Трамп и договорот за атомска енергија со Иран
7 септември 2017Американската амбасадорка при ООН, Ники Хејли, двосмислено се изрази во однос на Договорот со Иран за атомска енергија. Таа изјави дека не е за тоа да се стави под прашање правната основа за договорот. Но едно нешто според неа мора да е јасно: „Доколку Трамп се реши на таков чекор, има цврста основа на која може да застане."
Хејли не даде подетални информации за причините на кои Трамп ги заснова неговите задршки во однос на, како што таа вели, „атомскиот договор со недостатоци". Наместо тоа, таа смета дека е исправно да може Договорот принципиелно да се стави под прашање. „Во ниту еден момент не би требало да бидеме обврзани на некаков си Договор и да ја жртвуваме безбедноста на САД со тоа што на нешто ќе се обврземе."
Предупредување од самосоздадена криза
Изјавите на Хејли се косат со податоците на Меѓинародната агенција за атомска енергија. Од таму минатата недела изјавија дека Иран ги почитува договорените обврски. Особено се истакнува дека Техеран ги почитува дозволените граници за збогатување на ураниум. Исто така и резервите на слабо збогатен ураниум не ги надминувале утврдените максимални количини, тврдат од Агенцијата.
Позадината на последните изјави на Хејли е претстојното оценување на Договорот од страна на американскиот Сенат во октомври годинава. Во контекст на тоа ќе се произнесе и Трамп.Во САД скепсата на претседателот веќе подолго време предизвикува голема загриженост. „Договорот може само еднаш да се прекине", предупреди републиканскиот сенатор Боб Коркер. Доколку САД тоа би го направиле, самите би предизвикале криза во светот. Според извештај на „Вашингтон пост" дури и министерот за надворешни работи Рекс Тилерсон и министерот за одбрана Џим Матис го советувале претседателот Трамп да го задржи договорот.
„Лоша идеја"
Да се прекине договорот е „лоша идеја", оценува „Лос Анџелес тајмс". Според нив нема многу надеж дека Трамп ќе го остави договорот на сила. „Тука имаме криза која - што е многу невообичаено - однапред може да си ја пишеме во агендата", се вели во весникот. Според нив, почетокот на кризата би бил во октомври - времето кога Трамп ќе се произнесе за договорот. Постапките на Трамп ги опишуваат како „Алиса во земјата на чудата: прво пресуда, после докази."
Но, Трамп за неговата позиција има и влијателни поддржувачи. „Не мислам дека имавме многу корист од договорот", вели републиканскиот пратеник Том Котон. „И да се укине, не ми претставува голема грижа". И други слично размислуваат, но бираат порафиниран пат. „Да се прекине договорот туку така на Иран ќе му даде можност да се постави како повредената жртва, а ќе ги налути и Европејците", вели Марк Дубовиц, основач на конзервативната Фондација за одбрана и демократија. Европејците де факто би биле затекнати ако за ова горливи прашање се најдат ставени пред свршен чин од страна на Трамп.
Затоа Дубовиц предлага „трета варијанта". Официјалните задршки за правната основа за договорот би можеле да се искористат за да се направи еден вид „регистар на помали прекршоци" од страна на Иран. На таа основа на Иран би му се отежнало сè повеќе исполнувањето на договорот.
Спорниот курс на Иран
Трамп повеќепати го критикуваше Иран. Требало да престанат „да поддржуваат терористи и милитанти", изјави при посетата на Израел во мај годинава. Техеран, поддржувајќи ја Хезболах и фактички поддржува организација која во САД и Европа целосно или делумно важи за терористичка организација. Тоа што Иран преку Хезболах допира непосредно до сириско-израелската граница предизвикува најголема загриженост во Америка и Израел.
Сепак е проблематично агресивниот надворешнополитички курс на Иран да се поврзе со договорот за атомска енергија. Иранските власти во тој контекст го посочуваат фактот дека и арапските држави се воено активни и дека масивно се наоружуваат, дури и со помош на САД.
Интересите на Европа
Берлинската Фондација за наука и политика предупредува да не се чепка атомската програма. Во нивна студија за мачно преговараниот Заеднички план за акција се вели: „Предлогот на критичарите на договорот централни точки отпосле да се преговараат е ништо повеќе од бедно маскиран маневар да се урниса договорот. Да се отвори повторно договорот е исто толку однапред осудено на пропаст колку и обидот да се искористи како лост за да се придвижи Иран да ја смени својата регионална политика", се заклучува во студијата.
На Европа не може да и е дојдено до дополнителни тензии на Блиски Исток. Раскинувањето на договорот би можело да загрее други планови за вооружување, па дури и атомско. Исто така би се поттикнало насилството и би се зголемил бројот на бегалци. Иран по ракинувањето на договорот не би имал причина политички да се воздржува и тоа би можело да доведе до уште поагресивен курс.
Од друга страна продолжувањето на атомската програма би можело да ги подгрее апетитите и на другите држави од регионот за нуклеарно вооружување. Ако воопшто би можело, би биле потребни години за да се прекине спиралата на оружување. Тоа исто така значи дека интересите на Америка и Европа во однос на договорот се движат во различни правци.