Кандидатот за американски претседател Доналд Трамп е под огромен притисок и принуден е да се извинува. Причината е видео-снимка од 2005. година, објавена од страна на „Вашингтон пост“.
Фотографија: Reuters/M. Segar
Реклама
Два дена пред втората ТВ-дебата, кандидатот за американски претседател Доналд Трамп е под огромен притисок поради видео-снимка на која тој зборува вулгарно за жените. Човекот кој во кампањата досега зборуваше сѐ и сешто, а сепак за ништо не се извини, сега е приморан да го стори тоа. „Зборував и правев работи за кои жалам“, рече контроверзниот милијардер ноќеска во видео-порака. „Секој што ме познава знае дека тие зборови не се одраз на она што јас навистина сум“, тврди Трамп и додава: „Го реков тоа, тоа е погрешно и се извинувам.“
Неколку часа претходно „Вашингтон пост“ објави видео од 2005 година, на кое Трамп со вулгарен тон се фали дека како ѕвезда може да ја има секоја жена.
Милијардерот, кој во тоа време веќе беше оженет со сегашната сопруга Меланија, раскажува како се обидувал да заведе некоја друга жена: „Ѝ се додворував, но не успеав.“ Натаму доаѓа делот кој е исклучително вулгарен. Трамп се обидел, како што вели, „да ја е..м“ и „таа беше имажена“. Во меѓувреме, жената чиј идентитет останува тајна, „тотално го има променето изгледот“. Описот на Трамп гласи: „Сега има големи вештачки ц...и и сѐ.“ Фалењето на Трамп не застанува тука. На видеото се слуша како тој „автоматски“ е „привлечен“ од убави жени. „Едноставно почнувам да ги бакнувам (...) Не чекам. А, кога си ѕвезда, тие ти дозволуваат. Можеш да правиш сѐ.“ Тој тврди дека можел дури и да ги допира жените меѓу нозе, а тие му дозволувале.
Во својата видео-порака на извинување, Трамп сега нагласува дека никогаш не велел оти е перфектен, но ветува дека ќе се подобри. Истовремено, републиканскиот кандидат жестоко ја напаѓа својата ривалка Хилари Клинтон и нејзиниот сопруг Бил Клинтон. „Имам кажано некои глупави работи, но има голема разлика меѓу зборовите и делата на други луѓе“, вели Трамп. Според неговите зборови, Бил Клинтон „навистина злоставувал“ жени, а неговата сопруга ги „застрашувала, напаѓала и бламирала“ жртвите.
Непопуларните згради на Трамп низ светот
Огромното портфолио на недвижности на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трaмп му донесе многу пари, но и главоболки. ДВ прави критички осврт на дел од зградите на билионерот.
Фотографија: Getty Images/O.Kose
Големата сенка во Лас Вегас
Во октомври 2015 година, Демократската партија својата прва ТВ дебата мораше да ја одржи буквално во сенката на Трамп. Над луксузниот Вајн резорт во Лас Вегас каде се одржуваше ТВ дуелот, високо стои „Интернационалниот хотел и кула Трамп“. Тогашниот републикански претседателски аспирант се осигура дека неговото име ќе добие дел од вниманието. Комплексот Трамп е трета највисока зграда во градот.
Фотографија: Getty Images/J.Raedle
Отпор во Чикаго
Граѓаните на Чикаго се спротивставија на истакнувањето на името на Трамп на зградата на тамошниот „Хотел и кула Трамп“. Градоначалникот Рам Емануел го нарече потегот „нападен и без вкус“ и се обиде да го забрани поставувањето на големите букви на зградата. Сепак, пет години подоцна, Трамп успеа да го постави своето име на 16-от кат. Неговата зграда го зазема поранешното место на Чикаго Сан Тајмс.
Фотографија: Getty Images/S. Olson
Скандал во Атлантик Сити
Зградата Таџ Махал во Атлантик Сити, Њу Џерси беше комплетирана во 1990 година и чинеше 1 милијарда долари. Трамп беше на чело на хотелот и казиното речиси 25 години, но во 2014 година дојде на работ на банкрот. Тогаш комплексот беше преземен од „Ајкан Ентерпрајзес“ кои го задржаа името. Неговиот сестрински хотел, Трамп Плаза на истата улица, подоцна мораше да биде затворен поради несолвентност.
Фотографија: Getty Images/W.T.Cain
Гордоста на Трамп
За „Кулата Трамп“ во Њујорк кружат гласини дека е гордоста и радоста на Трамп. Кулата на 5-та Авенија, освен што претставува седиште на кампањата на Трамп за изборите, е и дом на повеќе добро познати станари. Меѓу нив се фудбалската легенда Кристијано Роналдо, актерот Брус Вилис и композиторот на театарска музика Ендру Лојд Вебер. Трамп и неговото семејство исто така живеат во луксузната кула.
Фотографија: picture-alliance/AA
Контроверзно обележје на Њујорк
Со простран атриум кој зафаќа шест катови исполнет со мермерни и златни детали, некои њујорчани ја сметаат „Кулата Трамп“ на 5-та Авенија за пример за лош вкус, додека други ја доживуваат како елегантна и безвременска. Ентериерот е дизајниран од Едвард Барнс Лараб, а екстериерот од Дер Скут. „Кулата Трамп“ е магнет за љубителите на модерната архитектура и секако, за фановите на Трамп.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S.Reboredo
Бедата и сјајот на Панама Сити
„Океанскиот клуб Трамп“ во Панама Сити вклучува хотел, 700 апартмани и клуб за јахти. Највисоката зграда во Латинска Америка е препознатлива во регионот по нејзината уникатна форма. Оваа зграда наиде на критики поради тоа што се наоѓа веднаш до сиромашна населба, а тешко е да се најдат и станари. Но, Трамп веќе го продаде брендот на инвеститорот Роџер Кафиф и не изгуби пари на имотот.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Arangua
Шкотски отпор
„Најдобриот голф терен на светот“, вака Трамп го нарекува неговиот „Голф терен Трамп“, кој е лоциран во близина на Абердин, Шкотска. Сепак Доналд Трамп беше запрен да го прошири својот голф терен од страна на локалниот фармер Мајкл Форбс кој до денес одбива да му ја продаде неговата земја која се граничи со резортот.
Фотографија: Getty Images/J.-J. Mitchell
Ердоган против Трамп
„Трамп кулите“ во Истанбул се првите згради на Трамп во Европа и се познати поради нивните огромни вински визби. Во последно време имаше повици да биде отстрането името на Трамп од висококатницата. Ставовите на Трамп за исламот предизвикаа голем број на муслимани во Турција да го сменат мислењето за него, меѓу нив е и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Фотографија: Getty Images/O.Kose
8 фотографии1 | 8
Трамп најавува дека темата и натаму ќе ја отвора во текот на кампањата и додаде: „Ќе се видиме на дебатата в недела.“ Тој и Хилари Клинтон утре го имаат вториот телевизиски дуел.Победник од првата дебата, според општите проценки, беше Хилари Клинтон. Сега објавената видео-снимка го турка Трамп натамошно во дефанзива. Видеото ,кое е снимено пред повеќе од 10 години, предизвика големи бранувања во САД. од Трамп се дистанцираа и водечки политичари на републиканците, чија најважна целна група се христијаните кои се строги верници. За денеска закажаниот заеднички настап со моќниот претседател на Претставничкиот дом, Пол Рајан, е откажан. Дел од републиканците, меѓу нив и поранешниот гувернер на Јута, Џин Хантсман, побараа Трамп да се повлече од трката.