1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и германските автомобили

Бригите Шолтес
10 јуни 2017

Дали Германците се навистина „многу, многу лоши“, како што тврди претседателот на САД кога говори за германскиот извоз на автомобили? Трамп ја заобиколува вистината и не споменува дека Германците произведуваат во САД

USA Donald Trump in Ypsilanti
Фотографија: Reuters/J. Ernst

„Погледнете ги само тие милиони автомобили кои Германците ги продаваат во САД. Страшно! Но, ние ќе го сопреме тоа“, изјави Доналд Трамп неодамна по средбата со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск. Германската автомобилска индустрија засега не реагира.
А вистината е следната: германските автомобилски компании во своите американски погони минатата година произвеле 850 илјади автомобили, што е четири пати повеќе отколку во 2009. Од таа бројка, само две петини се продаваат во САД, а останатото е извоз. Значи, германските компании извезуваат половина мипион автомобили од своите погони во САД. Германската индустрија на автомобили заедно со набавувачите, во САД вработува повеќе од 100 илјади луѓе. „Најголем извозник на автомобили од САД не се вика Џенерал Моторс или Форд, туку БМВ, германскиот концерн со седиште во Германија“, вели Галина Колев од Институтот на германското стопанство.

БМВ е „национален херој“

Изјавите на Трамп не се ништо друго туку „вриштење без никаква основа“, вели Фердинанд Дуденхефер, директор на Центарот за истражување на мобилност при Универзитетот во Дуизбург и добар познавач на германската автомобилска индустрија. БМВ би можел да се прогласи и за „национален херој“ во САД, вели Дуденхефер, бидејќи Баварците во своите погони во САД само минатата година произведоа 45 илјади автомобили повеќе од она што продадоа на тамошниот пазар. Дајмлер произведува речиси ист број возила колку што продава во САД. Единствено кај Фолксваген односот е поинаков, но тоа е само поради тоа што, како што вели Дуденхефер, најголемиот погон на таа фирма во Чатануга минатата година, поради промена на производните линии, не работеше со полна пареа, но и поради тоа што Ауди и Фолксваген произведуваат и во Мексико, а Порше, кој исто така е дел од империјата на Фолксваген, воопшто нема фабрика во Америка.
И другите „аргументи“ на американскиот претседател, според кој, германските производители држат поголем дел од американскиот пазар, одошто е случај со американските производители на германскиот пазар, нема врска со фактите. Уделот на германските марки на американскиот автомобилски пазар е само 7,6 отсто. Уделот на американските марки како Фиат-Крајслер, Форд, Џенерал Моторс и Тесла на германскиот пазар е двојно повисок- 13,5 проценти. „Доналд Трамп повторно дава изјави, не врз основа на факти, туку својот суд го носи со помош на 'алтернативните факти', веројатно врз основа на тоа колку германски автомобили гледа на улиците на Њујорк или во гаражите на кулата Трамп“, коментира Дуденхефер.

Фабрика на БМВ во Спартанбург, САДФотографија: picture-alliance/dpa

Многу врева за ништо

Па дури Трамп и да ги спроведе на дело своите закани за „прилагодување на граничниот данок“, а фирмите од браншата кои повеќе извезуваат во САД одошто увезуваат би плаќале поголеми давачки, тоа, според актуелните бројки, би го погодило само Фолксваген. Истовремено, тоа значително би ги поскапело производите на американскиот пазар. Освен тоа, малку е веројатно дека Трамп би успеал да ги протурка таквите закони низ законската процедура, вели Галина Колев. Значи, уште еднаш: „многу врева за ништо“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми