Компромисен предлог: Трамп ќе им го отвори патот за добивање американско државјанство на 1,8 милиони млади имигранти, ако бидат одобрени 25 милијарди долари за изградба на граничен ѕид кон Мексико.
Реклама
Американскиот претседател Доналд Трамп отстапува еден чекор од својата тврда имигрантска политика со предлогот: на сите 1,8 милиони т.н. „дримери“, доселеници донесени илегално како деца во САД, им нуди можност да станат американски државјани. За возврат, Конгресот треба да се согласи на создавање фонд од 25 милијарди долари за финансирање на ѕидот на границата кон Мексико, кој го планира Трамп, и за подобрување на обезбедувањето на границата кон Канада. Истовремено, во предлогот доставен од Белата куќа се бара заострување на правилата за илегално доселување, во прв ред посилни кочници за доаѓањето на семејствата на доселениците во САД. Така, мигрантите во иднина ќе можат во САД да ги доведат само брачните партнери и малолетните деца. Се бара и укинување на Доселеничката лотарија, односно Зелената карта, која на луѓето од различни земји им дава шанса за работна и дозвола за престој во САД.
Својот комплетен предлог, според пишувањето на медиумите, Трамп има намера да го достави до Конгресот во идната недела.
„Мора да се создадат алатки за запирање на илегалното доселување. Нужно е постоење начини за протерување на луѓето кои илегално влегле во САД и служби кои ќе ја штитат националната безбедност“, соопшти претставник на Белата куќа.
Таканаречените „сонувачи“, донесени илегално во САД од своите родители, до март уживаа заштита од протерување и можност да работат или студираат легално, преку декретот на претходниот американски претседател Барак Обама, под името ДАКА. Трамп го укина декретот во септември, но со продолжение до март му даде на Когресот можност да најде соодветно решение.
Граница САД-Мексико: Бетон наместо челик
Ѕидот на границата со Мексико ќе се гради. Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша соодветен декрет. На делови од границата веќе има ограда. Дали сега челикот ќе биде заменет со бетон?
Фотографија: Reuters/J. L. Gonzalez
Трамп има искуство со градење
„На нашата јужна граница ќе изградам голем ѕид. Никој не гради ѕидови подобро од мене и за тој ѕид ќе плати и Мексико.“ Тоа американскиот претседател Доналд Трамп го изјави во текот на кампањата. Досега тој градеше пред сѐ висококатници и хотели. Ѕидот на границата е на прво место на неговиот план од 10 точки во делот на политиката на доселување.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Torres
Крај кој завршува „нигде-никаде“
Границата меѓу САД и Мексико е долга околу 3.200 километри. Од нив со жица се обезбедени околу 1.100 километри. Границата минува низ четири американски и шест мексикански сојузни држави, минува низ пустина и големи градови. Поради лошата пристапност, еден мал дел од границата во Њу Мексико е отворен. На други места пак патролираат службеници за заштити на границата.
Фотографија: Reuters/M. Blake
Несовладлив челичен џин
Бројот на илегални доселеници во САД се проценува на околу 350.000 годишно. Голем дел од нив доаѓаат од Мексико. Дел од доселениците од Мексико се толерираат. Од друга страна, мексиканските семејства не добиваат виза. Доселениците си посакуваат подобар живот, работа и повеќе пари за своите семејства.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Zepeda
Само мал допир
Семејствата живеат разделени со ограда. Прегратка не е можна. Во најдобар случај низ челичните шипки може да се протне рака. Ако Доналд Трамп го оствари најавеното, тогаш наместо челик овде ќе има бетон. Тогаш и мал допир нема да биде можен.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress/J. West
Од изолација до предрасуди
„Кога Мексико праќа луѓе, тогаш не ги испраќа најдобрите“, рече Трамп во текот на кампањата. „Испраќа луѓе кои прават многу проблеми. Тие носат дрога, злосторства, силувачи. Некои, би рекол, се и добри луѓе.“ Трамп сака да ги протера илегалните доселеници, барем оние кои се со криминално досие. Сепак, и покрај заканите, многу Мексиканци не се откажуваат од своите планови за бегство во САД.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Bull
Пустина, граница и назад
За некои Мексиканци сонот завршува на границата. Тие завршуваат в затвор. Други за илегално минување преку границата плаќаат со својот живот. Медиумите критикуваат дека безбедносните сили пукаат преку границата. Дури во 2015 година за тоа првпат е обвинет припадник на американската погранична служба.
Фотографија: Reuters/D.A. Garcia
Со сачмарка против непожелните гости
Џим Чилтон, американски фармер, во патрола низ својот имот. Неговата фарма на површина од 200.000 квадратни метри на југоистокот од Аризона граничи директно со Мексико. Помеѓу има само бодликава жица. Чилтон се смета себеси лично одговорен за безбедноста и одвреме-навреме посега по сачмарката.
Фотографија: Getty Images/AFP/F.J. Brown
Чуден крај
„Тортиља ѕид“ е потценувачкиот назив на 22,5 километри долгиот дел од границата меѓу Отеј Меса Бордер Кросинг во Сан Диего (Калифорнија) и Пацификот. Оградата завршува во водата. За да се побегне на другата страна е доволно само да се исплива околу оградата.