Американскиот претседател, откако севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун им се закани на САД со атомското копче, изјави дека неговото е поголемо и помоќно.
Реклама
Американскиот претседател повторно ја заостри реториката кон севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун. Откако Ким во новогодишниот говор со зборовите „атомското копче ми е постојано на дофат на раката на мојата работна маса“, упати закани до САД, Доналд Трамп на Твитер напиша: „Ве молам, дали некој од неговиот осиромашен и изгладнет режим ќе го информира дека и јас имам атомско копче, но многу поголемо и помоќно од неговото, а освен тоа, моето функционира!“
Во новогодишниот говор Ким Јинг Ун го повтори тврдењето според кое целокупната територија на САД е во акционен радиус на севернокорејското атомско оружје, што како што истакна, „не е празна закана, туку реалност“.
Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли, кратко пред твитот на Трамп, ја предупреди Северна Кореја да не врши натамошни ракетни тестови, со оглед што курсираат извештаи за наредна планирана ракетна проба. „Се надевам дека тоа нема да се случи. Но, доколку сепак дојде до тоа, ќе мораме да преземеме уште построги санкции против севернокорејскиот режим. САД никогаш нема да ја прифатат Северна Кореја како атомска сила“, изјави Хејли во Њујорк.
По најновиот севернокорејски тест на интерконтинентална ракета на крајот на ноември, Советот за безбедност на ОН кратко пред Божик ги заостри санкциите против Пјонгјанг, во нив се предвидува натамошно ограничување во лиферувањето на нафтени деривати во Северна Кореја.
Ким Јонг Ун во новогодишниот говор, освен заканите на адреса на САД, упати и помирливи тонови и на Јужна Кореја ѝ понуди дијалог за деескалација на тензиите на Корејскиот Полуостров. Сеул реагираше со прифаќање на понудата и предлог првата средба на претставниците на двете страни да се одржи веќе на 9. јануари.
За што е способна севернокорејската армија?
Северна Кореја повторно го привлекува вниманието на светската јавност. Тестирањето на интерконтиненталните ракети наидува на остри критики. Земјата има една од најголемите армии во светот. Но, продолжува да се вооружува
Фотографија: Reuters/KCNA
Меѓу најбројните армии во светот
Севернокорејската армија има 700 илјади војници и околу 4,5 милиони резервисти. Речиси секој петти жител на земјата е во војска. Сите мажи во комунистичкиот режим мораат да учествуваат во воената обука. Поради тоа, Северна Кореја има двојно повеќе војници од соседната Јужна Кореја.
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Jones
Различни воени орудија
Според податоците наведени во Глобалниот индекс за вооружување, Северна Кореја во 2017 година располага со 76 подморници, 5.025 тенкови и 458 борбени авиони. На оваа фотографија од 2013 година, лидерот Ким Јонг Ун е сликан во командната централа на армијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Воена парада
Севернокорејскиот режим секоја година ја демонстрира својата сила на воена парада во главниот град Пјонгјанг. Парадите воглавно се одржуваат за време на некој важен јубилеј на комунистичката земја или семејството Ким.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Интерконтинентални ракети
САД во четвртокот потврдија дека Северна Кореја успешно тестирала балистичка интерконтинентална ракета. Ракетата од типот „Хвасонг- 14“ е во состојба да ја погоди секоја цел во светот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Фотографија: Getty Images/AFP/KCNA
Атомските проби продолжуваат
И покрај острите санкции, Северна Кореја продолжува со својата атомска програма. Само во 2016 година беа извршени пет нуклеарни проби. Јужнокорејскиот министер за одбрана Хан Мин Ко смета дека соседот наскоро ќе го изврши и шестиот тест.
Фотографија: picture-alliance/dpa/KCNA
Закана за светскиот мир
Кина и Русија се единствените земји кои се водат како сојузници на Северна Кореја. Режимот за главен непријател ја смета „империјалистичката сила САД“. Меѓу непријателите уште спаѓаат и Јужна Кореја и Јапонија.
Фотографија: Reuters/K. Hong-Ji
Крај на трпението?
По тестирањето на интерконтиненталните ракети на американското трпение му дојде крајот. Претседателот на САД, Доналд Трамп сака да најде решение со своите сојузници од Г20. Кина и Русија, во секој случај, сакаат да спречат американски напади врз воени цели во Северна Кореја.