Американскиот претседател Доналд Трамп повторно остро ја критикуваше истрагата за можните врски на неговите помошници во претседателската кампања со Русија.
Реклама
Претседателот на САД објави огромен број пораки на социјалната мрежа Твитер за неговата противкандидатка Хилари Клинтон и за Демократската партија. Реакцијата на Трамп следуваше по објавувањето на информациите дека е издаден прв налог за апсење и обвинение против нeименувано лице во истрагата за мешањето на Русија во изборниот циклус во САД, при што Москва му помогнала токму на Трамп да ја победи Клинтон. Трамп тврди оти обвинувањата за заговор меѓу неговата кампања и Русија се смешни и станува збор за „лов на вештерки".
Тој се обиде вината да ѝ ја префрли на Клинтон, тврдејќи дека има причина да се истражи нејзината улога и оти републиканците стојат обединети зад него... „Целата приказна за Русија доаѓа во момент кога републиканците прават историски чекор кон даночната реформа. Дали е тоа случајно? Не!“, напиша Трамп.
Американските разузнувачки агенции порано утврдија дека руската влада имала намера да му помогне на Трамп да победи на изборите. Но, истрагата е насочена кон проверка дали имало заедничко делување на кампањата за претседател и Русија.
И Москва и Трамп ги отфрлија овие тврдења. Досега се објавени информации за контакти на блиски личности на Трамп со руски официјални претставници.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.