Трамп користи стари трикови во преговорите за буџетот
Михаел Книге
3 јануари 2019
Првите обиди на американскиот претседател да се постигне компромис со поделениот Конгрес околу замрзнатиот буџет беа типично во стилот на Трамп: скрати ги барањата, посрамоти ги своите соработници и обвини ги демократите
Реклама
Дали ви се случи „дежаву“ откако го изгледавте настапот на претседателот Доналд Трамп и неговата стратегија како да се стави крај на делумното замрзнување на буџетот во неговото прво соочување со поделениот Конгрес? Немојте да се плашите, не ви се случило поматување од алкохолот што сте го конзумирале на новогодишната ноќ. Тоа е - Трамп си е Трамп. На почетокот на преговорите со поделениот Конгрес, во кој повторно се вратија демократите, самопрогласениот главен преговарач Трамп се врати на своето испробано и тестирано сценарио.
На средбата на кабинетот, придружуван од в.д. министерот за одбрана и в.д. министерот за внатрешни работи, тој повторно се заложи за своето долготрајно барање за „голем, преубав ѕид“. А потоа го посрамоти потпретседателот Мајк Пенс инсистирајќи дека нема да прифати ништо помалку од 5,6 милијарди за изградба на ѕидот, иако Пенс – само неколку дена претходно испратен од Белата куќа да разговара со демократите, им рече дека Трамп ќе потпише закон кој вклучува половина од таа сума. На крајот Трамп заврши со тоа што ги обвини демократите за таканаречениот „шатдаун“.
Длабока црвена линија
Ставајќи ваква длабока црвена линија, Трамп го направи бескорисен претходно одржаниот состанок во Белата куќа, на кој се бараше решение со конгресните лидери. Затоа речиси и не беше изненадување што средбата заврши без јасен напредок и „шатдаунот“ (замрзнувањето на буџетот) ќе продолжи. Преговарачкиот стил на Трамп „по мое или никако поинаку" не поминуваше баш добро во Конгресот под контрола на неговата Републиканска партија, а сега уште помалку во Конгрес во кој демократите го контролираат Претставничкиот дом. Но, Трамп е непресметлив во тешкиот процес за она што е реално остварливо и во најдобар интерес на државата. Наместо тоа, главен репер за негово политичко одлучување е тоа што тој мисли дека го сака неговата база на поддржувачи. Тоа го објаснува ненадејниот пресврт на Трамп минатата година, кога одби да го поддржи двојниот пакет за трошење што го усвои Конгресот со очекување дека ќе го потпише. Конзервативните експерти остро го критикуваа договорот и Трамп брзо се откажа.
Спуштање на земја
Трамповата логика да прави сѐ што мисли дека ќе ја задоволи неговата база е објаснување зошто би ги намалил барањата кои тешко би ги постигнал. Зајакнатите демократи немаат намера да му дадат на Трамп пет милијарди долари за потписот со кој ќе си го оствари ветувањето од кампањата. На крајот на краиштата, противењето на ѕидот на Трамп беше клучен изборен двигател за новата класа на прогресивни демократи во Конгресот, кој вклучува многу членови со имигрантско потекло.
Покрај дебати, закани и обвинувања, Претседателот на крај ќе биде приморан да трепка и да се спушти на земја и да ги намали своите неостварливи барања за да се стави крај на делумното замрзнување на буџетот. Кога тоа ќе се случи сѐ уште не се знае. Но, понекогаш сѐ што е потребно за да се активира претседателската акција е прилог на Фокс њуз или повик од лидерот на Турција.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.