1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп, Меј и Европа

Михаел Книге
27 јануари 2017

Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе биде примена од американскиот претседател Доналд Трамп како прв странски гостин. Средбата во Вашингтон нема само симболичко значење.

Kombi-Bild Donald Trump Theresa May

Тоа што новиот американски претседател како прв гостин во Белата куќа прима британски премиер, не е ништо невообичаено. Двете земји делат заедничка историја и традиционално имаат слични погледи на настаните во светот, поради што американско-британските односи се сметаат за посебно блиски. Но, точно е и тоа дека на ова толкување во Лондон му се дава поголема тежина отколку во Вашингтон.

Фактот што во оваа прилика станува збор за Доналд Трамп како американски претседател, и за Тереза Меј како премиер, сепак дава посебен акцент на досегашната уиграна рутина меѓу двете земји.

Трамп не само што јавно го поддржуваше излезот на Велика Британија од ЕУ, туку својата победа на американските претседателски избори ја претстави како еден вид американска верзија на Брегзит. Меј пак, се наоѓа пред тешка задача да ја издвои Велика Британија од ЕУ. На таков начин, двајцата политичари се наоѓаат во посебна релација.

Заеднички интереси

„Мислам дека двајцата имаат силен интерес за добар исход на нивната средба“, вели Џејмс Голдгајер, експерт за американската надворешна политика, во разговор со Дојче веле: „Дури и ако на дневниот ред не се наоѓаат суштински теми, може да се претпостави дека средбата оптички ќе остави добар впечаток. Таа ќе ги отсликува посебните односи на двете земји, тоа им е важно на двајцата политичари.“

Конкретни одлуки тешко дека може да се очекуваат, зашто Трамп на функцијата е едвај една недела и сѐ уште е зафатен со формирањето на својот владин тим.

Но, се очекува Трамп и Меј да ја потенцираат својата намера за склучување договор за слободна трговија меѓу САД и Велика Британија, што е во обостран интерес. Трамп веќе изјави дека Обединетото Кралство нема да стои на опашката на редицата за чекање трговски договор со САД.

Меј, која се залага за тврд британски излез од ЕУ, нема да биде почестена само со раскошен прием во Овалната соба, туку дома ќе се врати веројатно и со извесноста дека администрацијата на Трамп радо ќе склучи нов трговски договор со Велика Британија.

Трамп сака нови трговски договориФотографија: Reuters/K. Lamarque

Ублажување на Брегзит-болките

„Ако Меј успее да постигне напредок во уредувањето на трговските односи, тоа може да се одрази на таков начин што Брегзитот ќе боли помалку“, вели Ден Рајтер, политиколог на Универзитетот Емори во Атланта. САД се голема и, соодветно на тоа, значајна земја во улога на трговски партнер.

Притоа, од второстепено значење би било тоа што до фактичкото склучување на договорот ќе поминат неколку години. Пред дефинитивно да ја напушти ЕУ, Велика Британија не може да склучува нови трговски договори. Тоа е предвидено со Европските договори.

Значи, средбата на Трамп и Меј е во функција на сигнал кон домашната публика на двете страни, но нејзиното значење не се исцрпува тука.

„Средбата има симболичка, но истовремено и реална вредност“, вели Теодор Бромунд, експерт за англо-американски односи во Фондацијата Херитиџ од Вашингтон.

Не сите Британци се одушевени од БрегзитотФотографија: picture-alliance/AP Photo/F. Augstein

ЕУ? Неважна!

„САД веројатно ќе раскрстат со својата досегашна политика, заземајќи рамнодушен став кон Брисел“, претпоставува Бромунд. Фактот што американскиот претседател ја прима британската премиерка во овој момент е силен сигнал за значењето кое владата на Трамп ѝ го придава на Велика Британија и истовремено каков е ставот кон ЕУ.

Таквиот став кон Брисел, би било поместување на акцентот, зашто обединета Европа и продлабочена европска интеграција досега беа традиционални столбови на американската надворешна политика, и тоа независно кој владееше во Белата куќа. 

Но, посетата на Меј не содржи само порака кон ЕУ, вели Рајтер: „Новите американско-британски односи се во контекст на целосно ново вреднување и регулирање на односите на САД кон многу земји во светот. Посетата сигнализира дека Трамп го одбива начинот на глобализација за кој се залага ЕУ. Наместо тоа, тој ги симпатизира политичките водачи кои го делат неговиот поглед кон светот.“

Очекувања од Ангела Меркел

Суштинското прашање е дали Трамп ќе го смени своето досегашно мислење, според кое ЕУ е непотребна заедница. Но, можно е тој да ги поддржува и земјите кои исто така сакаат да ја напуштат ЕУ или кои засилено вртат кон поголем национализам“, вели Голдгајер: „Доколку е така, тоа би било подеднакво неповолно за САД и за ЕУ.“

Со оглед на досегашното сфаќање на Доналд Трамп за Европа, сега многу нешта зависат од германската канцеларка Ангела Меркел, истакнува Голдгајер: „Кога првпат ќе се сретне со Трамп, таа треба да му помогне тој да ја сфати историјата и начинот на функционирање на ЕУ. Истовремено, мора јасно да му стави до знаење зошто е Европа толку важна за САД.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми