1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп нема стратегија

Сандра Петерсман
23 август 2017

Војната во Авганистан е најдолгата во американската историја. Новиот претседател сака да ја продолжи војната. Колку долго и со каква цел остана непознато и по последниот говор на Трамп, смета Сандра Петерсман.

Afghanistan US Militär Drohnen
Фотографија: Reuters/J. Smith

Нов е само тонот на Трамп: „Нема веќе да се занимаваме со изградба на нацијата. Ќе убиваме терористи.“ Со тоа се одвои од вербалната маскарада на многу западни политичари. И двајцата негови претходници, претседателите Обама и Буш Јуниор, влезот во Авганистан постојано го образлагаа со извоз на демократија и заштита на човековите права, иако и двајцата, во недостиг на политичка стратегија, постојано предност им даваа на воените решенија. Како што сега прави и Трамп.

Континуитет наместо нова стратегија

Трамп стави јасно до знаење дека основен американски интерес е натамошен ангажман во Авганистан. Таму наследил „големи компликувани проблеми“, но тој е „решавач на проблеми“, нагласи Трамп. „И, на крајот добиваме сите“, додаде тој. Притоа, не дефинираше што тоа би значело политички. „Нашите трупи се борат за да победат. Но, сега победата се дефинира јасно: напади врз нашите непријатели, разбивање на исламска држава, уништување на Ал Каеда, спречување на талибанците да го преземат Авганистан.“ За такво нешто ќе му биде неопходна голема издржливост и трпение. Што ќе се случи кога дома повторно ќе се враќаат повеќе ковчези со тела на загинати американски војници?

Трамп не наведе бројки за планираното зголемување на трупите, не зборуваше ниту за временски хоризонт за завршување на мисијата. Рече само: „Нашата стратегија отсега ќе се раководи од реалноста на лице место, нема да има своеволни временски планови.“

Американскиот претседател најави дека сака да ги олабави правилата за ангажирање на американските војници. „Микроменаџментот од Вашингтон не добива борби“, рече тој буквално и додаде дека војниците на фронтот мора да можат да дејствуваат во „реално време“.

Тоа звучи како да ќе бидат ангажирани повеќе беспилотни летала, како да ќе има повеќе борби и престрелки. Звучи како да ќе има повеќе војна и повеќе смрт. САД во мандатот на Трамп се враќаат кон воен ангажман. Тоа нема да им се допадне на партнерите во НАТО. Тие уште пред неколку недели сигнализираа поддршка, но по секоја цена не смее да се создаде впечаток како НАТО да води војна во Авганистан. Но, ваквата шпага нема да може да опстои на подолг рок.

Сандра Петерсман известува редовно од АвганистанФотографија: DW/Becker-Rau

Пакистан - тежок сојузник

Одамна познати се и вербалните закани во насока на Пакистан. „Не можеме веќе да молчиме за безбедните региони за повлекување на терористичките организации, талибанците и останатите групи во Пакистан“, нагласи Трамп. Тоа пред него веќе го имаат кажано и други: Обама, Клинтон, Чејни, Рамсфелд. Сите зборуваа за наводна пакистанска двојна игра на авганистанското воено поле. Се жалеа, се закануваа, понекогаш ги запираа и парите. И, на тоа остана.

Зашто, Пакистан има нуклеарно оружје и е партнер од кој не можат да се откажат. Дури и снабдувањето на американските трупи зависи од Пакистан. Трамп од Пакистан побара „да демонстрира заложба за цивилизација, поредок и мир“. Но, што ќе направи ако Пакистан си ги следи сопствените цели? Ќе воведе санкции? Ќе испрати повеќе беспилотни летала? Ќе ја скрати воената помош? Ќе испрати пораки на љубов кон Индија? Тоа би ја вовело Кина во игра многу повеќе отколку што тоа беше случај досега.

Ќорсокак

И, најдоцна тука паѓа в очи дека Трамп не извлече ас од ракавот, дека нема политичка визија која го опфаќа целиот регион. Тоа беше кардиналната грешка на почетокот на американската инвазија пред 16 години. Авганистанското борбено поле беше и е преполно.

Не станува збор само за Пакистан. И Индија, Иран, Русија, Кина и Саудиска Арабија си следат сопствени интереси. Сите бараат и наоѓаат сојузници во Авганистан. Алијансите не се цврсти, секогаш станува збор за сопствената предност. Многу актери се дестабилизираат меѓусебно, Авганистан со децении е место каде се водат идеолошки и посреднички војни.

На странските актери им оди во прилог што Авганистан по речиси четиридецениска постојана војна е политички, социјално и етнички фрагментиран. Западната интервенција пред 16 години се вмеша во нерешена граѓанска војна. Во Кабул нема влада на национално единство. Сојузот на претседателот Гани и раководителот на владата Абдула има длабоки пукнатини. Вицепретседателот Достум ја напушти земјата за да избегне истрага за наводно киднапирање и силување на политички ривал.

Корумпирани кралеви како наводни стабилизатори

Регионалните властодршци, како гувернерот Ата од северната провинција Балк, се однесуваат како апсолутни кралеви. Им се може, зашто Западот ги поддржува и финансира како наводни стабилизатори. Таквите кралеви смеат да бидат корумпирани, па дури и да имаат сопствени милиции и да го малтретираат сопственото население. Тоа води кон сѐ поголема дистанца меѓу владата во Кабул и граѓаните и им оди во прилог на талибанците. Културата на неказнивост е гарант за терор.

И претседателот Трамп ќе мора да согледа дека победата во Авганистан не може да се постигне со употреба на бомби. Некогаш, кога и да е, ќе мора да се водат долги, компликувани преговори. Тогаш, кога сите ќе бидат исцрпени. Состојбата денес гласи: нема стратегија! Има продолжување на војната во која никој не може да победи. Теророт секогаш е одговор на политичкиот вакуум.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми