Трамп им се закани на членките на Генералното собрание на ОН
ЕМФ /агенции
21 декември 2017
Американскиот престедател Доналд Трамп пред денешното гласање за Ерусалим во Генералното собрание на ОН упати остро предупредување до земјите членки да не гласаат против САД, затоа што ќе се соочат со финансиски санкции.
Реклама
Пред почетокот на итната седница на Генералното собрание на ОН, на која треба да се гласа за предлог-резолуцијата за Ерусалим, земјите членки беа остро предупредени од страна на американскиот претседател Доналд Трамп да внимаваат како ќе гласаат. На земјите кои ќе гласаат против САД, ќе им биде скратена финансиската помош, се закани Трамп во Белата куќа.
„Земаат стотци мичлиони долари, па дури и милијарди долари, а потоа гласаат против нас“, рече Трамп, додавајќи дека американската влада ќе го прими на знаење ваквото гласање. „нека гласаат против нас“ Ќе заштедиме еден куп пари“, изјави Трамп.
По ваквите закани на американскиот претседател, стигна реакција од палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малки. Тој го осуди „заканите“ на САД, а особено писмото што американската амбасадорка во ОН го упатила на повеќемина министри за надворешни работи. Ники Хејли со писмото се обиде да им се „закани и заплаши“ другите земји, рече палестинскиот министер на прес-конференција во Истанбул. Во писмото Хејли пишува дека Трамп од нејзе побарал да му ги пријави сите земји „кои гласале против нас“. „Ќе го забележиме секој глас“, се заканува Хејли во писмото.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на прес-конференцијата со Ал Малки во Истанбл оцени дека САД се одлучиле „да одат по патот на закани“, но дека тоа нема да функционира, затоа што „светот се промени“, а променета е и логиката „јас сум посилен, јас сум во право“. „Денес светот се спротивставува на ваквата неправедност“, оцени Чавушоглу.
САД во понделникот ставија вето на предлог-резолуцијата во Советот за безбедност на ОН и спречија осуда на одлуката на Трамп за Ерусалим. Сите останати 14 членки на СБ на ОН гласаа за предлог-текстот. По ваквиот исход, на инсистирање на муслиманските држави беше свикана итна седница на Генералното собрание на ОН. Таму се застапени 193 држави. Нивните резолуции, меѓутоа, не се правно обврзувачки и не постои право на вето.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.