1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп како опасен трговски патник

Александра фон Намен
29 мај 2017

На своето прво надворешнополитичко патување, претседателот на САД, Доналд Трамп ги отфрли сојузниците во Европа, дозволи да му ласкаат автократи и разбуди сомнеж во доверливоста на САД.

USA Donald Trump
Фотографија: picture alliance/AP Photo/L. Bruno

Со своето прво патување во странство претседателот на САД сакаше да докаже дека неговото барање за „Америка прво“, односно САД да бидат на прво место, е компатибилно со водечката улога на неговата земја во светот. Кореографијата на тоа патување беше мудро конципирана, а патувањето долго подготвувано: од Ријад се патуваше во Ерусалим, што само по себе е историја. Од Светата земја рутата водеше кон Ватикан, за да го најде својот крај меѓу пријателите и партнерите во Брисел и сицилијанската Таормина.
Тоа беше патување кое на Трамп му даде шанса да заблеска на светската сцена - како државник кој импресионира, инспирира и насекаде е почитуван. Но пред сѐ, државник кој следи една цел: да се зачуваат интересите на Американците и да се одбранат. Тоа беше наративот на патувањето. Луѓето на Трамп за односи со јавност и советниците речиси се натпреваруваа во суперлативите за да ги опишат своите успеси.

Убави слики без содржина

Но горчливата вистина е дека зад убавите слики и големите најави имаше малку содржина. Досега Белата куќа пропушти ветувањата и иницијативите на претседателот да ги потврди со содржајни детали. Како се планира да се спроведе договорот од Ријад за укинувањето на изворите на финансирање на екстремистите и нивните помагачи? Колку е конкретен планот за мир на Блискиот исток?

Александра фон Намен

Уште полошо: тоа патување еднаш веќе демонстрираше во која мерка Трамп се потпира врз една трансакциска надворешна политика. Политика која е одбележана со натпревар на интереси кои секогаш одново се договораат. Со опасни последици: за да ги убеди владетелите во мнозински муслиманските земји на соработка во алијансата против екстремизмот, претседателот практично им ја даде сета слобода на владеење во нивните земји. Човековите права, правата на жените и зајакнувањето на граѓанското општество не играат речиси никаква улога.

Опасно потпалување

За да наиде на одек во Саудиска Арабија и Израел, Трамп во текот на патувањето повторно го критикуваше Иран. Но, неговите закани тешко можат да значат дека САД навистина ќе го прекинат Договорот за иранската нуклеарна програма со Техеран, кој го потпишаа повеќе партнери. Но, конфронтациската реторика на Трамп би можела да доведе до ново насилство меѓу шиитите и сунитите во регионот. Претседателот на САД потпалува, а за последициите веројатно му е сеедно.

Трамп мора да биде во прв ред!

00:34

This browser does not support the video element.

Сојузниците во Европа беспомошно и ужаснато ја гледаат таа претстава. Нивната надеж дека ќе успеат да го убедат Трамп во заедничките вредности и иницијативи кои се договорени за време на неговиот претходник Обама, едноставно исчезна. Во Брисел, новиот претседател на САД беше груб кон многу НАТО партнери, и тоа за време на церемонијата која требаше да го прослави НАТО како историски и кон иднината ориентиран сојуз.

Тоа што на самитот на Г7 во Таормина де-факто ги торпедираше разговорите и остана непопустлив за многу прашања, ја покажува целата трагичност и опасност од неговиот претседателски мандат. Оттука „Америка прво“ може да значи дека ад-хок ќе се градат нови сојузништва, а истовремено ќе се одбиваат верните партнери. Веродостојноста на САД со тоа се става на коцка. И тоа е она што останува од првото патување во странство на Трамп.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми