1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп испраќа федерални сили во Чикаго и Албукерки

СН/агенции
23 јули 2020

Претседателот на САД ја исполнува својата закана и испраќа федерални полициски единици во други поголеми градови. Засегнатите градоначалници гледаат маневар за одвлекување на вниманието од неуспесите на самиот Трамп.

USA Präsident Trump
Фотографија: Reuters/L. Millis

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека федералните сили ќе бидат распоредени во градовите во кои доаѓа до пораст на насилството, меѓу кои се Чикаго во Илиноис и Албукерки во Њу Мексико.

Трамп на брифингот во Белата куќа за порастот на насилствата ги обвини левичарските движења кои сакаат да ја расформираат и да ја укинат полициската управа по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд.

„Ова дивеење на насилството ја шокира совеста на нашата нација“, изјави Трамп, пренесува агенцијата Ројтерс.

Според американскиот министер за правда, Вилијам Бар, околу 200 федерални полицајци сега треба да бидат испратени во Чикаго, Илиноис, а уште 30 во Албукерки, Њу Мексико. Според Бар, 200 федерални полицајци се веќе во Канзас Сити, Мисури.

Класична борба против криминалот?

Според Бар, операциите се дел од програмата „Операција Легенда“, која веќе трае, и затоа се одвоени од неодамнешно контроверзно распоредување на федерални безбедносни сили во Портланд. Федералните власти ќе „разоткриваат убиства и ќе разбиваат насилни банди“, рече Бар. „Ова е класична борба против криминалот“. Во „Операцијата Легенда“, федералните власти од ФБИ и други агенции, според него соработуваат со локални власти.

Фотографија: AFP/M. Trinca

Група од 15 градоначалници од големите американски градови ја повикаа федералната влада моментално да ги повлече своите сили и да „се согласи да не ги распоредува унилатерално службениците на федералната полиција во американските градови“. 

Повеќе:

-Демонстрантите во Портланд им пркосат на специјалните единици

-САД и расизмот: Помалку пари за полицијата?

-Бесконечната борба за еднаквост во САД

Градоначалниците во отворено писмо до министерот  Бар и до вршителот на должноста министер за внатрешна безбедност Чад Волф им порачаа дека едностраните одлуки на федералната влада да испратат сили во американските градови се „без преседан и ја кршат фундаменталната уставна заштита“.

„Политички трик“ на Трамп

Градоначалникот на Чикаго, Лори Лајтфут, ја нарече најавата на Трамп „политички трик“. Според неа Трамп само сака да го одвлече вниманието од неговиот „неуспех“ во борбата против пандемијата на коронавирусот. Ако Трамп навистина сака да стори нешто за борбата против урбаното насилство, тој , на пример, треба да се заложи за построг закон за оружје на федерално ниво. „Нему му е сеедно. Нему му е апсолутно сеедно", рече таа, додавајќи дека претседателот е само заинтересиран да си помогне самиот себеси и да ги направи другите лоши. Во врска со случувањата во Портланд, Орегон, Лајтфут рече дека она што се случи таму откако беа распоредени федералните власти не е демократија: „Тоа го нарекуваме тиранија и диктатура“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми