Во Вашингтон, Трамп ги критикува демонстрантите и медиумите; во Германија, неговите европски истомисленици слават. Оружјето сега навистина е насочено кон стариот светски поредок, смета Фолкер Вагенер.
Реклама
Стариот светски поредок од 20. век е засекогаш завршен - Франк Валтер Штајнмајер, актуелниот шеф на германската дипломатија и веројатниот иден претседател на државата, не е личност која тукутака ќе тресне нешто без размислување, а во овој случај погоди точно во целта. И од сите луѓе, токму Марин Ле Пен, лидерот на францускиот Национален фронт, се согласува со него.
„Сведочиме на крајот на светот и раѓање на нов“, изјави таа пред околу 800 десничарски популисти, на собирот во саботата во германскиот град Кобленц.
Околу фактите може да се спори, но тоа не ја менува состојбата: плачењето никогаш не решило ништо. Брегзит е реалност, исто како и Трамп. На Западот се случува политичка метаморфоза. Популизмот е „ин“ и ништо нема да остане исто. Наскоро, и други западноевропски држави ќе одржат избори: Франција, Холандија и Германија.
Во меѓувреме, САД се поздравуваат со својата улога на одржувач на светскиот поредок. Во Сирија, САД веќе ѝ го препуштија теренот на Русија. Сега повеќе се фокусираат на Израел. Преселбата на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, како што вети Трамп во кампањата, нема да биде само организациска одлука, туку и политички став - и тоа каков!Таквиот чекор ќе биде де факто признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Шетање со факел низ бензинска станица е побезбедно од тоа.
Новиот американски претседател не мора да се грижи за Европа. Ле Пен, лидерот на АФД Фрауке Петри, холандскиот десничар Герт Вилдерс и други слични - негови минијатурни копии - ќе се погрижат за сѐ. Целта на европските десничари е да изградат егоистични, егоцентрични национални држави, по примерот на „Трамповата Америка на прво место“. Не е изненадување што британската премиерка Тереза Меј ќе биде првиот лидер од стариот континент која ќе се сретне со Трамп. Тој и европските популисти едвај го дочекаа заминувањето на Британија од ЕУ за да ја ослободат својата злоба кон наднационалните сојузништва.
Кога неправдата станува закон, отпорот станува обврска
Се чини дека сите лекции кои Западот ги научи по крајот на Втората светска војна да се исмеваат: политиката на сојузништва, принципот на солидарност, економската помош. За волја на вистината, гласањето за Брегзит беше тесно; противниците на ЕУ успеаја да се мобилизираат, додека другите останаа дома, убедени дека нивната помош не е потребна.
Трамп, од друга страна, профитираше од делегатскиот систем; во апсолутни бројки тој претставува помалку од половина од Американците. Германската АФД и францускиот Фронт Насионал сѐ уште се во опозиција. Но она што ги прави екстремно опасни политичкото вртење кон десно, отфрлањето на вредностите и севкупната атмосфера е латентната омраза на популистите кон државата, демократијата, социјалните елити, секојдневната мултиетничност и медиумите.
Сепак, од Вашингтон до Њујорк, Бостон, Сиднеј, Париз и, да, и Кобленц, минатиот викенд беше емитувана и поинаква реалност: онаа на протест - масовни протести против простоумието, поедноставените погледи на светот и злобните хушкачи. Доколку демократијата сака да остане повеќе од академски израз во училишните лекции, ќе мора веднаш да се докаже, насекаде: во парламентите, во медиумите и на улиците.
Колку е радикална европската десница?
Бавен економски раст, незадоволство поради политиките на Европската унија и мигрантската криза доведоа до изборен успех на десничарските партии низ цела Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фрауке Петри, Алтернатива за Германија (АФД)
Лидерот на Алтернатива за Германија, Фрауке Петри изјави дека полицијата може да користи оружје како крајна мерка при спречување на илегално преминување на границата, потенцирајќи дека „таков е законот“. Она што започна како евроскептична партија се претвори во антиестаблишмент и анти-ЕУ политичка сила која на покраинските избори во Германија во март 2016 година освои 25 проценти од гласовите.
Фотографија: Reuters/W. Rattay
Марин Ле Пен, Национален фронт (Франција)
Многумина веруваат дека Брегзит и победата на Доналд Трамп може да бидат стимул за Националниот фронт. Со партијата, која беше формирана во 1972 година, раководи Марин Ле Пен, која во 2011 година го презеде водството од нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен. Национален фронт е националистичка партија која користи популистичка реторика да ги промовира своите анти-имиграциски и анти-ЕУ позиции.
Фотографија: Reuters
Герт Вилдерс, Слободарска партија (Холандија)
Лидерот на холандската Слободарска партија, Герт Вилдерс, е еден од најпроминентните десничарски политичари во Европа. Во декември тој беше осуден затоа што во 2014 година праша толпа граѓани дали сакаат повеќе или помалку Мароканци во земјата, но не му беше изречена казна. Неговата партија се смета за анти-ЕУ и антиисламска и моментално има 15 пратеници во холандскиот парламент.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koning
Никос Михалолиакос, Златна зора (Грција)
Никос Михалолиакос е претседател на грчката неофашистичка партија Златна зора. Тој и десетина други членови на партијата во септември 2013 година беа уапсени под обвинение за формирање на криминална организација. Михалолиакос беше ослободен во јули 2015 година. Златна зора освои 18 мандати на парламентарните избори во септември 2016 година. Партијата застапува антиимигрантски ставови.
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images
Габор Вона, Јобик (Унгарија)
Јобик е унгарска антиимиграциска, популистичка и протекционистичка партија која се стреми да биде дел од следната влада во земјата. Јобик е трета по големина политичка партија во Унгарија и на последните избори освои 20 проценти од гласовите. Партијата бара одржување референдум за членството во ЕУ и се залага за криминализација на „сексуалната девијантност“. Лидер на Јобик е Габор Вона.
Фотографија: picture alliance/dpa
Џими Акесон, Шведски демократи
По изборот на Трамп, лидерот на Шведските демократи Џими Акесон во интервју за шведска телевизија изјави: „Постои движење во Европа и САД кое го предизвикува владеењето на естаблишментот. Тоа очигледно се случува и тука“. Шведските демократи бараат ограничување на имиграцијата, се противат на приклучувањето на Турција во ЕУ и бараат референдум за членството на земјата во ЕУ.
Фотографија: AP
Норберт Хофер, Слободарска партија на Австрија
Норберт Хофер, член на австриската националистичка Слободарска партија, загуби на неодамнешните претседателски избори за само 30.000 гласови, откако беше фаворит во првиот круг на гласање. Поранешниот лидер на Зелената партија освои 50,3 проценти од гласовите, а Хофер осови 49,7%. Слободарската партија се залага за зајакнување на државните граници и ограничување на бенефициите на имигрантите.
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Мариан Котлеба, Народна партија – Наша Словачка
Лидерот на крајно десничарската Народна партија – Наша Словачка, Мариан Котлеба, изјави: „Дури и еден имигрант е премногу“. Во друга прилика тој го нарече НАТО „криминална организација“. Оваа партија се залага за напуштање на ЕУ и на Еврозоната. На изборите во март 2015 година партијата освои 8 проценти од гласовите, со што обезбеди 14 мандати во националниот парламент кој брои 150 пратеници.