раните утрински часови. Така во Вашингтон ноќта полека се врати мирот.