Трамп - прекршување на уставот или лов на вештерки?
Оливер Салет
26 септември 2019
Како и за извештајот за руската афера на Роберт Мулер, Демократите и Републиканците и сега се борат со нивните толкувања за она што го направи Доналд Трамп. Но, овој пат доказите се појасни, смета Оливер Салет.
Реклама
Толку децидна не била никогаш: Претседателот Трамп го прекршил Уставот на Соединетите Американски Држави, вели Ненси Пелози. А овојпат спикерката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес е сигурна во тоа, иако со месеци предупредуваше дека се потребни цврсти докази за постапка за импичмент. Она што следува сега е случај Мулер 2.0, односно сурова борба за суверенитет на толкувањето на еден телефонски разговорот со огромна политичка експлозивност.
Ризикот за демократите е голем
Но, Мулер 2.0 може да биде и втора шанса за Демократите. Обвинувањето за злоупотреба на службената должност против претседателот Трамп овој пат не може лесно да се демантира и да се побие со вообичаената „реторика за лов на вештерки“.
Самиот Трамп призна пред новинарите дека побарал инкриминирачки докази против синот на неговиот ривал, Џо Бајден и во протоколот на телефонскиот повик прилично јасно може да се прочита дека Трамп замолил странски шеф на држава да спроведе истрага против неговиот политички противник - ова е злоупотреба на службената должност.
Но, претседателот Трамп непоколебливо инсистира на својот став. Нема ништо дискутабилно околу неговиот телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој знае дека досега сите обвинувања на Демократите и на специјалниот иследник Роберт Мулер беа отфрлени. Демократите веруваат дека во овој случај тоа би можело да се промени.
Едно е јасно: ризикот за Демократите е голем. Како и по објавувањето на извештајот на специјалниот истражител Роберт Мулер, претседателот Трамп се обидува постапката за импичмент да ја брендира како очајнички обид на Демократите да го тргнат од тронот. И на Твитер, тој се огласи победнички: Постапката за импичмент ќе го обезбеди неговиот реизбор.
Лоши резултати во анкетите за Трамп
Всушност, записникот од телефонскиот разговор со украинскиот претседател навистина јасно покажува дека Трамп овој пат отишол предалеку. Истрагите не само што ќе се фокусираат на ова, туку уште еднаш во јавноста ќе ги изнесат и обвинувањата од извештајот на Мулер, како на пример попречувањето на работата на судството.
Иако мнозинството Американци во моментот се против постапка за импичмент, сепак е јасно дека Доналд Трамп веќе сега губи во анкетите во директната споредба со повеќето демократски кандидати - од Џо Бајден, кој ја води скалата на популарност, дури и значително.
Демократите не можат да победат во постапката за импичмент благодарение на републиканското мнозинство во Сенатот - на крајот веројатно ќе претрпат јасен пораз. Но, и не мора да победат. Имено постапката за отповикување од функцијата, со сигурност нема Доналд Трамп да го направи попопуларен претседател.
Да, тоа е истрошувачка борба, која, меѓутоа, долгорочно, може да им користи на Демократите. Зашто една година пред изборите, токму Доналд Трамп е тој кој сѐ повеќе се истрошува себеси: и тоа не само поради извештајот на Мулер и телефонскиот повик во Украина. Заканувачката рецесија во САД би го погодила токму таму каде што е најранлив - и би додала нова релевантност на стариот изборен слоган на демократите: It's the economy, stupid!
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.